Во ЕУ расте „отпорот кон проширувањето“, а во Македонија расте бројот на граѓаните што чувствуваат дека ЕУ наместо да креира фер услови за нови проширувања, се оддалечува од кандидатите за влез во европското семејство. Како понатаму?
Приемот на нови држави-членки во Европската Унија се повеќе запаѓа во застој и блокада: „заморот од проширувањето“ се претвора и во „отпор против проширувањето“. Во Македонија растат евроскептицизмот и заморот од неостварените ветувања на официјален Брисел, но и отпорот на Македонците да прифатат принцип на „добрососедски односи“, кој наместо да устројува хармонична соработка и заемни респектабилни меѓудржавни односи, се сведува на негирање на македонскиот идентитет и јазик и на опструкции на отворањето на претпристапните преговори за влез во ЕУ.
Франција предводник за не-проширување на ЕУ
Франција, една од „влечните локомотиви“ на ЕУ, искажува континуирано несогласување со проширувањето на Унијата. Ова го покажуваат и клучните наоди од новата студија за ставовите на француското јавно мислење, објавени деновиве во независниот паневропски веб – портал „Еурактив“. Во извештајот се нотира дека повеќе од еден на двајца Французи се против проширувањето на ЕУ кон регионот на западниот Балкан. „Околу 59% од француските граѓани не гледаат можност за пристап на земјите од Западен Балкан во ЕУ.“ Една и пол година пред оваа анкета на француското јавно мислење, на самитот на лидерите на ЕУ францускиот претседател Макрон, блокирајќи го отворањето на преговорите со Македонија и Aлбанија, ќе каже: „Мораме да ја реформираме Унијата пред да ја прошириме. … Без да се негира можноста за зголемување на ЕУ, првин треба да се промени природата на нејзиното проширување, за да стане подемократско.“
Но, причините за спротивставувањата кон процесот на проширувањето на ЕУ се подлабоки и покомплексни. Професорот по меѓународни односи и европска политика во Лондонската школа за економија и политички науки, Спирос Економидес (Spyros Economides) во својот научен труд „Од замор до отпор – проширувањето на ЕУ и Западниот Балкан“ укажува дека во ЕУ се бележи „отпор кон проширувањето“: „Во блиското минато во наративот на идното проширување преовладуваше ‘заморот од проширување’… ‘Спротивставувањето на проширувањето’ сега веќе не се заснова само на поимот ‘апсорпциски капацитет’: силно влијание вршат внатрешната фрагментација и распаѓање, како и неможноста на земјите – кандидати да ги исполнат барањата на процесот на пристапување.“
„Отпорот кон проширувањето“ ја поткопува веродостојноста на ЕУ-ветувањата
„Заморот од проширувањето е симптом на слабеење на европските вредности“ – ова е насловот на истражувачката студија, во која Вања Миладинео, Дарио Чепо и Валентино Петровиќ, истражувачи од хрватскиот Центар за демократија и право „Мико Трипало“ истакнуваат дека ЕУ со својата несериозност кон Западниот Балкан во поглед на проширувањето ги доведува во прашање темелните вредности врз кои е изградена: „…отфрлањето на официјалното отпочнување преговори со Албанија и С. Македонија за членство во ЕУ … испрати сигнал до земјите – кандидатки и до остатокот од светот оти на ЕУ не може да се потпре, ниту е таа сериозна во врска со процесот на проширување.“
Улрих Седелмаер (Ulrich Sedelmeier), професор по меѓународни односи во Лондонската школа за економија и политички науки, во својата научна статија „Проширување: зголемување на членството, трансформирање на ‘би биле’ – членовите?“ смета дека ветото на Макрон за отворањето на пристапните преговори со Македонија и Албанија имало за цел само да се блокира проширувањето со земјите – кандидатки. Но, Седелмаер истакнува дека и самите кандидатки пројавуваат „ниска демократија и недоволен државен капацитет и способност на нивните влади да усвојуваат и ефикасно да спроведуваат политики“, посочувајќи на уште на два момента, кои се однесуваат особено на Македонија: „…политичките услови на ЕУ ги допреа високочувствителните прашања за државноста и националниот идентитет…. ‘заморот од проширувањето’ ја поткопува веродостојноста на ЕУ во врска со ветувањето за членство.“
Ова се новите состојби и трендови во доменот на проширувањето на ЕУ, во чија чекална Македонија се наоѓа уште од 2005 година, залудно очекувајќи да ги оствари своите европски соништа. Македонија треба да внесе коренито нови тонови во својата државна евроинтеграциска политика, земајќи ги предвид „заморот“ и веќе „отпорот кон натамошното проширување“ во Европската Унија. Притоа, треба да се имаат на ум особено ветото на Макрон, расположението во Данска и Холандија, кои го поддржаа францускиот претседател, но и колкаво е расположението на Македонците и другите граѓани на Македонија за интегрирање во ЕУ.
