Вовед: Зошто се важни очекувањата
Еден од најважните индикатори кој се следи во економијата се очекувањата на економските субјекти. Имено, централните банки преку најразлични методолошки инструменти покрај другите ги следат инфлациските очекувања, другите економски институции ги следат очекувањата на менаџерите во компаниите и истите се инпут во проекциите и моделите за прогноза на економските текови.
Очекувањата како индикатор се следат низ голем број сектори во економијата. Следствено на тоа очекувањата потребно е да се следат и во секторот на социјалното претприемништво.
Социјалното претприемништво претставува претприемничка (бизнис) активност која што има социјален импакт т.е. решава одреден социјален проблем.
Врз социјалното претприемништво и развој на социјалните претпријатија влијаат низа на фактори, меѓу кои и самите очекувања кај социјалните претприемачи.
Очекувањата во основа се една од најважните детерминанти во економијата воопшто. Истите ги анализира уште големиот економист Џон Мајнард Кејнз (Animal spirits).
Ставени во контекст на социјалните претпријатија постојат одредени истражувања за тоа како влијаат очекувањата на општествената одговорност (CSR) во интенцијата за соработка со социјалните претпријатија ( Mark Chi Ho Ng, 2022), но не се следат и истражуваат на ниво како што се следат за останатите сектори.
При самиот потфат на формирање на социјално претпријатие важна е довербата во системот на поддршка на социјалното претприемништво во државата како и самите очекувања за движењето во секторот.
Во таа насока политиките за социјално претприемништво креираат очекувања кај социјалните претприемачи. Самата политика за социјално претприемништво или стратегија за развој на секторот треба да влијае врз подигање на очекувањата за бенефитите на секторот како и континуитетот и стабилноста на опкружувањето за развој на социјалното претприемништво.
Овој процес има и спротивна траекторија. Очекувањата кај социјалните претприемачи влијаат врз политиките кои се креираат. Зависно од кредибилитетот и желбата како и потенцијалот за раст и развој на социјалните претпријатија се димензионираат и политиките и стратегиите за развој на социјалното претприемништво. Од самите очекувања зависи апсорбирањето на поддршката дадена од институциите и државата која пак директно влијае врз ефикасноста на самите мерки и политика на поддршка.
Од овие причини е од исклучителна важност да се најде еквилибриумот или оптимумот меѓу очекувањата кои се хранат и креираат сами од себе познати во економијата како self-fulfilling equilibria.
Во овој дел при самото креирање и следење на мерките и политиките за социјално претприемништво и динамиката во секторот воопшто, добро е да се мери, квантифицира и следи и овој индикатор во секторот.
Методолошки очекувањата може да се мапираат со дефинирани индикатори во форма на анкети и прашалници кои би се доставувале до социјалните претпријатија од одредена институција и потоа би се агрегирале на макроекономско ниво.
Заклучок
Очекувањата се клучен индикатор за проектирање на идните движења во даден сектор. Имено, за таа цел важно е нивното мерење, следење и интегрирање во моделите на проектирање и планирање на динамиката и движењето во дадена индустрија. Конкретно во секторот на социјални претпријатија каде гранката уште се развива неопходно е мапирање и следење на очекувањата, како и нивно менаџирање со одредени мерки со цел да се зајакне кредибилитетот и довербата во секторот. Преку очекувањата ќе може да се влијае врз раст и развој на секторот со тоа што ќе се зајакне довербата во истиот и ќе може да се канализираат повеќе финансиски ресурси.
Ристе Костовски