Комплицираниот и долготраен процес за создавање на нови лекови придонесува во губењето на човечки животи. Антибиотиците се покажаа ефикасни за последниве 70 години, но тоа не значи дека треба да се држиме само за нив.
Како обични смртници кои израснале со антибиотиците кои се во употреба во последните 50 години, бактериофагите за нас и за многу генерации претставуваат мистерија. Какви се тие лекови, кога се настанати, зошто дури сега се разгледува нивна поширока употреба во ЕУ?
Бактериофагите (скратено фаги) се откриени во 1915 година од страна на францускиот микробиолог Феликс Д’Херел и британскиот микробиолог Фредерик Творт. Во Советскиот Сојуз каде се употребуваат во последните 70 години дошле преку соработката на Д’Херел со грузиските колеги. Руската медицинска литература наведува дека од 1940-тите наваму фагите се користеле за лечење во дерматологијата, офталмологијата, урологијата, стоматологијата, педијатријата, оториноларингологијата и во текот на оперативните зафати.
Фагите се прокариотски вируси кои се употребуваат во терапија против бактериски заболувања и нивниот начин на уништување на бактеријата е со пробивање на нејзината мембрана и комплетно разорување на бактериската клетка. Другата предност на овој вирус е што тој како терапија не создава пореметување на цревната флора како што тоа го прават регуларните антибиотици до кои имаме пристап ниту ги напаѓа човечките клетки.
Една од причините зошто медицинската и академската заедница прават напор фагите да се вратат во регуларна употреба за лечење на резистентни бактерии се фактот дека просечно 1.27 милиони смртни случаи има во светот од бактерии резистентни на антибиотици. Предвидувањата за до 2050 година е дека годишно од резистентни бактерии може да се очекуваат до 10 милиони смртни случаи. Клиничките истражувања врз пациенти покажуваат дека оваа терапија дала ефект врз бактерии како стафилокока, ешерихија коли, ентерококус, салмонела, гонореа, бактерии кои се широко распространети, но и покажуваат одредена резистентност на антибиотици.
Начин на одредување на терапија и комбинации
Терапијата може да се дава на два начина. Претходно генерирана терапија, индустриски произведена како коктел од фаги меѓу кои барем еден е тој што е адекватен за бактериската инфекција која се третира. Другиот пристап е така што пациентот може да се третира со терапија подготвена во медицинската установа каде се лечи и е подготвена само за неговата дијагноза и за бактеријата со која е инфициран.
Производството на овие терапии без разлика дали се коктели до кои се има слободен и директен пристап или се специјализирани за случаите за кои се наменети, може да се изведе од фармацевтски компании, производствени капацитети во болниците или од трет добавувач за медицинската установа кој е специјализиран за вакви терапии.
Регулатива на светско ниво и кој дозволува терапија со фаги
На европско и светско ниво само неколку држави имаат регулатива за употреба на фагите во третирање на бактериски инфекции. Во Советскиот сојуз, денешна Русија, се употребуваат повеќе од 70 години, а истото е и со Грузија. Земјите од ЕУ кои имаат регулатива за фагите се Полска, Белгија, Франција, Чешка и Словачка. Регулативата во Полска како некогашна членка на источниот блок, оваа терапија ја става на експериментално ниво и е регулирана со национални закони и со ЕУ регулативи. Во Русија и Грузија пристапот до коктел од фаги е слободен и во продажба постојат два типа на коктели, Intestiphage и Pyophage, кои можат да се купат без рецепт. Овие два коктели се покаѓале доста ефикасни во третирањето на инфекции од Staphilococus auerus и бактеријата MRSA.
Во Грузија персонализираната терапија со фаги и произдводството на коктел од фаги е покриена со производство од страна на фармацевтските компании, додека во Русија, персонализираната терапија е забранета. За жал, комерцијалната употреба на терапијата со фаги од овие две земји, не е признаена од страна на западната медицина и увозот/извозот на овие препарати е комплициран.
Употребата на фаги во Велика Британија е послабо регулирана, со тоа што оваа терапија ако се увезува, мора да ги исполнува британските стандарди на производство на лекови, но не е лиценцирана за поширока употреба. Во Франција, исто така увозот и производството на фаги мора да биде по стандардите на Националната агенција за безбедност на лекови и производи за здравје (ANSM). Позитивниот момент е што од 2016 година, државата поддржува истражувања за поширока употреба на фагите и работи на подетална легислатива за регулација на употребата на фагите. За разлика од претходните држави, во Белгија легислативата е поширока и дозволува фармацевтот да произведе терапија по рецепт на лекарот, базиран на дијагнозата на пациентот.
