[Став] Пандемијата ни покажува дека мораме да го трансформираме глобалниот систем на храна

Нашиот глобален систем на храна, воден од профит и изграден околу месо, нè разболува. Потребно ни е негово радикално реобмислување.

Лилјаци беа. Или панголини. Ова се двата најчесто користени наративи за потеклото на КОВИД-19 и истите укажуваат на проста причинско-последична врска меѓу консумацијата на диви животни во Кина и коронавирусот што го погоди светот.

Д-р Ентони Фаучи, врвен епидемиолог и директор на Националниот институт за алергија и инфективни заболувања на САД, изјави за Фокс: „Вчудовиден сум од тоа како кога имаме толку многу болести кои произлегуваат од таа невообичаена интеракција меѓу луѓето и животните, едноставно не ја запреме“. Неговото мислење го делат сè поголем број политички фигури кои ги издвојуваат т.н. „мокри пазари“ во Кина како виновници за пандемијата. Американскиот републикански сенатор Линдзи Грахам кинеската трговија со егзотични животни ја нарече „одвратна“, а приматологот Џејн Гудал повика на „глобална забрана“.

Меѓутоа, науката и политичката економија кажуваат покомплексна приказна. Главниот двигател на зоонозите (како што е вирусот САРС-КоВ-2 кој се пренесе од животни на луѓе) е индустриското сточарство. Кога производството на храна им се натрапува на дивите живеалишта, се создаваат можности за пренос на патогени микроорганизми на домашни животни и луѓе. Индустриското сточарство размножува и сопствени заразни болести, како што се свинскиот и птичјиот грип, на фарми со пеколни услови (за животните). Тоа, исто така, придонесува кон отпорноста на антибиотици и климатските промени – две појави кои сериозно го влошуваат проблемот.

Потребно е да имаме искрена јавна дискусија за тоа како да ја произведуваме нашата храна. На индивидуален план, мораме да престанеме да јадеме животински продукти. На колективен план, мораме да го трансформираме глобалниот систем на храна и да работиме кон ставање крај на сточарството и враќање на голем дел од светот во неговата природна, некултивирана состојба. Интересно е да се забележи дека многу луѓе кои никогаш не би ја оспориле реалноста на климатските промени, одбиваат да ја прифатат улогата која јадењето месо ја игра во загрозувањето на јавното здравје. Се чини дека консумацијата на месо е општествено прифатена форма на научно негирање.

Истражувачите долго време предупредуваат за последиците од нашиот систем на храна во кој доминираат домашните животни. По избивањето на вирусот САРС во 2003 година, авторите на еден есеј објавен во Американскиот журнал за јавно здравје го изразија своето разочарување дека „промената на начинот на кој луѓето ги третираат животните – најосновно, престанокот на нашата консумација на животни или, во најмала рака, драстичното ограничување на бројот на животни кои ги јадеме – ни приближно не се зема предвид како значајна превентивна мерка“. Во 2016 година, Програмата за животна средина на ОН предупреди дека „добиточната револуција“ е зоонотска катастрофа која чека да се случи.

И покрај сè, консумацијата на месо продолжува да расте. Сега, токму како што експертите предвидоа, јадењето животни се враќа да нè „гризне“.

Ксенофобите му дадоа ново име на КОВИД-19 – „вирусот од Вухан“. Но, реалноста е дека зоонози се појавуваат во целиот свет, и тоа со растечка зачестеност. Шпанскиот грип (1918 година) веројатно почнал да се шири од среднозападна фарма за свињи. Во деведесеттите години од минатиот век, еколошката дестабилизација во југозападот на САД доведе до избивање на хантавирусот Четири агли (наречен по истоимената област во земјава). Вирусите Хендра и Мененгл се именувани по австралиски населени места. Вирусот Рестон од генот ебола го доби името по предградие на Вашингтон. Вирусот Марбург се појави во Германија. Последните две заразни заболувања произлегоа од увезени мајмуни за лабораториски цели. Ова покажува дека Кинезите не се единствениот народ во светот со огромна и опасна трговија со диви животни. САРС, МЕРС и Зика се само три од многуте нови зоонози кои се очекува да пустошат во новиот милениум.

