Побарајте од двајца климатски експерти мислење во врска со Конференцијата на Обединетите нации за климатски промени која се одржува во Египет (COP27) да кажат што мислат во однос на иднината, и можно е да добиете сосема различни одговори. „Забележуваме напредок кој е поголем отколку што замислувавме“, вели едниот, додека другиот жали што се движиме со полна брзина кон провалијата.
Сигурно не е можно и двајцата да бидат во право, нели?
Всушност, и двајцата експерти имаат обезбедено доволно аргументи за својата страна на приказната, и само преку балансирање на тие две перспективи ќе го стекнеме чувството на итност што се бара од климатската криза. Во насока на инспирирање надеж, првиот од експертите е можно да истакне дека цената на соларната енергија се намали за 99% откако претседателот на САД Џими Картер постави сончеви панели на покривот на Белата куќа во 1979 година, и дека 2022 се стреми кон тоа да биде рекордна година за обновливи извори на енергија.
Продажбата на електрични возила се зголемува со толку голема брзина што побарувачката на мотори со внатрешно согорување е нешто што бележи трајно намалување. Во Индонезија, на пример, стапката на загуба на примарните шуми се намали во изминатиов период од пет години, и тоа се случува благодарение на иновативното партнерство кое постои помеѓу државата, бизнисот, граѓанското општество и технолошките експерти.
Покрај тоа, речиси 100 земји од светот (кои учествуваат со 75% во глобалните емисии) се обврзаа да постигнат нулти нето емисии на стакленички гасови до средината на овој век. Соединетите Држави исто така направија огромен влог во својата зелена иднина со донесување на Законот за намалување на инфлацијата, кој може да мобилизира околу 800 милијарди долари или повеќе во климатски инвестиции.
Но, за да не мислиме дека со ова сме ја завршиле работата, тука е нашиот песимистички експерт кој би истакнал дека со затоплување од само 1,1 Целзиусови степени, климатските промени веќе создаваат огромни трошоци. Катастрофалните поплави во Пакистан кои се случија летово потопија речиси една третина од оваа земја а југозападниот дел на Северна Америка ја искусува својата најголема суша во изминативе 1.200 години. Во Кина, сушата го има преполовено производството на хидроелектрична енергија и принуди затворање на повеќе фабрики.
Големиот корален гребен досега доживеа вкупно шест настани за масовно белење од 1998 година досега. Во источниот дел од Антарктикот, каде температурите во еден од деновите од оваа година достигнаа вџашувачки 38,5°C над нормалата, штотуку се сруши еден голем леден брег, што е прв настан од ваков вид во изминативе 50 години.
За да бидат работите уште полоши, руската војна во Украина доведе до борба за фосилни горива, а корпорациите, банките и државите сè потешко од очекуваното успеваат да ги исполнат своите ветувања во однос на климата. Ние се движиме во насока на зголемување на температурата кое ќе биде многу поголемо од прагот од 2°C предвиден со Парискиот договор за климата. Толку жешка планета би ни била едвај препознатлива нам, од денешен аспект.
Еден важен нов извештај од Systems Change Lab (станува збор за иницијатива организирана од Светскиот институт за ресурси, Фондот за Земјата Безос и неговите партнери) ги отсликува овие две реалности и укажува на нов начин на размислување во однос на промените. Ако ја погледнеме песимистичката страна, извештајот покажува дека ниту една од 40-те секторски трансформации кои се потребни за справување со климатската криза во текот на оваа деценија сè уште не се случуваат.
На пример, постепеното исфрлање на јагленот е нешто што шесткратно треба да се забрза. Ова е исто како секоја година да ставаме вон функција 925 централи со просечна големина кои користат јаглен. Слично на тоа, годишните стапки на уништување на шумите е потребно да опаѓаат со 2,5 пати побрза стапка, а неодамнешниот раст на приносите на земјоделските култури треба да се забрза за речиси седум пати во текот на оваа деценија за да се нахрани растечката популација без да се навлегува во областите покриени со шуми. Сите овие трансформации зависат од глобалното финансирање во однос на климата, кое само по себе мора да се зголеми за осум пати во споредна со сегашните нивоа.
Притоа, извештајот исто така вели дека промената ретко е линеарна и дека експоненцијалниот напредок (ненадејно и нагло забрзување) е возможен кога истиот се овозможува со смело лидерство и со политики за поддршка. Во период од само две години, од 2019 до 2021 година, производството на соларна енергија се зголеми за 47% на глобално ниво, а енергијата на ветерот се зголеми за 31%, со што драстично беа надминати предвидувањата на аналитичарите. Во периодот помеѓу 2013 и 2021 година, глобалниот удел на продажба на автобуси кои не користат јаглерод се зголеми од 2% на 44%, што претставува 20-кратно зголемување за период од помалку од една деценија.
Знаеме исто така дека некои системи е можно да бидат „истуркани“ во насока на позитивни пресвртни точки, како што е паритетот на цените помеѓу постоечките извори на фосилни горива и обновливите извори на енергија, по што промената ќе стане незапирлива. Неопходно е да направиме сè што можеме за да ги достигнеме овие пресвртни точки што е можно поскоро. Со оглед на тоа колку малку на човештвото му останува од јаглеродните извори, ние веќе го немаме луксузот да се одлучуваме само за најевтини опции. Потребна ни е промена на системите во сите домени на човековата активност – од тоа како ја одгледуваме храната и го снабдуваме нашиот дом со енергија, до тоа како ги градиме градовите и кои начини на превоз ги избираме за себе и за нашите стоки.
Забрзувањето на транзицијата кон нето-нулта економија ќе бара промена во стимулациите, нови регулативи и закони, промени во однесувањето, иновации и непоколебливо лидерство. Сега сме на прагот од започнување на четвртата година од оваа деценија која има одлучувачка улога во спречувањето на катастрофалните климатски промени. Ние буквално мораме да поместиме планини, без оглед на цената која е пред нас.
Светските лидери кои овој месец се состанаа на COP27 не треба ниту да очајуваат, ниту радосно да изјавуваат дека речиси сме пред победа. Наместо тоа, тие треба внимателно да разгледаат што е она што е потребно да се трансформира и што е потребно за да се достигнат а потоа и надминат суштинските пресвртни точки. Ова е моментот кога треба да создадеме услови кои попозитивните промени ќе ги направат неодоливи и незапирливи. Само така ќе можеме да кажеме дека вредело што сите тие летови до Шарм Ел Шеик испуштале јаглеродни емисии.
*Ендру Стир е претседател и главен извршен директор на Фондот за Земјата Безос. Кели Левин е главен раководител за наука, податоци и системски промени во Фондот за Земјата Безос.
Авторски права: Project Syndicate, 2022 www.project-syndicate.org
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.