Во Соединетите Американски Држави канцеларијата за храна и лекови (FDA), бактериофагите ги квалификувала како биолошки производ, а производството треба да ги следи правилата на претклинички и клинички испитувања. Иако официјално фаготерапијата не е одобрена, во САД постојат голем број на лекови кои содржат фаги кои се во фази на клинички испитувања. ФДА дозволува пристап на пациентите до фаготерапија во случаеви кога пациентите не можат да бидат дел од клинички испитувања, додека ФДА одобрила персонализирана терапија која ја произведува сертифицирана компанија.
Во Индија бактериофагите се присутни во медицината уште од 1896 година кога британските научници откриле до тогаш непознат вирус кој ја убивал бактеријата која предизвикувала колера. Терапијата со фаги во Индија е промовирана од 2017 година и дозволува таканаречена сочуствителна терапија, поточно терапија која е увезена, но не е строго контролирана. Индиската регулатива за бактериофаги дозволува увоз на фаги, но сеуште регулативата треба да се зајакне прво во контролата на увозот, а потоа во поглед на производството.
Во Кина бактериофагите за прв пат се употребени во медицински третман во 1958 година. Од тогаш до 2019 година немало третмани, кога Шангајскиот Институт за фаги прв пат употербил персонализирана терпија со фаги во Шангајскиот клинички центар и Жонгшан болницата која е во рамки на Универзитетот Фудан.
Сепак, регулативата во Кина за терапија со фаги има потреба да се развива во правци на тоа какви коктели од фаги ќе бидат дозволени за масовна продажба, кои медицински центри какви испитувања ќе вршат, како ќе се спроведуваат истражувањата за персонализирани терапии.
Причини за недостаток на терапии со фаги
Терапијата која се креира за одреден пациент со одредена дијагноза (сур мерка, sur-measure therapy), се базира на патогенот кој е изолиран од пациентот. Процедурата бара изолација и прочистување на патогенот за креирање на специфичниот фаг. Ова не е лесно да се креира поради сложеноста на бактериските инфекции во различни органи и сложеноста на нивно собирање и анализа на биопсија.
Претходно создадениот модел како поливалентен фаг кој содржи повеќе различни фаги е комплициран за масовно производство затоа што вистинскиот број на соеви на фаги кои можат да се комбинираат од страна на лекарите, е многу редок.
За следниот процес на индустриско производство на оваа терапија, пречка се финансиските ресурси и недостатокот на клинички испитувања. Нешто што дополнително им недостасува на клиниките и истражувачките институти е пристап до библиотеки на фаги со кои можат да создаваат нови коктели на фаги. На ова се надоврзуваат високите стандарди за производство, заштитата на патенти и интелектуалната сопственост.
Според законите во ЕУ и САД, терапијата произведена од фагови која содржи ДНК и РНА, не може да се патентира затоа што е забранета употреба на човечки геноми.
Дополнителен факт за минималното присуство фаги во широка клиничка употреба е и огромниот бизнис за производство на антибиотици на глобално ниво кој би бил загрозен од воведување на нови терапии кои не користат антибиотици.
Комплицирано и скапо, но сепак потребно
Комплицираниот и долготраен процес за создавање на нови лекови придонесува во губењето на човечки животи, но и константната употреба на исти лекови кои создаваат резистентност, придонесува во бројот на починати пациенти. Антибиотиците се покажаа ефикасни за последниве 70 години, но тоа не значи дека треба да се држиме само за нив.
Бидејќи постојат фагите, потребно е само поголем притисок врз државите и компаниите за вложување во нови истражувања и подетална регулатива. Меѓудржавната соработка, размената на истражувања, податоци, резултати од експерименти, сето тоа е потребно без мешање на политиката и бизнис интересите на големите фармацевтски компании. Кај нас во Македонија за жал не постои терапија фагови и тоа е една од точките од каде треба да се тргне во имплементација на овој тип на терапија.
Не се измислува топла вода, само се надградува постоечкиот систем, а ако тој систем спаси уште повеќе животи, една причина повеќе да се вложува во него.
*Соња Стојадиновиќ е родена во 1979 година во Велес. Таа е дипломиран политиколог на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје, кадешто магистрирала на отсекот Меѓународна политика на тема „Ненасилната борба во политиката: фактори за успех и неуспех“. Работи како фриленс автор за хрватските регионални портали Lupiga и Bilten и е активист на левичарското движење Солидарност.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
***Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.