Процесот на приватизација на општествениот капитал како основна реформа за премин во капиталистика економија започна точно пред три декади со основна цел за промена на соопственичката структура и дефинирање на титуларот на соопственоста. Попатни цели беа и создавање на дополнителен капитал како и зголемена ефикасност и ефективност на тогашните социјалистички компании.
Книговодствената вредност на тогашниот општествен капитал беше оценета на околу 4,6 милијарди западногермански марки (околу 2,3 милијарди евра). Преку т.н. модел на исплата на запишани акции со ,,вкалкулирани“ и никогаш неисплатени плати, тогашните директори преку ,,книговодствена гимнастика“ таквите плати (како маса од сите вработени) ги ставија во „книговодствена исплата“ на запишаниот капитал и без фактички дополнителен капитал беше ограбена приватизацијата! Речиси половина од вредноста на општествениот капитал беше ,,законски“ присвоен преку овој Закон додека во втората половина, од 1994 година, преку т.н. Законот на Миловски и менаџерските модели продолжи присвојувањето на општествениот капитал без реално плаќање на книговодствената ниту пак пазарната вредност на капиталот.
При самиот крај на 1998 година, целосно се промени владината структура. Наместо СДСМ-ПДП, на власт се етаблираа ВМРО-ДПА, кои политички се издигнаа токму критикувајќи ја претходната гарнитура за создадените политичко-економски тајкуни. Наместо новата гарнитура да ги гони претходните „тајкуни“ и да им го конфискува незаконски стекнатиот капитал, оваа гарнитура уште повулгарно го грабна не само останатиот општествен капитал (на пример Рафинерија ОКТА) туку ги продаде и јавните претпријатија како златни кокошки (Телеком, и сл.). За разлика од претходната гарнитура која ,,играше соло“ во играта на приватизација, оваа беше во дует и хармонична во овој процес. За нецели три години власт, со противправно стекнување на имот, оваа гарнитура го создаде нашиот ,,политички капитализам“.
Политичките капиталисти, незадоволни само со стекнатиот капитал!
Во втората декада, веднаш после меѓуетничкиот конфликт во 2002 година, се случи новата ротација на власта, но сега СДСМ-ДУИ. Без препознатлива економска агенда, со огромен приоритет врз меѓуетничкото помирување, цел мандат се потроши врз политички натпревар, за побавно спроведување на Охридскиот Договор. Нажалост, резултатот од овој натпревар го детерминираше идниот победник кај македонскиот блок и 15 години по негово потпишување.
До 2006-та од економијата пак ништо. Во само четири години владеење на оваа гарнитура се сменија тројца премиери (Црвенковски, Костов и Бучковски). Единствено економско постигнување беше консолидирањето на јавните финансии – од екстремен буџетски дефицит, од -7,5% од БДП во 2001 година, државната каса во 2006 год. се предаде со значителен буџетски суфицит од над +1,5%, ама истовремено и со огромен политички дефицит за владејачката СДСМ.
Новосоздадената економска „елита“, сега веќе со окрупнет капитал, имаше директно влијание врз политичарите на нивните одлуки, не само за да го зачуваат капиталот стекнат на незаконски начин, туку и да го зголемат и мултиплицираат. Ненаситноста продолжи и како ,,нормална“ законитост која уште Маркс, ја именуваше како ,,Закон на бесконечна акумулација на капиталот“.
Во лето 2006-та год. почна ерата на т.н. „Груевизам“ во економијата. Неговата изрека „кај да е ќе тргне“ стана социјална надеж за многумина дека навистина ќе тргне! Првите две години на неговото владеење (не само по економија) ќе останаат запаметени како најголеми достигнувања од почетокот на транзицијата (на пример со воведување на трет оператор во телекомуникацискиот сектор ги преполови дотогашните астрономски цени). Меѓутоа, 7-8 години подоцна, неговата ера во владеењето, најдобро се отсликува со самата изрека на тогашниот министер за финансии, кој се жали на својата ,,колешка“ од полиција како тие „биле луда влада…дека немаат леб да јадат а купуваат чоколади“. Во тоа време ретки беа надворешните критичари, но кога ги слушнавме ,,бомбите“ дури тогаш (барем јас) сфативме дека ние сме биле многу умерени во критиките.
Груевски, со неговиот ,,економски модел“, покрај експанзија на постојната тој создаде и нова ,,економска елита“ кои во неможност да зграпчат капитал преку приватизација, ја заробија државата и преку екстремно конјуктурни релации со политичката елита, создадоа нов модел на ,,приватизирање на државата“ и огромен дел на јавни ресурси и беа ставени во функција на приватниот сектор. Епилогот е познат. Наводно, неговиот економски модел заснован врз привлекување на странски директни инвестиции со огромно субвенционирањее доведе до поголеми трошоци отколку придобивки.