Повикот на Фаучи, Грахам и Гудал за сузбивање на трговијата со „егзотични“ животни е валидно барање, но истото тоа барање го игнорира фактот дека таа индустрија е тесно поврзана со „конвенционалното“ производство на храна. Кинеската влада ги охрабри малите сточари да размножуваат и набавуваат диви животни како компензација за изгубениот пазарен удел пред големите „добиточни“ компании. На сличен начин се зголемило потпирањето на „месо од дивеч“ во западна Африка во седумдесеттите години од минатиот век. Имено, локалните риболовци биле истерани од крајбрежните води од страна на странски риболовни бродови – настан кој довел до избивање на ХИВ и ебола. Проблемот не е желбата на некои луѓе за навидум чудни деликатеси, туку нашиот глобален, воден од профит и изграден околу месо систем на храна.

Како што заканите од зоонози се размножуваат, така борбата против истите станува потешка. Растечката неефективност на антибиотиците е делумно последица од нивната злоупотреба од страна на комерцијалните сточари. Тие тоа го прават со надеж да ги забрзаат стапките на раст (на животните) или како профилактична мерка против ширењето на заразни болести на пренаселените индустриски фарми. Прекумерната употреба на антибиотици ја стимулира еволуцијата на „суперпатогените организми“ како МРСА – бактерија која јаде месо и која денес може да се најде во болници во целиот свет. Тешко се доаѓа до современи решенија како антивирусни лекови и вакцини. Во 2003 година, СЗО соопшти дека најважните техники за контрола на избивањето на вирусот САРС не се најновите лекарства, туку „следењето на контактите, карантинот и изолацијата – сите три стратегии за јавно здравје од 19 век“. Ова е случај и со КОВИД-19.

Нашиот краткорочен приоритет е развојот на вакцина за КОВИД-19. Но, исто така, мораме да започнеме да размислуваме за порадикални мерки со кои ќе се справиме со корените на оваа криза. Потребен ни е поотпорен систем на храна кој ќе биде помалку стресен за планетата и јавното здравје.

За ова се потребни три интервенции. Првата се однесува на елиминирањето на субвенциите за индустриското сточарство и оданочувањето на животинските продукти за вклучување на трошокот од еколошките и јавноздравствените екстерналии, со крајна цел – аболиција на индустријата.

Втората се однесува на поддршка за замена на монокултурниот статус кво со локално и одржливо одгледување на растенија. Мораме да го намалиме притисокот врз почвата и дивиот свет, истовремено создавајќи подобри и побезбедни земјоделски работни места. (Да не заборавиме дека работниците во фабриките за пакување на месо, исто како нивните колеги на „мокрите пазари“, најчесто се првите изложени лица на нови патогени микроорганизми.)

Третата интервенција се однесува на големи, водени од јавноста инвестиции во растителни замени за месо.

Постмесната доба ќе биде поздрава. Сточарските фарми и одгледувањето на култури за исхрана на домашни животни ја прават сточарската индустрија одговорна за окупирање на 40% од светската површина погодна за живеење. На вегански систем на храна ќе му биде потребна само една десеттина од таа земја. Исто така, враќањето на средината во нејзината природна состојба би можело да креира работни места преку програма за јавни работи налик на Граѓанскиот конзервациски корпус на САД (1933-1942). Ова, секако, ќе ги намали и избивањата на нови епидемии преку намалување на контактот меѓу луѓето и дивите животни, како и преку враќање на биодиверзитетот.

Старите навики можат да се сменат. Во текот на последните неколку недели, како што коронавирусот се ширеше и милиони луѓе се засолнија во своите домови, продажбата на грав драстично скокна. Се чини дека луѓето се спремни да јадат мешунки ако тоа е дел од обидот за зачувување на јавното здравје. Ако сакаат да спречат појава на посмртоносна катастрофа, тие ќе треба да го прават ова и откако ќе заврши пандемијата.

Автори:

  • Јан Дуткевич е постдокторски соработник на Кони Каплан во одделот за политички науки на Универзитетот „Џонс Хопкинс“
  • Астра Тејлор е авторка на „Демократијата можеби не постои, но ќе ни недостига кога ќе ја нема“ (нејзиното најново дело)
  • Трој Ветес е историчар за животна средина и истражувачки соработник на Вилијам Лион Мекензи Кинг на Универзитетот „Харвард“

Извор: Гардијан

Превод и обработка:

Ирена Илиева – активистка во иницијативата ВеганЛибриум