Недоследности и незадоволство ќе ја пратат секоја годишна програма, најмногу затоа што средствата се мали во однос на интересот. Но тоа не смее да биде изговор за некои недозволиви пропусти и нивно провлекување (и не дај боже, продлабочување!) од година во година.
Пред нас е уште една годишна програма за, како што гласи официјалната формулација „финансирање проекти од национален интерес во културата“. Коефициентот на апсурдност во Годишната програма е доста висок. Секако, не говорам за онаа егзистенцијална апсурдност во филозофијата или книжевноста; станува збор за најлошиот можен тип на апсурдност, онаа која тврди дека е непротивречна, праведна и „според принципи“: имено, бирократската апсурдност.
Кој кого надмудрува?
Пред да почнам со анализа на официјалното обраќање на министерката за култура во однос на содржината на Годишната програма од една и реалната состојба во литературата и издаваштвото од друга страна, сакам да појаснам една работа – веројатно единствената околу која сите ќе се сложиме: секогаш ќе има задоволни и незадоволни, критики и поплаки. Ваквата состојба е животен факт во секоја сфера на битисувањето.
Меѓутоа, две работи не смее да има: занемарување на критиките, особено од страна на надлежните и она што јас го викам „теолошки пристап“ – официозите (министерства/институции/комисии) се a priori во право (небаре се бог); проблемот е секогаш кај оние што критикуваат, т.е. „се жалат“. Имено, токму аргументираната, но и жестока критика кон носителите на политичката власт е основата на демократскиот менталитет, карактеристичен за западните општества и нивните интелектуалци (барем до неодамна), кон кои нашите официози декларативно стремат.
Да почнеме со ред.
Во своето обраќање, министерката, меѓу другото, (иронично) ја истакнува: „вештината на дел од корисниците [апликантите, м.з.] кои … се извештиле низ годините како да го надмудруваат конкурсот. Па така, на разни начини се протнуваат низ дупките во системот … еднаш се појавуваат како автори, друг пат како уредници, трет пат како консултанти, четврти пат како учесници во манифестација, петти пат како членови на жири-комисии… и така конкурсот ја изгубил смислата за натпревар“.
Пофундаментелно непознавање на тоа како нужно функционира културно-уметничкиот живот министерката тешко дека можела да покаже. Тоа значи дека, доколку оваа година конкурирам како примарен автор (на свое дело), треба да чекам следната година да бидам преведувач, потоа член на некоја жири-комисија, па за четири години да учествувам на фестивал, петтата година да бидам само уредник итн… Тоа значи дека, ако годинава конкурирам со авторско дело, некоја издавачка куќа или институција што верува во моите компетенции не смее да ме ангажира како консултант; па така, доколку сите автори што изградиле реноме се погоди, ете, да конкурираат со свои авторски дела, не смее да конкурираат и како преведувачи, да бидат консултанти за оние книжевности кои најдобро ги познаваат, да фигурираат како уредници итн. Доколку оваа година, на пример, единствениот синолог кај нас аплицира како преведувач, а друга издавачка куќа има потреба да го најми како консултант за избор на текстови од кинеската книжевност, испаѓа дека ќе мора да најмат некој кој нема појма од кинеската книжевност! Ваквата политика не само што нужно не спречува злоупотреби, туку експлицитно ја казнува и дестимулира креативноста, компететноста и квалитетната конкуретност.
Патем, симптоматично е тоа што професор(к)ите од комисијата не ѝ укажале на министерката на оваа бирократска апсурдност. Зашто самите тие често пати во една година биле и автор(к)и/преведувач(к)и, и уредници/уреднички, членувале во комисии…
Рекорден број?
„За распределба на 11 милиони евра, пари на даночните обврзници, пристигнаа 6352 апликации. Рекорден број“ – ќе констатира министерката. На прв поглед, оваа бројка соодветствува со троа циничната констатација на еден турски поет, гостин на СВП, дека „Македонија има најмногу писатели на квадратен метар“. Но, дали е тоа така? Или повторно тука некој некого надмудрува?
Најголемиот дел од буџетските средства се распределени за тековни (редовни) проекти на културните институции и здруженија (библиотеки, музеи, домови на културата, културни ансамбли…). Кога ќе се земе предвид тоа, јасно се гледа дека, всушност, подршката на домашната книжевна продукција (која е во фокусот на овој текст) е очајна.
(Финансиска) отчетност?
