Единствената сламка за спас на давеникот, на кој му треба реанимација, е фразата „ќе не биде“ која започна со Договорот од Преспа, а кулминира со неговата ратификација. Ова алудира дека ќе не биде можеби некогаш, но некогаш не е сега и денес.
Лажењето во политиката е глобален феномен посебно со порастот на популизмот насекаде низ светот. Лажењето во политиката во македонски контекст исто така не е ништо ново. Toa e феномен кој егзистира од осамостојувањето до сега, и многу пати е во форма на организирана пропаганда. Во последно време, зема замав со оправдувањата за ратификувањето на договорот од Преспа. Зошто лажењето во политиката, односно промовирањето дискурс кој е полн со празни зборови на убави како од бајка излезени еднорози и вилински кончиња, е опасен феномен кој мора да се препознае и расоблече.
Реалноста наспроти дискурсот
Хана Арент не учеше дека политиката е реалност, односно објективно и непристрасно расудување на се она што се случува во политичкиот простор. Политиката е јавно добро, каде што мислењето и ставот на граѓаните се водилка на самата таа политика, која е комбинација од плуралност на ставови и факти. Тие, пак, за да бидат веродостојни мора постојано да подлежат на преиспитување во јавноста односно преку јавен дијалог и дебата. Во тој правец владеењето на правото е правило, а не исклучок на политиката, вклучително и политичката одговорност која што е апсолутна. Реалноста е одраз на сегашноста, и на сето она што се случува во едно општество. А сегашноста говори за една мошне горчлива реалност која кулминира со корупција, непотизам и целосна неказнивост.
Отсуствува било каква одговорност за комплетниот пад на правната држава и владеењето на правото, од Специјално јавно обвинителство качено на пиедесталoт на јустиција, до неговото комплетно фијаско и пад по и со бегството на Груевски. Она што ја означува оваа мачна и мошне горчлива реалност е извитоперувањето факти, недостиг од факти, недостиг од објаснувања и целосната нетранспарентност. Реалност која владеачкиот естаблишмент се обидува да ја замени со дискурс на бајки со еднорози и вилински кончиња, и со празни фрази дека „ќе не биде”.
Овој дискурс е далеку од убедувачки, дури е и навредлив за граѓанинот кој се надеваше на промена, преку првично автентичниот граѓански отпор. а кој подоцна се узурпираше и ребрендираше во Шарена револуција. Земете го примерот на Павле Богоевски и Мариглен Демири денес, типичен пример на селективност на правдата. Двајцата активни учесници во т.н. шарена револуција, едниот на позиција со отфрлени обвиненија, другиот сеуште заглавен по судските лавирнти. Во македонското општество, системот е толку гнил, да не дај боже да се најде човек на суд или во болница денес, милозвучноста на фразата „ќе не биде”, одзвонува како некое комплетно измутирано виртуелно ехо од хорор филм. Горчеливата реалност денес и сега, е слика за потолчената јустиција која не е само по судовите, но е и општествена. Таа, пак, е злоупотребена повторно преку повицитеза лажни помирувања, се узурпираше на истиот начин, како што се узурпираше и граѓанското движење, а за сметка на меѓусебни рехабилитации и амнестии. Единствената сламка за спас на давеникот, на кој му треба реанимација, претставува фразата „ќе не биде” на бајки со еднорози и вилински кончиња која започна со Договорот од Преспа, а кулминира со неговата ратификација. Ова алудира дека ќе не биде можеби некогаш, но некогаш не е сега и денес, кога секој оној што сериозно се занимава со политика треба да си ја преземе одговорноста за оддржувањето на колапсот на системот во сите сфери на живеењето, а посебно во поглед на правосудството.
Договорот од Преспа како расна идеологија
Слоганот „ќе не биде” исто така наоѓа примена во она што може да претставува и феноменолошка анализа на Договорот од Преспа, кој наликува на конструирана расна идеологија, содржејќи ги сите елементи на кои Хана Арент посочува. Арент е пионерка во деконструирање на расни идеолгии, и во објаснувањето како овие со својата деструктивност го заразуваат политичкиот простор кој треба да биде слободен и плуралистички. Имено целото нејзино дело Изворите на тоталитаризмот е обид за деконструкција на расните идеологии во Европа, со посебен осврт на нацизмот и сталинизмот, како најголемо зло на човештвото. Елементите на тоталитаризмот, се всушност приказ како функционираат расните идеологии, и како злото кое не е митско туку реално, се шири низ политичкиот живот.
