Во време кога пандемијата на коронавирусот владее со светот, Шведска беше една од западните држави која применуваше мошне либерален „карантин“. Прашањето дали ваквиот пристап е одраз на уникатните јаки страни на шведското општество (во споредба со правењето лоша проценка на состојбата) може да се одговори ако ги споредиме стапките на заболени од коронавирус во Шведска со нејзините соседи.
Дали одлуката на Шведска да не примени карантински мерки на национално ниво претставува поинаков начин во борбата против коронавирусот, истовремено овозможувајќи општество кое функционира? Невообичаениот одговор на Шведска на коронавирусот е мошне популарен во самата Шведска а стекна и симпатии во некои други земји, но исто така доведе и до една од највисоките стапки на смртност од коронавирусот на светско ниво, поголеми дури и од оние во САД.
Во Стокхолм, кафеата и рестораните се полни со луѓе кои уживаат на сонце после долгата и мрачна зима. Училиштата и сите други објекти се отворени. Шведските власти здравствено ги советуваа граѓаните но воведоа речиси минимални санкции. Ниту еден од јавно достапните водичи за постапување за заштита на личното здравје не препорачува луѓето да носат маски. Во почетните фази на пандемијата, Владата и повеќето аналитичари гордо го прифаќаа овој „шведски модел“, со тврдење дека се заснова на високото ниво на доверба во институциите и помеѓу луѓето. Премиерот Стефан Лофвен посочи дека смета на самодисциплината на Швеѓаните и дека очекува да постапуваат одговорно, без да има потреба од наредби од властите.
Според Светското истражување на вредностите (World Values Survey), Швеѓаните се карактеризираат со единствена комбинација од доверба во јавните институции и голем степен на индивидуализам. Според социологот Ларс Трогорд, секој Швеѓанин си носи личен „полицаец“ со себе. Но, да бидеме внимателни тука: Владата не го воспостави шведскиот модел со цел борбата против пандемијата да се заснова на вграденото чувство за граѓанска одговорност, туку активностите беа обмислени од бирократи и потоа посочувани како такви за доказ за шведскиот карактер.
Сепак, во пракса, главната задача за управување со епидемијата падна на еден човек: државниот епидемиолог Андерс Тегнел од Националниот институт за јавно здравје. Тој ѝ пристапи на оваа криза со сопствени силни убедувања за вирусот – дека нема да се рашири од Кина и дека, подоцна, нема да биде доволно да се следат поединечните случаи кои доаѓаат од странство. Во таа смисла, илјадници фамилии во Шведска кои се враќаа од скијање од Италија при крајот на месец февруари беа советувани да се вратат на работа и да продолжат со училиште ако не покажуваат знаци дека се болни, дури и ако биле заразени членови на нивните семејства. Тегнел посочи дека во Шведска немаше знаци за пренесување на болеста во заедницата, па затоа и немаше потреба од поопшти мерки. За разлика од италијанското искуство, скијачките центри во Шведска останаа постојано отворени за сите.
Ако читаме меѓу редови, Тегнел посочи дека драконските политики за спречување на ширењето на вирусот би ѝ овозможиле на Шведска постепено да се стекне со колективен имунитет. Тој укажа дека оваа стратегија би била поодржлива за општеството. Шведската Влада остана пасивна. Ова делумно е одраз на уникатната карактеристика на шведскиот политички систем: јасна поделба на овластувањата помеѓу централните министерства и независните агенции. Исто така, за Лофвен беше и посоодветно агенцијата на Тегнел да ја преземе надлежноста, па така, очигледната самодоверба на оваа Агенција во тоа што таа го правеше ѝ овозможи на Владата да се ослободи од одговорноста во неделите на неизвесност.
Уште повеќе, Лофвен веројатно сакаше да ја демонстрира својата доверба во „науката и фактите“, за разлика од американскиот претседател Доналд Трамп, да им контрира на стручните лица. Притоа, треба да се потенцира дека изборот на политика од страна на државните епидемиолози беше предмет на остри критики од страна на независни експерти во Шведска. Вкупно дваесет и два најпознати професори за инфективни болести и епидемиолози објавија мислење во „Dagens Nyheter“ во кое го повикуваат Тегнел да си даде оставка и во кое изразуваат незадоволство од одлуката на Владата да постапи поинаку. До средината на месец март, Лофвен беше приморан да преземе поактивна улога.
Почнувајќи од 29 март, Владата забрани јавни собирања на повеќе од 50 луѓе (од првичните 500) и воведе санкции за непочитување. Од први април исто така забрани и посети на домови за нега на стари лица откако се констатираше дека вирусот е присутен во речиси половина од сите домови за стари лица во Стокхолм.
Пристапот на Шведска се покажа како несоодветен од најмалку три причини. Без разлика колку и да се свесни Швеѓаните, секогаш во секое општество ќе има луѓе кои не ги почитуваат правилата, а кога се работи за мошне заразна болест, не треба многу луѓе да за да се предизвика голема штета. Второ, шведските власти само делумно беа свесни за можноста за асимптоматско пренесување на вирусот, и за фактот дека заразените лица се најзаразни пред да почнат да покажуваат било какви симптоми. Трето, составот на населението во Шведска се промени: по повеќе години на исклучително силна миграција од Африка и Блискиот Исток, 25% од шведското население (2.6 милиони луѓе од вкупно 10.2 милиони) се лица кои не се Швеѓани. Овој процент е дури и поголем во регионот на Стокхолм. Најголем процент на смртни случаи од коронавирусот има кај имигрантите од Сомалија, Ирак, Сирија и Авганистан.
Се смета дека ова е делумно поради немањето информации на нивниот јазик, но за уште поважен фактор се смета густината на населеност во некои населби во кои исклучиво живеат мигранти, дополнето со фактот дека во еден дом живеат повеќе генерации. Уште е рано да се согледаат целосните ефекти на шведскиот модел. Стапката на смртност од коронавирусот е девет пати поголема од онаа во Финска, потоа пет пати поголема од Норвешка и повеќе од двојно поголема од онаа во Данска. Донекаде, овие бројки веројатно се одраз на поголемиот број имигранти во Шведска, но во секој случај станува збор за огромни разлики помеѓу нордиските земји. Данска, Норвешка и Финска воведоа строги мерки уште на почетокот, заедно со силно и активно политичко лидерство.
Смртни случаи предизвикани од коронавирусот (17 април 2020)
Население | Смртност | Смртни случаи на милиони население | |
Шведска | 10.3 милиони | 1.400 | 136 |
Данска | 5.8 милиони | 336 | 58 |
Норвешка | 5.3 милиони | 158 | 30 |
Финска | 5.5 милиони | 82 | 15 |
Германија | 83.2 милиони | 4.015 | 49 |
Извор на податоци: „Џон Хопкинс“
Сега кога коронавирусот е значително присутен во домовите на стари лица и многу пошироко во општеството, шведската Влада мораше да „крене рачна“. Оние кои се во искушение да го применат „шведскиот модел“ мора да разберат дека негова главна карактеристика е значително повисоката стапка на смртност.
*Ханс Бергстром е поранешен главен уредник на Dagens Nyheter, водечки дневен весник во Шведска. Тој е професор по политички науки на Универзитетот во Гетеборг и член на Кралската академија на науките на Шведска.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.