Во потрага по моделот!
Неодамна, на Универзитетот Југоисточна Европа беше организирана дводневна меѓународна научна конференција со наслов „Од транзиција до развој-предизвиците и перспективите“. Меѓу другото, беа определени и тројца тематски говорници, со редоследни области-првиот за европските економии (Проф. Ирај Хаши од Стафордшире Универзитетот), вториот за економиите на Западен Балкан (проф. Вилијам Барлет од Лондонската школа за економија), и третиот за економијата на Република Северна Македонија (Акад. Гоце Петрески). Во поздравниот говор како домаќин, меѓу другото, го покренав и прашањето за потребата на редефинирање на економскиот модел на земјата.
Во своето излагање, на негов критички филозофски стил, колегата Петрески со право констатираше дека во Македонија, немало и се уште нема дефиниран свој автохтон и конзистентен економски модел. Како и да се наведе погоре, досега речиси секоја владејачка гарнитура, промовирала ,,свој модел“ а исходот од тоа е повеќе од познат.
Нашата држава е со мала, отворена и изложена економија. Но, покрај многу недостатоци имаме и големи компаративни предности. Вреди да се нагласи еден од нив – геопозицијата.
Среде Балканот, мала мултикултурна држава (етничка, јазична, верска…) може да го поврзе целиот пазар на Балканот и да ги извлече предностите од оваа позиција. Замислете ги предностите во економска релација само со соседите – Албанија и Косово (плус 6 милиони пазар), Србија (плус 7 милиони), Бугарија (плус 8/9 милиони), Грција (плус 8/9 милиони). Досега, речиси со сите соседи, наместо предностите ние во преден план ги изнесовме токму недостатоците, со што создадовме атмосфера на блокади и непријателски односи. Со нашите јазици, култури и етнички бекграунд, ние со сите овие соседни држави, подобро од секоја друга од нив (во геостратешка и економска позиција) можевме да придобиваме од економски аспект. Затоа, значајно е да се подобруваат односите со Грција и Бугарија. Овие односи беа стратешки предуслов за подобрување и одржување и на економските односи во многу аспекти.
Сега е време да се вратиме на домашен терен!
Образованието е клучот
Одамна сме алармирале дека постојниот образовен систем со своите резултати еден ден ќе биде најголем предизвик и кочничар на економски развој. Само во високото образование, за една декада се дуплираа јавни универзитети, се фрагментираа десетици студиски програми, токму во време кога развиениот свет се движи во обратна насока! Минатата година (2018), на пример, во Франција се споија речиси најголемите универзитети, тој на Сорбона-Парис и Мариа и Пјер Кири.
Во последните 3-4 месеци, на три редовни средби со бизнис заедницата, првиот во Универзитетот на ЈИЕ (во Тетово), со над 50 стопанственици, вториот на Саемот на кариера во ЈИЕ (над 65 учесници) и третиот пред еден месец во Скопје (во локациите на Пивара) во соработка со Стопанската Комора, Министерството за образование и наука, Министерството за труд и социјална политика како и со Потпретседателот на владата одговорен за економија, речиси преовлада усогласено мислење дека огромниот дефицит на потребни стручни кадри (со средна, виша и висока СС) на пазарот на трудот веќе е голема пречка за развој на реалниот бизнис сектор. Да не се спомнува тука и огромната асиметрија помеѓу тоа кои профили се нудат а кои се бараат на пазарот на трудот. Околу 50% од висикообразовните профили се од општествените, филолошките и филозофските науки додека само 30% се од техничките и природно-математичките науки. Згора на се, најдобрите профили, по нивно дипломирање и заради подобра професионална и финансиска перспектива ја напуштаат државата и заминуваат на Запад.
Наместо заклучок, мала препорака
Нема ништо поприоритетно од коренити реформи во образованието – од предшколското па до највисокото. Процесот е комплексен и мултидимензионален. Меѓутоа, во ваква состојба, немаме многу време за Стратегии, Анализи и разна друга дополнителна документација. Дуалното образование (поврзано со економијата/индустријата) треба да се субвенционира за да почне да функционира. Системот на финансирање на образовните институции на основа на инпути треба да се промени исклучиво врз основа на резултати.
Процесот на коренити реформи ќе трае. Потребни се интервентни мерки само за потребите на пазарот на трудот да се субвенционираат, особено занаетчиските профили а високо-образовните институции треба да се субвенционираат и финансираат само за квалитетните профили според степенот на вработеноста, апликативните знаења и науката. Имено, и најновиот Правилник за рангирање на висико-образовните институции се базира на овие три исполнувања – настава и учење (50%), истражување (40%) како и социјални услуги (10%). Врз основа на резултатите од рангирањето ќе треба и да се определи одреден процент на финансиско субвенционирање на институциите.
Абдулменаф Беџети
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.