Македонија спаѓа во групата на земји со повисок среден доход – ЗВСД, и тоа не е разочарувачки, но далеку е од посакуваната позиција. Добро е што сме во групата на ЗВСД, но сепак, маргината ни е поблиска до земјите со понизок среден доход – ЗНСД (до 4.045 долари по глава на жител) одошто до повисоката група на земји со висок доход – ЗВД која во моментов почнува од 12.535 долари по глава на жител, а чиј просек е дури 45.307 долари по глава на жител.
Постојат разни класификации на земјите во светот и тие се прават по разни критериуми. Според економските критериуми класификациите што се прават од страна на Светската банка (СБ) – World Bank се во редот на најдобрите, најупотребуваните и воедно најкорисните за професионалците, но и за широкиот аудиториум. Една од тие класификации на СБ е и онаа што ги класифицира земјите во светот според нивото на доходот што тие го остваруваат.
За работите да бидат далеку посложени од што може да изгледа на прв поглед, да кажеме дека постојат поголем број вакви класификации што се разликуваат во некои крупни, ситни или навидум ситни, но за економистите важни детали, зависно од тоа дали го мерат нивото на апсолутниот доход или оној по глава на жител; дали станува збор за мерење на бруто домашниот производ или за бруто националниот доход; дали тие се мерат според официјалните курсеви на домашните валути или според нивното ниво на паритетот на куповната моќ (Purchasing Power Parity – PPP); дали се мери големината или динамиката или некоја комбинација од претходниве итн. Во оваа прилика ќе се задржиме на една од најважните класификации, а тоа е онаа што ги класифицира земјите и нивните економии според нивниот бруто национален доход – БНД (Gross National Income – GNI), по глава на жител, односно per capita (pc).
Економиите во светот се многу различни
Ваквата класификација СБ ја објавува со децении наназад и често служи како мерка за официјална споредба на нивото на развиеноста на економиите во светот. Нејзиното годишно ревидирање и објавување, по традиција, секогаш се случува на истиот датум – на 1 јули со податоци за претходната година, па така се случи и во оваа 2020 година. Бруто националниот доход по глава на жител, (GNI/pc) изразен во тековни САД долари, а врз основа на својата позната методологија, наречена Атлас (Atlas method of exchange rates) СБ официјално ја објави за сите земји во светот базирано на просечните годишни девизни курсеви за минатата 2019 година.
Пред да преминеме да ги разгледаме најновите споредби во светот за минатата, последна „нормална“ економска година пред појавата на пандемијата, да соопштиме дека земјите и нивните економии СБ ги класифицира во три, односно четири големи групи земји и тоа: земји со низок доход (ЗНД), земји со понизок среден доход (ЗНСД), земји со повисок среден доход (ЗВСД) и земји со висок доход (ЗВД). Класификацијата се прави, како што кажавме, еднаш годишно и притоа границите на доходите се поместуваат за сите земји зависно од многу фактори, пред сè од нивото на економскиот раст во светот, инфлацијата, движењата на девизните курсеви во светот, промените односно движењето на населението, промените во методите на пресметките во системите на националните сметки и други фактори. За инфлацијата, на пример, се зема предвид дефлаторот на Специјалните права на влечења (SDR) во рамките на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) како пондериран просек од БДП дефлаторот во економиите на НР Кина, САД, Јапонија, САД, Велика Британија и Еврозоната. Според тоа, во 2019 година земјите се класифицирани на следниов начин:
Позицијата на Македонија
Просечниот БНД по глава на жител во светот во 2019 година изнесувал 11.570 долари, но оној на земјите со среден доход изнесувал 5.598 долари, што не е значително под македонскиот БНД по глава на жител кој изнесува 5.910 долари. Македонија спаѓа во групата на земји со повисок среден доход – ЗВСД и тоа не е разочарувачки, но далеку е од посакуваната позиција. Добро е што сме во групата на ЗВСД, но сепак, маргината ни е поблиска до земјите со понизок среден доход – ЗНСД (до 4.045 долари по глава на жител) одошто до повисоката група на земји со висок доход – ЗВД која во моментов почнува од 12.535 долари по глава на жител, а чиј просек е дури 45.307 долари по глава на жител. Влезот во таа група засега е прилично недостижна цел и таква ќе остане.