Но тоа не е сѐ. И самата поддршка на литературната дејност е контаминирана со бирократската додавка „…од областа на литературата и издавачката дејност“. Значи, одвоени се 11 милиони евра за подршка на годишни активности на културни институции, културни здруженија и поединци од разни сфери на уметноста (музика, драма, фолклор, литература; заштита на културното наследство, фестивали; да не ги заборавиме и неизбежните европски интеграции! ); од тие средства, околу милион евра (една единаесеттина) се издвоени за „литература и издавачка дејност“.
Меѓутоа, под „литература и издавачка дејност“ потпаѓаат институции, академски трудови (од кои добар дел немаат никава допирна точка со литературата), фестивали, конференции… со што домашната книжевна продукција е на последно место. Како тоа соодветствува на „значењето на јавниот интерес во културата“ и „релевантноста во животот на граѓаните“, наведени како врвни приоритети од министерката?
Понатаму, министерката се надева дека „јавноста ќе го препознае напорот – за напуштање на принципот по малку за сите затоа што таквиот принцип ја обесмислува културата и ја убива креативноста“. Па затоа, министерката дошла до соломонско решение, кое навистина е препознатливо во програмата за литература и издавачка дејност: помалку за некои, најмалку за уметничката литература – најмногу за академските трудови! Тоа и не зачудува, ако се има предвид дека во сите комисии доминира академократијата, а примарните автори (писатели, поети) во најдобар случај се декор.
Имено, сите академски трудови се дотирани со средства не помали од 2 – 2 500 евра, додека во примарната (уметничката) литература, опсегот се движи од бедни 50 000 денари (имајте предвид дека со тие средства треба да се финансира печатењето и компјутерската обработка на книгата и авторскиот хонорар!), па сѐ до над 2 500 евра! И додека сѐ почесто се проблематизира етничкиот критериум (секако, се поставува прашањето кој етникум е фактички дискриминиран?), испаѓа дека е во ред да се дискриминираат авторите по формално-образовен критериум (академски автори – примарни творци) или едноставно арбитрарно да се распределуваат средствата. Ако грешам, тогаш надлежните аргументирано нека ги објаснат евидентните дискрепанци во одобрените средства и нека објаснат како со истите се стимулира „висока свест за взаемна отчетност за трошењето на секој денар“ и како ова претставува „реално вреднување на трудот за да се заштити достоинството на авторот“?!
Писателе, го знаеш ли својот долг?
Недоследности и незадоволство ќе ја пратат секоја годишна програма, најмногу затоа што средствата се мали во однос на интересот. Но тоа не смее да биде изговор за некои недозволиви пропусти и нивно провлекување (и не дај боже, продлабочување!) од година во година. За жал, тука е и клиентелизмот поврзан со недостигот на етичност и доследен и издржан став кај комисиите.
Во својот осврт во „Стожер“, ги посочив и изнесов своите предлози за решавање на некои од најневралгичните проблеми кои со години го мачат македонскиот писател: дефинирање на минимален авторски хонорар, исплата на хонорарот директно на сметката авторот (за да се спречат злоупотреби од страна на издавачите), поригорозна контрола на издавачкиот сектор во однос на непочитување на моралните и материјалните права на авторот се sine qua non. Имено, имаме случаи на пиратско издавање на книги од страна на некои издавачи (без авторски договор), авторите често пати се скусени од својот авторски хонорар – кој и онака неретко е скандалозно низок… Ете каде се само некои од вистинските злоупотреби на кои треба да се работи!
Да нема никаква заблуда: најодговорен за очајната состојба во која се наоѓа македонскиот писател е – македонскиот писател! Најгласни во реакциите на контрадикциите и дефектите на одлуките за субвенции на Министерството за култура се издавачките асоцијации, а не писателските, кои иронично, редовно се безгласна буква! И додека писателите не се сетат на својот долг (да го парафразирам Жупанчич), и оваа Годишна програма, како и претходните, го наметнува прашањето: дали тенденциозните пропусти и контрадикции кои системски се провлекуваат секоја година се со цел да ги обесхрабрат авторите, со што се форсира постапно „меко“ згаснување на финансиската поддршка за македонскиот писател?
*Филип Клетников дипломирал германски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Магистрирал интердисциплинарни средновековни студии (германистика, филозофија, историја на уметност) на Универзитетот „Ото-Фридрих“ во Бамберг, Германија, како стипендист на DAAD. Покрај тоа што е активен како поет, есеист, преведувач и раскажувач, има одржано јавни предавања и организирано трибини кои третираат современи општествени проблеми разгледувани низ призмата на автори/дела/правци од областа на книжевноста и филозофијата.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.