„Добрососедство“ со кое дрско се негира македонскиот јазик и нација
„Преспанскиот договор“ и „Договорот за добрососедство“ со Бугарија се насочени, пред се, кон идентитетски барања и отстапки од македонскиот народ, поврзано со неговиот јазик, култура и историја, во замена за согласноста за отворање на патот за македонското евроинтегрирање. Тие само го засилија евроскептичното расположение кај Македонците, но и кај дел од другите граѓани во Македонија. Изворната државност на македонскиот народ и неговиот етнички, културен и лингвистички идентитет се третираат на начин кој предизвикува негативни реакции не само во Македонија, но и од страна на политички експерти, аналитичари и истакнати јавни личности во меѓународната заедница. Седелмаер не случајно ја потенцира „високата чувствителност на прашањата на државноста и националниот идентитет“.
Институтот за европска политика од Скопје ги анализираше бугарските услови за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ и објави анализа во која изнесува ставови околу преговарачката рамка и почетокот на преговорите. Во врска со содржината на „Објаснувачкиот меморандум“ од септември лани, што Бугарија го достави до членките на ЕУ, Институтот истакнува: „…дрско и директно се негира постоењето на македонската нација и јазик, се бара прифаќање на бугарското толкување на македонската историја, како и откажување од постоењето на македонско малцинство во Бугарија. Јасно е изразена намерата на Бугарија да го претвори пристапниот процес во ‘обратен етнички и јазички инженеринг’, во менување на македонскиот национален идентитет…“
На прашањето на проширувањето се осврнува и Ерван Фуере, поранешниот евроамбасадор во Македонија. Тој во статија за бриселскиот истражувачки центар за европски прашања (CEPS) ја обвинува ЕУ дека агендата за проширување и е „политика за проширување само во името“, дополнувајќи: „Бугарската влада објави соопштение… со условите, за кои се инсистира да ги исполни С. Македонија пред да започнат преговорите за пристап… С. Македонија да прифати дека нејзиниот јазик има бугарски корени и дека ‘македонски јазик’ или етничка припадност не постојат пред 1944 година. Се бара и одрекување од какви било тврдења за ‘постоење македонско малцинство’ во Бугарија.“ Според Фуере, за Бугарија прашањето на малцинствата станало заострено, „поради повторените пресуди на Европскиот суд за човекови права во Стразбур, со кои се признава постоењето македонски малцински групи на нејзина територија.“
„ЕУ не е арбитер во врска со историјата, јазикот, или идентитетот“
Во обид да го деблокира бугарското вето Советот на Европа во средината на декември минатата година имаше донесено нацрт – заклучоци, за да отпочнат преговорите со Македонија. Со нив Советот на ЕУ потсети на Договорот од Преспа меѓу С. Македонија и Грција, како и на Договорот за добрососедски односи и соработка меѓу С. Македонија и Бугарија и ја нагласи важноста на нивната примена. Со тие „Нацрт – заклучоци“ беше утврдено дека „овие два чекора треба ефективно да стават крај на сите тврдења засновани на погрешна интепретација на историјата.“
Министрите за надворешни работи на Чешка, Томаш Петчижек (Tomáš Petříček) и на Словачка, Иван Корчок (Ivan Korčok) во авторскиот текст „ЕУ не би требала да биде судија во врска со историските прашања“ истакнаа дека не го поддржале нацрт – заклучокот на Советот за проширување, оти „биле принудени да дејствуваат, за да спречат проширувањето да се вовлече во историски прашања, а ЕУ во улога на арбитер“. „ЕУ не е тука за да утврдува кој е во право, или не, во врска со прашањата поврзани со историјата, јазикот или идентитетот. Потребен ни е јасен и предвидлив процес на проширување, што се заснова врз мерливи критериуми, јасни заложби и политичка волја“ – порачаа двајцата министри во својата статија.
