Нашата социјална реалност укажува дека живееме во меѓусебна етничка ексклузија. Културата ни е една од малкуте преостанати допирни точки потребни за мултиетнички хармоничен соживот, кој ќе пркоси на сите етноцентрични поларизирачки наративи.
Македонската театарска сцена е една од уметностите која е силно погодена од современите општествени предизвици во државата – од погубна деприоритизација од страна на политиката, до современиот специфичен вкус на широката публика. Што му е потребно на театарот, кој е огледало на културниот развиток на едно општество, да ги прикаже автентично и реалистично предизвиците и поделбите во нашето општество? Може ли притоа да остане слободно засолниште за сите страствени љубители на културата без разлика на етничката припадност?
Како функционираат македонските театри во време на етничка ексклузија?
Македонскиот, албанскиот и турскиот национален театар би требало да се предводници на инклузивноста и плуралноста во националниот театарски простор. Популаризација и промоција на сопствената театарска култура, се всушност возможни кога се собира етнички различна публика. Основни услови за тоа се атрактивни претстави со техничка можност за превод во режим на реално време. Со таа намера, сите три театра образложија дека имаат разнообразен репертоар со превод на македонски (за Албанскиот и Турскиот театар) или англиски (во МНТ) на проектно платно. Мила Анѓеловиќ – PR на МНТ, посочува дека технички капацитети за превод, хонорари за преведувачи и лектори, програмска разновидност, се е веќе разработена шема на театрот, за претставите да може да се следат непречено во било кое говорно подрачје. Но, финансии за таква инклузивна реализација нема доволно. Со други зборови, нема пари да се ангажира човек кој ќе биде одговорен за преводот. Анита Латифи, раководителка на администрацијата на Албанскиот театар истакна дека хонорар за превод на цела претстава, доколку е нова, може да чини и илјада евра, што не е приоритетно за театарот кога треба да ги оптимизира трошоците и да успее да покрие меѓу другото и сценографија и костимографија.
Министерството за култура со буџетот за 2023 и 2024 година, докажа дека културата не е приоритетна за државата, туку е малтене последно дупче од кавалот. Со остриот недостиг на финансии, од Македонскиот и Албанскиот театар велат дека се екстремно лимитирани во просторот за уметничка експресија и претежно вклучуваат само тоа што веќе докажано е атрактивно за широката публика – жанрот комедија, па макар и таа да се врти во репертоарот со години. Преференцата на публиката се покажува преку посетеноста – за комедиите се бара билет повеќе, се останато се игра во полу-празна сала и набрзо се отстранува од репертоарот. Бобан Алексоски, театарски и телевизиски актер, поентира дека самите институции и уметничките управи за посензитивни и предизвикувачки теми неретко велат: тоа не е за пред луѓе.
„Леб и циркус“ – фраза стара две илјади години, а се’ уште релевантна – обезбеди забава за површно да се смири јавното незадоволство. Со пребирливиот пристап кон составување на уметничката програма, се губи есенцијата на театарот – да го заземе своето праведно место во културната традиција и животниот стил на секој народ во општеството, без разлика на расна, верска, етничка и друга припадност. Наместо тоа, театрите се мачат со профани проблеми – недостаток на греење, функционирање без потребните човечки ресурси, позајмување едни од други техничка опрема бидејќи се нема своја, согласност на режисерите на минимални хонорари само за да има барем две претстави месечно, а стариот репертоар се врти и се повторува. Министерството за култура, но и широката публика очигледно не ја разбрале длабоката суштинска функција на театарот.
Што може да собере етнички-мешана публика на едно место?