Оваа година, на пример, нашата блиска Романија за првпат го помина прагот и влезе во групата на ЗВД со 12.630 долари по глава на жител. Од другите земји во регионот, освен Грција со 20.320 долари по глава на жител, се и Словенија и Хрватска со по 25.750 и 14.910 долари по глава на жител. Останатите, повеќе или помалку се во нашата група на ЗВСД, но со значителни разлики како што е прикажано во Табела 1.
Кога сме веќе кај регионов вреди да се констатира дека како што Словенија, Грција и Хрватска се прилично одвоени од другите, така и Црна Гора, Бугарија и Турција се одвоени во микрогрупата во која спаѓаме и ние. Интересно е да се забележи дека во рамките на поранешната држава разликите на некогашните федерални републики во овие три децении се продлабочиле, па така, на пример, разликата во нивото на развиеноста помеѓу Словенија и Македонија се зголемила од тогашните 3,5:1 на сегашните 4,4:1, што не кажува многу позитивни работи за нас. Можни се и други споредби на секој со секого. Црна Гора, на пример, се чини дека е голем добитник, а Србија голем губитник.
Другите поранешни социјалистички економии од Централна Европа имаат голем напредок во новото време. Четирите т.н. „вишеградски“ и трите балтички економии сега се сите во групата на ЗВД со доход што се движи од 15.200 долари по глава на жител, па нагоре. Русија со 11.260, Казахстан со 8.810 и, на пример, Украина со 3.370 долари по глава на жител уште имаат сериозни транзициски проблеми.
Светската економија е свет на големите
Ако ги погледнеме најголемите во светот и ги споредиме со најмоќните, ќе го забележиме следново: НР Кина со 10.410 и Индија 2.130 долари по глава на жител се големите наспроти, моќните, на пример, Австралија со 54.910; САД со 65.760; Норвешка со 82.500 и Швајцарија со 85.500 долари по глава на жител. Но, според едни слични но други показатели на СБ, на пример, оние за апсолутната големина на БДП во светот (нешто поинаков, но не многу различен показател од досега коментираниот БНД) сликата се менува. Големата осморка ја сочинуваат следниве економии прикажани во Табела 2.
Ниедна друга економија во светот со својот БДП не ја надминува границата од 2 илјади милијарди долари освен овие осум, а за споредба, БДП на Македонија (136-то место на светот) или на Србија (88-мо место) и Словенија (85-то место) во 2019 година изнесуваат 12,7; 51,4 и 53,7 милијарди долари соодветно. Последниот податок за вкупниот БДП во светот за 2019 година е 87.752 милијарди долари и близу 45 отсто од него го создаваат оние 10-ина отсто од населението во светот што живеат во САД и ЕУ. Во рамките на големата економска осморка во светот треба да се истакне дека според бројот на населението поголемиот дел од тие земји немаат некое поголемо светско значење. Интересно е да се укаже дека Индија со население од 1,366 милијарди веќе ја стигнува НР Кина со 1,398 милијарди и веројатно многу брзо ќе биде најбројната земја во светот. Во групата на најбројните 5 се уште и далеку помалубројните САД со 328 милиони и Индонезија и Пакистан со 271 и 217 милиони.
Инаку, кога БДП во светот би го пресметале според методот на веќе споменатиот метод на паритетот на куповната моќ, (GDP PPP) редоследот е поинаков и изгледа вака: 1. НР Кина; 2. САД; 3 Индија; 4. Јапонија; 5 Германија; 6 Русија итн. Во тој случај Македонија не би била на 132, туку на 123 место во светот, но тоа е веќе друга тема.
За крај ќе си дозволам и едно прашање. Има ли сомнеж дека една многу мала држава и економија како македонската со веројатно помалку и од 2 милиони жители и БДП од само 12,7 милијарди долари, исто како и другите во нашиов фрагментиран регион, не треба што е можно побрзо да се престрои, но многу сериозно да се престрои, и да се најде себе си во светот на големите, во нашиот случај во ЕУ? Ова од едноставна причина што нашиот иден економски раст и развој во друштво на големите и развиени економии на ЗВД какви што се оние од ЕУ и нивните соодветни пазари ќе биде многу повозможен, отколку да пловиме сами по океанот на глобалната економија.
*Никола Поповски е доктор на економски науки и универзитетски професор. Предава група на предмети од областа на теоретската економија и макроекономијата. Има објавено повеќе книги со економска проблематика и универзитетски учебници, како и голем број на научни и стручни трудови во домашни и странски списанија. Извршувал повеќе значајни државни функции. Живее во Скопје.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.