[Став] Три причини поради кои „залетот“ на вештачката интелигенција би можел да запре во 2025 година

Дамбиса Мојо

Точно е дека вештачката интелигенција има потенцијал да го поттикне глобалниот раст и да ја зголеми продуктивноста, но економијата се соочува со сè поголеми предизвици како што се зголемените трошоци за развој и обврските во однос на користењето на енергија. Во меѓувреме, инвеститорите си го поставуваат прашањето дали инвестициите во вештачка интелигенција би можеле да доведат до значајни приноси.

Брзото темпо на технолошки напредок во изминатава година, особено во делот на вештачката интелигенција, ни даде повеќе причини да бидеме оптимисти. Сепак, како што ја „газиме“ оваа 2025 година, се забележуваат одредени знаци дека „залетот“ на вештачката интелигенција можеби се намалува.

Доминантниот наратив уште од 2023 година е дека револуцијата на вештачката интелигенција ќе ги поттикне продуктивноста и економскиот раст и ќе го отвори патот за неверојатни технолошки откритија. Прајс Вотерхаус Куперс (PwC), на пример, проектира дека вештачката интелигенција ќе придонесе со дополнителни 16 трилиони долари во глобалниот БДП во периодот до 2030 година, што претставува зголемување од 14%. Во меѓувреме, студијата спроведена од Ерик Бринјолфсон, Даниел Ли и Линдзи Р. Рејмонд процени дека генеративната вештачка интелигенција би можела да ја зголеми продуктивноста на работниците, во просек, за 14% и за 34% кај новите и нискоквалификувани работници.

Неодамнешните објави на Google и OpenAI се чини дека одат во насока на поддршка на ваквкиот наратив и тие даваат увид во идната состојба на нештата, која повеќе не се сведува само на научна фантастика. На пример, квантниот чип Willow на Google, наводно, успеал да заврши репер-пресметување (benchmark computation), што е задача за која на најбрзите суперкомпјутери денес ќе им бидат потребни десет септилиони години (бројката десет проследена со 24 нули), и тоа за помалку од пет минути. Исто така, новиот модел o3 на OpenAI претставува голем технолошки пробив и ја носи вештачката интелигенција поблиску до точката до која таа ќе може да ги надмине луѓето во која било когнитивна задача. Оваа пресвртница е позната како „вештачка општа интелигенција“.

Постојат, меѓутоа, најмалку три причини зошто бумот на вештачката интелигенција би можел да го загуби својот подем во текот на 2025 година. Прво, инвеститорите сè повеќе си го поставуваат прашањето дали инвестициите поврзани со вештачка интелигенција би можеле да донесат значителен принос, бидејќи голем број на компании мака мачат да генерираат приходи кои ќе бидат доволни за да ги надоместат огромните трошоци за развој кои се карактеристични за најсовремените модели.

Обуката на GPT-4 од страна на OpenAI чинела повеќе од 100 милиони долари, додека обуката на идните модели најверојатно ќе чини повеќе од 1 милијарда американски долари, што предизвикува загриженост за финансиската одржливост на ваквите активности.

Инвеститорите, секако, се желни да профитираат од бумот на вештачката интелигенција, при што фирмите кои се занимаваат со инвестиции во ризичен капитал инвестира, во 2024 година, рекордни 97 милијарди долари во стартапи кои имаат вештачка интелигенција а кои се со седиште во САД. Сепак, се чини дека дури и лидерите во оваа дејност, како што е OpenAI, пребрзо трошат готови пари за да генерираат значајни приноси, што претставува причина за загриженост кај инвеститорите за тоа дека голем дел од нивниот капитал е несоодветно распределен или е потрошен на погрешен начин. Пресметките сугерираат дека инвестицијата од 100 милијарди долари во вештачка интелигенција ќе бара најмалку 50 милијарди долари во приходи за да може да се смета дека е остварен прифатлив поврат на капиталот – земајќи ги притоа предвид даноците, капиталните и оперативните расходи. Годишните приходи на целиот сектор, според моите извори, изнесуваат само 12 милијарди долари, при што OpenAI учествува во оваа бројка со приближно 4 милијарди долари. Во услови на непостоење на „вистинската апликација“ за која клиентите се подготвени да платат значителни суми на пари, голем дел од ризичните инвестиции би можеле, на крајот, да немаат никаква вредност и да доведат до пад на инвестициите и трошоците.