Од Турскиот театар тврдат дека за нивните изведби има голем интерес бидејќи имаат превод на македонски. Анита Латифи од Албанскиот театар посочува дека талентот и уметничката игра на глумците или режисерската работа, создава верна публика од останатите етникуми. Но, истакнува дека само вистински љубители на театарот ќе дојдат дури на веќе видена претстава, само за да уживаат во една поинаква изведба на албански јазик. Анита нагласи дека честопати, етнички разновидната публика се всушност поддржувачи, пријатели и обожаватели на театарските работници без разлика на националноста. Звучни театарски дела, кога текстот е веќе познат, знае да собере и уште повеќе етнички разновидна публика. Во Албанскиот театар се забележува таа „неподнослива леснотија на меѓуетничкото заедничко постоење“ – на пробата за претстојната премиерна претстава на режисерот Милчин, на која накратко присуствувавме, режисерот режираше на македонски, глумците играа на својот мајчин јазик – албански, а ние како публика на премиерата ќе го перцепираме делото на својот внатрешен емоционален јазик. Младите глумци пак, како среќа во несреќа, поради немањето на официјално решение за работа, мораат да се „мешаат“ со други ансамбли и театри и по други градови, за што еден млад глумец кој сакаше да остане анонимен, вели дека тоа е здраво и придонесува кон разбивање на уметничките и личните граници.
Независна македонска театарска сцена: преку неконвенционалност, динамичност и интима до сензитивни теми
„Ние ќе играме театарски дела со или без институционална поддршка“, „сме играле и по пазари и по ливади и во села„ , „ние треба да одиме напред, не да чекаме од државата која не оди напред„… ова се само дел од изјавите кои ги слушнавме од Летечка театарска трупа и Златен Елец – независни театарски групи во Македонија. Со ова се покажува нивната неприкосновена страст кон театарската уметност и пркосот на сите наметнати институционални предизвици. Нивниот начин на функционирање е неконвенционален, динамичен, автентичен, но пред се – интимен. Токму тука и лежи нивната моќ во обработување на осетливи теми кои нема да отвораат стари рани туку ќе дадат нов, иновативен осврт на проблематиката кој ќе го извлече интересот на публиката, како што нагласуваат нашите соговорници.
Владимир Јовановски, режисер и основач на Летечка театарска трупа од Тетово, нѐ упати во нивните претстави наменети за детска публика, каде што се обработуваат не класични теми и стереотипи туку суштински елементи на соживотот во мешовито етничко подрачје како што е Тетово – пријателството, емпатијата, погубноста на ксенофобијата и расизмот. Бобан Алексоски од независниот театар „Златен Елец“, посочува дека се отворени за авторски претстави од темата на националистичките поделби, дискриминацијата и нетрпеливоста, но за тоа би сакале професионално да соработуваат со организации кои се специјализираат во оваа проблематика. Така, забележува Бобан, не би западнале во стапицата на експлоатација на стереотипи, неверодостојност на прикажаното и излитена содржина, што за ваква специфична област би можело да нанесе повеќе штета отколку корист.
Овие теми можат да се обработуваат на најразлични начини, односно не секогаш дискриминацијата и меѓуетничката нетрпеливост да се јасно нагласени како главни мотиви или проблеми. Некогаш е доволно да се претстават ликови од различен етникум и со тоа да се репрезентира разновидноста на нашето општество, а темата да е сосема друга, како што сугерираат од „Златен Елец“. Етнички разноврсен театарски ансамбл е исто така позитивен исчекор, но талентот, трудољубието и љубовта кон уметноста треба да е над било каква припадност, заклучува Владимир од Театарската летечка трупа.
Во разговорот со Бобан забележавме дека проблемот со публиката е сличен како за конвенционалниот така и за независниот театар: наместо за изборот што ќе се гледа да е пресудно што ти кажува претставата, публиката бара кој игра, дали го знаат и дали е комедија. Од Летечката театарска трупа пак, велат дека другите градови и помали места низ Македонија, кои немаат свои театри ниту театарски ансамбли, се толку желни за театарски претстави што интересот за нивните гостувања е секогаш голем. Во тоа и е дополнителната убавина на независната театарска сцена – мобилноста и импровизираната сцена значат и поблизок однос со публиката.
Социјалните мрежи се основниот вид на комуникација со публиката за скоро сите театри. Останува прашањето, би бил ли успехот на театрите поголем доколку се почести теми во медиумското покривање?
Афродита Рамос