Од рана возраст бев фасциниран од тетоважите. Доаѓам од семејство каде никој нема тетоважа и да видам многу истетовирана личност на плажа или на базен беше како средба со нешто егзотично. Во тоа време немаше интернет, немаше ТВ шоуа за тетоважи и многу малку литература на таа тема. Се сеќавам дека се претплатив на магазин наречен Body Art. Тоа е импресивно списание, а моето образование за тетоважите започна таму.
Тетовирањето беше возбудливо тогаш, назад во доцните 80-ти. Да се стапне во студио за тетовирање беше еден вид иницијација. Првата тетоважа која ја направив беше келтски мотив кој го дизајнирав самиот, а на мојата лева надлактица беше нанесена во едно многу мачо моторџиско студио.
Како што се вклучував повеќе на сцената и како што добивав сѐ повеќе тетоважи, се отвораа прозорци во овој таен свет, а понекогаш и врати. Станав добар пријател со неколку тату артисти и гледајќи ги делата кои ги дизајнирав за себе, моите пријатели ме охрабрија да почнам да тетовирам. Го послушав нивниот совет и тоа стана моја работа.
За многу луѓе, сега повеќе од кога и да е, тетовирањето е работа од соништата и јасно ми е зошто. Уметниците можат да се облекуваат како што сакаат. Кога ќе се здобијат со контакти и вештини, можат да работат било каде во светот. Работата е креативна. Уживаат во висок статус во областа, без оглед дали станува збор за уметник од мал град во провинцијата на Британија, или кул уметник познат на Инстаграм кој работи во Хекни или Креузберг. Платата е добра.
Сѐ од она што напишав погоре е вистина. Но, точен е и фактот дека цртањето тетоважи ќе ви донесе проблеми со грбот, вратот и рамениците, а ќе ви ги оштети и зглобовите. Тату артистите исто така поминуваат часови во интимен контакт со луѓе кои имаат чудни хигиенски навики.
Муштериите знаат да бидат безобразни, на граница со насилство. Сум добивал закани за физичко насилство кога сум одбивал да тетовирам нечие лице, два пати, на личност под дејство на алкохол. Ако клиентите не се безобразни, можат да бидат поглупави од тоа што можете да го замислите. Еднаш требаше да ѝ објаснам на млада жена од околу 20 години дека да го истетовира името на нејзиното момче со кое е во врска две недели на препоните, не е баш добра идеја. Мој колега ѝ ја направи тетоважата откако јасно ни посочи дека ако ние не го направиме тоа, ќе најде некој кој ќе сака. Врската не траеше долго – се врати да ја отстрани тетоважата неколку месеци подоцна.
Иако е точно дека вреден тату артист може да заработи пристојна живеачка, мислам дека повеќето клиенти и потенцијални артисти не разбираат како функционира финансискиот дел на работата. Вообичаено, тату артистот зема процент од тетоважата, а околу 40-50 посто од парите одат на студиото. Даноците, одморот и боледувањата се плаќаат од преостанатите 60 посто. Ако се земе предвид времето потрошено за подготвување на дизајнот, и (често неплатеното) време поминато како калфа ни дава пореалистичен поглед на заработката на тату артистот. Бидејќи сме платени според дневната заработка, добар ден може да ни донесе 500 фунти, а лош – ништо. Секако, повеќето денови се некаде измеѓу.
Креативната страна на тетовирањето е исто така често преценета. Многу уметници се наоѓаат себеси заробени меѓу истите клише и сентиментални дизајни ден по ден. Лично, јас мразам сѐ што нема имагинација или мистерија, како тетоважи поврзани со фудбал, патриотизам, текстови од песни и имиња. Порадо би ги одбил и би изгубил пари, отколку јас да ги направам.
Има многу талентирани уметници кои ги поместуваат границите и ја носат уметничката форма во нови и возбудливи правци, но ова е генерално ограничено на неколку студија кои работат во културно подинамични места. Ова не ја застапува реалноста на работењето во едно од стотиците студија низ Велика Британија. Тетовирањето во Британија се случува на „високите“ улици, крај фризерските салони и студијата за акрилни нокти, за да стане само уште еден дел од нарцисистичката култура на 21-виот век опседната со селфија.
Најголемата промена, која за мене е и најлоша, е што гледам дека тетовирањето е прифатено во мејстрим заедницата. Тетоважите го изгубија аутсајдерскиот статус. На тетовираните луѓе веќе не се гледа како на луди, лоши и опасни. Нова тетоважа значи малку повеќе од неколку лајкови на Инстаграм. Ја носи сета опасност како и маичка со Sex Pistols закачена на излог во Topshop. Како и другата движечка сила на бунтот, рокенролот, телесната уметност е сведена на неважност.
Благодарен сум што ја работам оваа работа, но сѐ повеќе сум заглавен во неа. Моментално пишувам роман. Можеби не е најбезбеден кариерен избор, но има слично ниво на лична слобода.
Тетовирањето е како грдо, погрешно разбрано и вознемирувачко суштество кое живее на дното на океанот и кое со години е предмет на легенди и гласини. Одведете ја оваа груба и деформирана наказа на природата на површината и ќе умре. Подобро така, отколку да остане во длабочините.
Анонимен тату артист за Guardian