Најпрвин Арент ги поврзува расизмот и расните идеологии со империјализмот, кој е олицетрворен преку супериорност, моќ, експанзија и злато. Арент понатаму разликува или прави поделба на расистичка мисла и расни идеологии. Првиот елемент објаснува како расните идеологии земаат замав преку теоретските доктрини (Дарвин и Хобс). Клучното прашање со кое се занимава Изворите на тоталитаризмот е како овие теоретски расни доктрини се пренесуваат во политичката сфера и стануваат оружје на и во политиката, Дел од одговорот Арент го дава со анализа на расните идеологии кои: ги имаат сите одговори на универзумот/светот и историјата, содржат скриено знаење за природата и човекот и имаат силна убедувачка моќ, што е спротивно на формирањето на мислење и став, што претставува дел од слободниот политички живот.
Овие три постулати кои Арент ги посочува може да се контекстуализираат и во се она што се случуваше со спорот за името од почетокот па се до потпишувањето и ратификацијата на Договорот со Грција. Првиот постулат е дека расните идеологии ги имаат сите одговори во нашиот случај на историјата. Историјата во овој случај се користи за да се разграничат две сегашни држави, преку барањата за ексклузивност и поседување на историја со разграничување на модерни држави во сегашноста, кои веќе се делимитирани со посебни граници и системи. Дополнително Договоротпризнава и разграничува колективни идентитети (член 7), кои историски ги врзува за тие територии од минатото преку држава, нација, територија и раѓање (Агамбен, 1998 [2003]). Креирањето идентитети, и тоа колективни, претставува мошне опасна алатка во конструкцијата на расните идеологии. Прашањето на идентитетот е всушност грчката замка на која многумина се фатија, овие расни идеологии да се вметнат во политичката сфера, притоа мошне убедувачки користејќи го и извртувајќи го меѓународното право, како доктрина, која многупати и самата се смета за расна.
Елементот на силната убедувачка моќ, што е спротивно на слободен став и мислење како дел од слободниот политички живот, е она што е можеби најочигледно пред и пост-Преспа. Добро организирана пропаганда од власта, организации за човекови права и интелектуалци кои вршат/вршеа притисок за безрезервно прифаќање на Договорот за името. Притоа проблематично е што расната идеологија формирана преку историјата понатаму се врзува со идна идеологија на членство во ЕУ и НАТО, а која треба да е единствен одговор и излез за нашата иднина и прогрес. Самата конструкција на доминантниот дискурс со фокус на иднината и прогресот, укажува на опасноста дека овој Договор претставува обид за туркање расни идеологии во политиката. Историјата (некое си спорно античко минато) и иднината (ЕУ и НАТО) се поврзани со прогрес и развој, а додека пак сегашноста целосно отсуствува.
Прогресот и развојот се всушност дел од целиот механизам на оперирање на расните идеологии за што Арент не предупредува во своето дело. Ова ставено во контекст на елементите како функционираат расните идеологии, говори за потребата дека треба да сме внимателни со политичкиот дискурс од бајки на еднорози и вилински кончиња, во кој реалноста целосно отсуствува. Според Арент расните идеологии имаат бумеранг ефект, што подразбира опасност од зајакнување на национализмот и омразата како во Македонија така и во Грција. Затоа е потребна и внимателност околу аспирациите за Нобелова награда за мир, да не се најде комитетот во апсурд доделувајќи награда за Договор кој промовира расна идеологија наспроти вистинско и долготрајно помирување и дијалог.
Отсуството на правда и реформи во општеството се заменети со бајки од вилински кончиња и еднорози посебно околу прашањето за името, претставувајќи и на јавноста дека големи реформи и чекори се преземаат од претставниците на власта. Непотизмот и корупцијата се игнорираат, дури и се промовираат, граѓанското движење е целосно уништено, јавна дебата не постои и во вакви услови на конструиран дискурс реалноста и сегашноста отсуствуваат целосно. Отсуството пак на реалноста, подразбира присуство на лагата, а на лагата и се кратки нозете, за што ќе видиме на следните избори.
д-р Јана Лозаноска
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава на македонски и албански јазик можете да ја прочитате ОВДЕ.