Во мојот блог пост би сакал да ви прикажам една нова и футуристичка средина за работа којашто се спроведува во едно од основните училишта во Финска. Училницата имав можност да ја посетам пред неколку месеци и навистина бев импресиониран од начинот на работа.
KAKS10 56 е нова едукативна средина формирана од Академијата за наставници во Тампере- Финска. Целта на оваа училница е да развие педагогии на учење во парови и во флексибилни средини за учење опремени со модерна технологија. Во оваа училница предаваат двајца наставници и две одделенија (петто и шесто) делат ист простор за учење и работат заедно секој ден.
Изгледот на училницата
Кога прв пат ја посетив оваа училница, навистина бев импресиониран од првиот впечаток којшто го добив како посетител. Од наставниците коишто предаваат во училницата дознав дека тие самите ја изградиле оваа училница. Заедно со нивните ученици моделирале, местеле мебел, пазарале во ИКЕА и го формирале просторот за учење.
Првичната замисла при градењето на училницата е да нема ѕидови, односно самиот простор и суштински, но и буквално да биде отворен простор. Училницата има 3 дела: аудиториум во којшто може да седат учениците од двете одделенија (околу 50 ученици), отворена училница (не постои ѕид помеѓу оваа училница и аудиториумот) и преградена училница со заштитно стакло коешто спречува ширење на врева.
Мебелот и боите во училницата се светли и тоа треба да ги привлече учениците да учат. Во училницата преовладуваат текстилни површини, мазни ѕидови (некои од нив може да се користат и како табли) и интерактивни подови (подот е во форма на шах и наставниците го користат за учење по предметот математика). Училницата има и специјално дизајнирани простори за учениците што сакаат на момент да се повлечат, постои можност да легнат, читаат или може да ја слушаат наставата додека лежат поради тоа што просторот е отворен и го овозможува тоа. Една од моите прашања беше дали ова е ефективно, а наставниците на тоа одговорија дека додека децата заземаат положба којашто им одговара на нив постигнуваат подобри резултати. Тоа особено е истакнато кај учениците со хиперактивност коишто може да станат од свои места и да се движат низ училницата додека наставникот предава.
Технологија- училница на иднината
Бидејќи оваа училница е уште позната и како училница на иднината, тоа значи дека во неа се присутни голем број на високи технолошки уреди. Училницата има три интерактивни табли коишто имаат тркалца и може да се движат низ просторот. Учениците имаат на достапност и 15 сферо роботи и 5 дронови. Во училницата се наоѓаат и 30 лап топи, Андроид таблети, дигитални камери, видео камери и мобилни телефони.
Начинот на работа со технологијата во оваа училница е претставен на ова видео.
Педагошката филозофија во оваа училница се заснова на неколку постулати:
- Изградба на средина во којашто учениците ќе имаат активна улога во процесот на учење
- Методите на работа диктираат проектно учење, меѓусебна поддршка и можности коишто учениците ќе ги креираат самостојно и ќе имаат импакт на нивното учење
- Формирање на круг на доверба
- Учениците се еднакви. Одделението или оценката нема никогаш да бидат фактор на предодредување
- Способноста да се учи од другите додека се препознаваат и признаваат грешките како важна вештина и особина за учениците, наставниците и идните наставници
Училницата и нејзината ефективност
Успесите се видиливи на неколку полиња. Прво, учениците од петто и шесто одделение во училницата се грижат просторот да е чист и неоштетен.
Учениците имаат различни места на ефективност во училницата. Некои ученици преферираат да седат на столче, некои да лежат на подот, некои да седат на кревет. Одбирањето на нивниот омилен начин на учење ги прави покомфорни и посамоуверени.
За наставниците, ова е освежувачко искуство, иако за нив одзема значително повеќе време за работа за да се направи ваква адаптација. Тие велат дека кога ќе се отфрлат некои познати и комфорни педагошки рутини, тогаш самите ќе произлезете со нешто ново и свежо.
Ова не е проект, туку трајна работна средина во ова училиште.
Пишува: Ангел Димитриевски, македонски студент во Финска