Во овој блог ќе се осврнам на масовните студентски протести и самоорганизирањето на студентите во Студентски Пленум, според мене едни од најзначајните и најдемократските настани во 23 годишната независна Македонија.
Најпрво, има нешто возвишено и убаво за око кога ќе се видат илјадници млади луѓе како ја практикуваат една од најблагородните алатки на демократијата, правото на мирен протест. Ја преземаат судбината во свои раце и во вистинска смисла на зборот ја оправдуваат максимата дека демократијата не e само спорт за набљудување, туку е потребно активно граѓанско учество.
Реформите кои се предлагаат со државниот испит ми изгледаат несериозни, непромислени и избрзани. Го немам прочитано предлог законот или амандман на законот, но ја следам дебатата околу него на ТВ, интернет и во разговори со моето опкружување. Аргументацијата на предлагачот (извршната власт), според мене целосно е сосредоточена на студентот како главен виновник на неквалитетниот образовен процес. Аргументите се во стилот: „учениците ги купуваат испитите и дипломите“, „зошто студентите се плашат да полагаат ако ја знаат материјата“, „на овој начин ќе ги издвоиме добрите од лошите студенти“. Според мене ова е класичен изговор и покажување со прст (finger-pointing / playing the blame game) кој го слушавме уште како мали деца од типот „ние даваме се од себе, ама не учат децата“, т.е. ние сме супер, не чинат децата. Покажувањето со прст кон студентите како главни кривци од највисоките нивоа на извршна власт според мене е неофицијално водење на војна против студентите и одбивам да го прифатам тој аргумент на предлагачот на реформите.
Она што најмногу ме шокираше во јавната дебата околу протестите беше обидот да се стигматизираат и делегитимираат студентите како политички мотивирани и платени од странски невладини организации. Овие етикетирања и оваа недостојна реторика дојдоа од самиот врв на извршната власт. Толку бес да се истура врз студентите според мене е неприфатливо. Оваа потценувачка реторика кон младата интелигенција и нашите потомци ја потврдува неофицијалната војна против студентите (индиректно и војна против професорите), како главни кривци за хаваријата во образованието. Казната е јасна, полагање на истиот испит два пати. Реформа како за првооделенци. Пишувај ја буквата А сто пати додека не ја научиш.
Да не се фокусирам само на критика, туку и да понудам чаре, иљач за болниот образовен процес. Образованието е процес и треба да се гледа како процес во кој учествуваат многу стејкхолдери (засегнати страни) почнувајќи од студентите, родителите, едукаторите, вработените во образованието, до заедницата и државата во целот, бидејќи неука нација нема да види аир. Ако главната цел/резултат на образовниот процес е да произлезат силно обучени и мотивирани дипломци кои успешно ќе работат во јавниот и приватниот сектор, тогаш во предвид треба да се земе целокупниот процес на образование (end-to-end), од креирањето на програмите, обука на професорите, нагледни средства на часовите, пракса, до студентско сместување, квалитетот на живот на студентите, студентскиот стандард. Образованието треба да се гледа холистички и решенијата треба да бидат холистички. Еве три мерки кои може да го подобрат образованието:
– Подобрување и изградба на нови студентски домови. Според Буџетот на РМ за 2014 год., вкупниот буџет на МОН изнесувал 22.387.158 илјади денари (364 милиони евра). Проектот СК2014 неофицијално чини околу 300-500 милиони евра, што е едногодишен буџет за образование и доволно зборува за буџетските приоритети. Ако просечен трошок за изградба на м2 во МКД чини 500 евра, тогаш со буџет од 300 милиони евра може да се изградат 600 илјади м2 станбен просто за студентски домови или околу 12 илјади студентски станови од по 50 м2. Поинаку кажано, може да се изградат 12 студентски домови со капацитет од по 1000 станови по 50м2, кои ќе може да вдомат околу 24 илјади студенти (по двајца во стан). Само видете ги фотографиите од годинава од студентскиот дом „Гоце Делчев“ постирани на светски најпознатиот сајт за хостинг на фотографии imgur кои го обиколија цел свет (има скоро еден милион прегледи и преку илјада коментари!). Живеев во „Гоце“ како студент две години од 2001-2003 год. Сликите говорат илјадници зборови. Духовитите коментари од цел свет под сликите се „дал да плачам ил да се смеам“.
– Редовна пракса за сите студенти од 3-6 месеци како предуслов за дипломирање. Со загарантирана помош од универзитетите и локалните власти, секој студент да има можност да работи 3-6 месеци пред да дипломира за да добие практични знаења и да ја зголеми својата вработливост (employability).
– Инвестирање во знаењето на професорите и финансиска мотивација за професорите. Државата која се грижи за своите професори да имаат најдобри услови за работа, имаат финансиска и не-финансиска мотивација, знае дека ќе произведе стручни и мотивирани дипломци.
Благодарам за вниманието и поддршка за #СтудентскиПленум.
Извор: bizgovsoc.wordpress.com, okno.mk