Критика кон процесот на проширување изнесува и Михаел Мартенс Мартенс (Michael Martens) во својата анализа „Стоп за проширување на ЕУ: што да се прави со Балканот?“. Според него, процесот на проширување е „преполн со политички стапици, кои немаат многу врска со реформскиот напор на земјите – кандидатки“: „Проширувањето на Европската Унија засега е завршено. … За… Албанија, Босна, Косово, Црна Гора, С. Македонија и Србија пораката е јасна: повеќе не важи стариот принцип дека ангажираните реформи во еден миг водат кон членство во ЕУ.
Според него „никој ова појасно не го доживеал од С. Македонија, која на барање на Грција дури и го промени името на државата, за да може да ги започне преговорите со ЕУ“. Мартенс нагласува: „По грчкото вето уследи и француското, па и бугарското вето, овојпат поради наводно украдената историја и јазикот на словенските Македонци.“
Опасност од нови блокади
ЕУ пројавува „замор“ поради натамошното проширување, но и Македонија се „замори“ во 16-те години поради неостварените ветувања на официјален Брисел дека ќе бидат отворени преговорите. Во ЕУ расте „отпорот кон проширувањето“, а во Македонија расте бројот на оние граѓани, кои здобиваат чувства дека ЕУ наместо да креира фер – услови за нови проширувања, се оддалечува од кандидатите за влез во европското семејство, во обид првин самата да си создаде своја нова внатрешна архитектура.
Исто така, добрососедските договори на Македонија со Грција и Бугарија можат да го означат крајот за секој натамошен евроинтеграциски напор на Македонија, ако не биде исполнето какво било барање на двете соседни држави било за идентитетските прашања, било за историјата, за јазикот и друго. Такви барања во перспектива треба да се очекува дека ќе ги има се повеќе, па неприфаќањето на тие барања може да претставува основа за нови вета и нови евроблокади на Македонија. Се покажува дека Македонија нема одговор на таквите вета и евроблокади, за кои е прашање и како можат да се надминат, а да се зачуваат достоинството и идентитетот на македонскиот народ.
Штом се покажува дека евроинтегрирањето е за Македонија, барем засега, само „сизифовско тркалање на каменот кон ЕУ-целта“, тогаш се актуелизира прашањето: како понатаму? Од една нова раководна политичка гарнитура, што би произлегла од евентуални нови предвремени парламентарни избори, би требало да се очекува Македонија да предложи нови концепти на вистински добрососедски односи со Бугарија и Грција, на македонскиот народ со бугарскиот и грчкиот народ. Но, воопшто не вакви „добрососедски односи“ какви што се базирани врз двата договора.
Потребни се нови концепти на вистински добрососедски односи
Хамза Карчиќ, професор на Факултетот за политички науки на сараевскиот Универзитет, укажува на што се сведоа „добрососедските односи“ во евроинтеграцијата: „Опструкционистичките политики кои новите членки на ЕУ ги спроведуваа кон своите соседи ја поткопаа идејата за ‘прелевање’ на европеизацијата… Пристапот ‘блокирај го својот сосед сега кога можеш’ ги исфрла на површина лажното ветување за ефектот на ‘прелевањето’ на регионалната европеизација и се понеправедниот третман на остатокот на балканските земји. Новите држави – членки на ЕУ го користат своето членство во клубот, за да би извлекле отстапки од своите соседи.“.
Се поставува прашањето (гледано од аспект на Македонија) колку ЕУ се придржува до својата „Повелба за темелните права на Европската Унија/2012/C 326/02), според која „Унијата придонесува за зачувување и развој на заедничките вредности, истовремено почитувајќи ја различноста на културите и традициите на народите во Европа, како и националните идентитети на земјите-членки…“ и „Унијата ќе ја почитува културната, религиозната и јазичната разновидност“?
Исто така, колку и дали воопшто Македонците се подготвени и навистина да ја жртвуваат својата македонска национална самоидентификација во замена за интегрирањето во ЕУ, дотолку повеќе што веќе осознаваат дека европскиот сон е далеку од јавето? Одговорите на овие прашања ќе треба да се вградат во една нова реформулирана државна европолитика на Македонија.
*Свето Тоевски е докторант по лингвистика и магистер по политички науки, долгогодишен независен политички аналитичар и истражувач во лингвистиката и политичките науки.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.