Второ, огромните количини на енергија кои се потребни за работа и ладење на масивните центри за податоци би можеле да претставуваат пречка за брзиот раст на вештачката интелигенција. Според Меѓународната агенција за енергетика, се очекува до 2026 година центрите за податоци за вештачка интелигенција да трошат 1.000 терават-часови електрична енергија на годишно ниво, со што ќе ја надминат вкупната потрошувачка на електрична енергија и гас во Обединетото Кралство од 2023 година. Консултантската куќа Gartner проектира дека 40% од постојните центри за податоци до 2027 година ќе бидат „оперативно ограничени“ поради недоволната достапност на енергија.

Трето, се чини дека големите јазични модели се приближуваат до своите апсолутни ограничувања бидејќи компаниите се соочуваат со сè поголеми предизвици како што се недостигот на податоци и грешки кои постојано се повторуваат. Големите јазични модели (LLM) најмногу се обучуваат со користење на податоци преземени од извори како што се вести написи, објавени извештаи, објави на социјалните мрежи и академски трудови.

Притоа, имајќи го предвид ограниченото снабдување со висококвалитетни информации, изнаоѓањето на нови збирки на податоци или креирањето на нивни синтетички алтернативи станува сè потешка и поскапа работа. Следствено на тоа, овие модели се склони кон тоа да генерираат неточни или измислени одговори (тнр. „халуцинации“) а компаниите кои се занимаваат со вештачка интелигенција наскоро би можеле да се истрошат кога станува збор за свежи податоци.

Компјутерската моќ, исто така, се приближува до своите физички граници. Во 2021 година, IBM обелодени чип произведен со технологија од два нанометри (што е приближно на големина на еден нокт) на кој можат да се соберат 50 милијарди транзистори и кој има за 45% подобри перформанси во споредба со неговиот претходник кој користеше седум нанометри. Иако нема сомнение дека станува збор за импресивен производ, оваа пресвртница покренува и едно важно прашање: Дали индустријата, во своите обиди да креира полупроводници кои имаат сè помали димензии, веќе достигна точка во која придобивките кои се остваруваат стануваат сè помали?

Доколку продолжат ваквите трендови, актуелната вредност на компаниите со вештачка интелигенција со кои јавно се тргува можеби нема да биде одржлива. Имено, приватните инвестиции веќе покажуваат знаци на опаѓање. Според истражувачката фирма Preqin, фирмите кои се занимаваат со ризичен капитал обезбедиле 85 милијарди долари во првите три квартали од 2024 година, што претставува огромно намалување во споредба со 136-те милијарди долари кои беа обезбедени во истиот период во 2023 година.

Добра вест е тоа дека, доколку денешните гиганти во делот на вештачката интелигенција започнат да го губат здивот, помалите конкуренти се оние кои би можеле да ја искористат дадената можност и да ја доведат под знак на прашање нивната доминација.

Од пазарна гледна точка, таквото сценарио би можело да поттикне поголема конкуренција и да ја намали концентрацијата, со што се спречува повторно создавање на околностите во кои таканаречените „седум величествени“ (Alphabet, Amazon, Apple, Meta, Microsoft, Nvidia и Tesla) доминираа во американската технолошка индустрија.

*Дамбиса Мојо е меѓународен економист и авторка на четири Њујорк Тајмс бестселери, како Edge of Chaos: Why Democracy Is Failing to Deliver Economic Growth – and How to Fix It (Basic Books, 2018).

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА

***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и ненужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.