[Став] Свој на своето

Стојам на семафор, од едната страна слушам „Че си одам викендов, срејча па си најдов превоз“, од другата па „Куде да иду, не ми се исплати“. Ја кревам главата и ја гледам веќе добро познатата слика. Неколку млади брзаат на факултет, дојдени од Прилеп, Куманово или мое Тетово. Јасно ми е веќе, истата судбина и нив ги стасала. Незадоволни од условите кои ги навјасале во нивниот град, одлучиле да го напуштат истиот и да дојдат во „градот на солидарноста“, кој беше проектиран за околу 400 илјади жители.

Ако имаш поголема визија, а нели си од „провинција“ – мора да делуваш.  Да го оставиш вистинскиот поим на зборот ДОМА, што не е соба со четири  ѕидови – тоа е улицата  на која и да не сакаш, сите ги познаваш. Тоа е звукот на старите булевари, изедени од времето кои не ги дочекале тие ,,следни избори” за да бидат заменети со нови.  Дома е и матната Пена и големиот Вардар кој стана ,,главна” канализација. Дома е и Шара која малте не распукала од неправдата над нејзиното чедо, резултирана од црнилата на црвената постава. Сакал или не, сето ова е ДОМА бидејќи, какво е такво е, ама твое е.

И така, со куфер полн спомени, одиш во Скопје, надевајќи се дека таму ќе најдеш нешто што во родниот град го нема. Велат надежта последна умира, ама искрено се надевам, дека сите ние што дојдовме тука нема да ја доживееме приказната со Годо.

Но, што добиваме тука? Гужви, бучава, бескрајни редици луѓе што исто така дошле во потрага по подобро утре.

Да, има поголем избор на факултети, повеќе работни места, повеќе шанси за учество во разни организации. Со еден збор ШАНСА за подобра иднина. Да бидеш виден, слушнат и препознаен.

Нели ќе беше убаво сето ова да го имавме и дома кај нас. Да се гордееме дека цветаме во нашиот град, дека и тој заедно со нас се подобрува.

А пак лошото менаџирање на ресурсите доведува до недоволно добар рамномерен развој во градовите, кои навистина можат да се подобрат.  Како во Штип, што можеше да се рализира Карго аеродромот, кој ќе послужеше многу на граѓаните и летовите кои поради магла или слично ќе се пренасочуваа таму, а не во Приштина.

Како што имаме дури 4 апелациони суда, може да располагаме со 4 регионални клинички центри, кои ќе го заживеат јавното здравство.  Со тоа и поголем број лекари и специјалисти надвор од Скопје. Или први сме за судење, а лечењето нека остане во втор план.

Предлагам и подобрување на патната мрежа и поврзаноста меѓу градовите. Со што ќе се олесни животот, на нас од страна – кои секојдневно сме во движење. Со тоа ќе растерети и гужвата низ Скопје, и можеби тогаш конечно Скопје, за скопјани ќе стане ДОМА.

А, заедничкото на сите нам е тоа што Македонија може да ни стане дом кој цвета, бидејќи сите градови во неа имаат потенцијал за многу нешта.

Како Тетово кој може да стане индустриски центар и инкубатор на многу иноватори. Прилеп – Град на тутунот, но и на стартапите. Струмица – Агро-економски центар, кој сигурно ќе ја крене цената и редовноста на субвенциите на младите земјоделци низ целата држава.

Морам да го споменам и туризмот  во градовите кои се скоро заборавени како Преспа, Кратово, Крушево, Битола… и да… уште многу можам да набројувам, бидејќи ние располагаме со преголеми богатства, кои за жал не знаеме добро да ги искористиме, ама со тоа листата ќе нема крај.

Затоа да започнеме од некаде, бидејќи само така младите ќе останат, градовите повторно ќе заживеат, а Македонија ќе биде многу повеќе од еден пренатрупан главен град.

Стефани Милошевска, студентка на прва година студии по односи со јавност, при „Јустинијан Први“ во Скопје

*Ставот на Милошевска првично беше наменет за ораторска вечер во вид на говор
**Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.