Со други зборови, секој втор млад човек планира да си замине. Оттаму е и оправдана грижата на младинските организации кои секоја на свој начин се обидува да алармира за ситуацијата, пишува Блажен Малески, истражувач во НВО Реактор во младинската онлајн колумна на Радио Слободна Европа.
Во последниве неколку месеци темата за младинското иселување е сеприсутна во македонскиот етер. Од една страна прилог за приказни како млади си заминуваат со шокантни процени на Светска Банка за бројот на иселени луѓе од територијата на Македонија (нешто над 600.000 луѓе во временскиот период од 1950 до 2013), од друга страна прилози за тоа како некогаш младите се враќаат во родниот крај и си го нашле местото под сонцето. А државните институции? Па и не кажуваат многу кога ќе ги прашате, но затоа се „штанцаат“ стратешки документи. Стратегија за одлив на стручни кадри, резолуција за миграциона политика и стратегии за млади на национално и локално ниво што констатираат „рапидно заминување на младите“.
Нема што, институциите се загрижени за ситуацијата. Но, очигледно не доволно за било што од наведените стратегии да биде вистински имплементирана со рапидноста потребна за спречување на младинско иселување. Каква е всушност ситуацијата?
Првиот чекор на решавање на секој проблем е точно дефинирање на проблемот и истражување на обемот на истиот. Ние ден денес не знаеме што е проблемот, или уште подобро, воопшто не знаеме колку луѓе ни заминале, каков е нивниот возрасен профил како и образовен профил. Во такви услови едно е сигурно, а тоа е дека ништо од текстовите во институционалните стратегии не е сигурно.
Она што знаеме е дека младите што се тука својата иднина си ја гледаат во странство. Имено, според истражувањата на невладините организации и високо образовните институции на Македонија процентот на млади кои што си ја гледаат својата иднина надвор од нашата држава е на константни 50% низ годините. Со други зборови, секој втор млад човек планира да си замине. Оттаму е и оправдана грижата на младинските организации кои секоја на свој начин се обидува да алармира за ситуацијата.
Една од таквите иницијативи е MiGreat Macedonia воспоставена од страна на Младинскиот сојуз Крушево. Во рамки на иницијативата, во изминатата недела се организираше дебата која што беше во живо проектирана на интернет со цел млади во Македонија и белиот свет да се вклучат со прашања. Притоа бев поканет да зборувам за опфатноста на трендот на младинска миграција во стратешките младински документи на Македонија. Покрај одличните прашања поставени од гледачите, плодната дебата и интересните приказни на младите што заминале, останав со горчливо прашање кое што и неколку дена подоцна ме прогонува. Како и зашто Македонија и покрај 25 години независност се уште не може да им понуди на дел од младите место под сонцето?
Одговорот можеби лежи во тоа што македонското општество во последниве неколку години се почесто личи на сцена од култниот југословенски филм/претстава „Маратонците го трчаат почесниот круг“. Во филмот фамилијата Топаловиќ е растресена. Имено, најмладиот член на фамилијата е незадоволен од дејноста на фамилијарниот бизнис (погребални услуги), при што тој сака да се бави со она што него го исполнува, а не со децениската работа традиција што ја прави неговото семејство. Нормално целото семејство реагира бурно на неговите идеи и желби.
Така некако и македонското општество во последниве неколку години реагира на желбите и идеите на своето помладо население. Притоа можете да забележите приказни како „постарите“ ги подучуваат младите за тоа што треба да сакаат и да прават по својот животен пат. Како родителите на своите деца им велат „ти битно заврши тоа, па после ќе средиме“. Додадете на тоа апсолутно партизирано општество во кое што без „амин“ од горе во партијата не може да си ги остварите идеите и добиваме општество во кое младите апсолутно не се кројачи на сопствената судбина.
Во услови како горе наведените дури и нормално изгледа финалниот чин на иселување на младите. Зашто и би останале во 21 век кога сите врати и можности им се отворени? И тоа е вистинското прашање кое треба да си го поставуваме. Што можеме ние како општество да промениме за на сите млади луѓе да им дозволиме да си ги исполнат идеите, желбите и потребите без притоа да им бидат поставувани неминовни пречки. Во спротивно ни преостанува да почнеме да ги гасиме и последните вклучени светла, при што ќе почне да доминира темата страна на иднината која што е без млади во државата.
Едно е сигурно, младите ни ги снемува. Во колкав број никој не знае, а ако не верувате само распрашајте се во вашите социјално фамилијарни кругови за колку познаници веќе се иселиле. Во најмала рака застанете на скопскиот аеродром или автобуска станица и видете ги насолзените очи на пријателите и родителите на луѓето што си заминуваат. Можеби тогаш вистински ќе разбереме дека од сите нас зависи какво општество ќе градиме.