Луѓето не сакаат тиранија и автократија, туку владеење на народот, преку слободно и рамноправно учество во носењето на општествените одлуки.
Како да се протолкува фактот што во последните неколку децении поимот демократија воопшто ја нема изгубено неговата популарност, иако довербата во демократските системи е во постојан пад? Очигледно, постои крупен јаз меѓу демократските идеали и општата пракса на демократија во модерните општества. Луѓето не сакаат тиранија и автократија, туку владеење на народот, преку слободно и рамноправно учество во носењето на општествените одлуки. Она од што не се задоволни е начинот на кој тоа е остварено. Во актуелниот систем, спротивно на визијата на Русо, не владеат закони, туку други луѓе.
Зошто тогаш, наместо широка општествена дебата околу начинот на кој е поставена демократијата, дискурсот е опседнат со функционери, закони, скандали, и слични дневнополитички баналности? Дури и кога прашањето за демократскиот дизајн ќе успее да добие внимание, тогаш дебатата се сведува на изборот меѓу пропорционален и мнозински изборен модел, две варијации на суштински истиот принцип на претставување.
Зарем политичката имагинација ни е толку ограничена што не сме во состојба ниту да го доведеме во прашање тој принцип? Позади догмата на претставничката демократија се крие интелектуална мрзливост, чиј производ е демократски дефицит. Она што го сметаме за демократско изразување не е ништо повеќе од формална анкета околу тоа кој политичар претставува помало зло.
Квалитативната разлика меѓу референдумите и изборите
Всушност, за каков демократски консензус може да се зборува, кога за самата општествена организација политичката елита никогаш не се консултирала со народот? Во 90-те години воопшто не постоела јавна расправа околу тоа како да се продолжи по распадот на претходното уредување. Политикологот Бранко Смердел го посочува истиот дефект во создавањето на хрватската држава, тврдејќи дека експертски конструираниот устав, без да биде земена предвид неговата функционалност за постоечката политичката заедница, е само параван за крупните интереси и катализатор на партиската картелизација.
И ако отсуството на дебата во овој период е донекаде разбирливо поради историските околности на еуфорија од конечниот триумф на капитализмот над комунизмот, тогаш не постои оправдување за фактот дека денеска се уште го перцепираме парламентарниот систем како најдобриот можен и непроменлив, дури и после сите уставни кризи, процедурални недоречености и бескрајни бирократски лавиринти. Единствениот недвосмислено демократски акт во историјата на државата, е оној преку кој таа е прогласена – референдумот на 8 Септември 1991, на кој огромното мнозинство ја артикулира волјата за независна и суверена Република Македонија. На него се надоврзува тој од 2018-та, чија бизарна природа како “консултативен” го разводни исходот во кој стратешкиот бојкот спречи остварување на цензусот, укажувајќи на значајниот факт дека не постои национална согласност по прашањето за промена на името.
Овие две демократски манифестации стојат во контраст на десетте парламентарни, шест претседателски и седум локални избори досега, чиј кумулативен ефект на општеството е еднаков на нула. Разликата е квалитативна: на референдум, секој се претставува себеси, додека на избори, моќта се делегира на политичката класа, врз база на ветувањето дека таа достојно ќе ги претставува интересите на народот. Во три децении независност, ова ветување никогаш не било исполнето.
Во партитократија, секоја партија ветува дека ќе му ја врати моќта на граѓанинот, но ниту една не го идентификува институционалниот дизајн како причината за неговата немоќ. Наместо тоа, партиско-политичарската класа континуирано ги зголемува своите привилегии, додека генералната состојба на општеството станува се полоша. Единствениот резултат од децении на делегирање на моќта на “народни претставници” е поларизација, отуѓеност и губење на довербата во политичкиот процес.
Референдумски пристап збогатен со делиберација
Долгата листа на фалинки на претставничката демократија ја изложува Брет Хениг, во неговата книга “Крајот на политичарите”: влијанието на корпорациите и нивните армии лобисти на политиката, врските меѓу политичарите и медиумите, огромните суми на пари инволвирани во изборите, изникнувањето на мрежи на богати “филантропи”, често наградувани со место во владата и закони кои нив им одговараат, и секако, неброената низа на коруптивни практики.
Постои решение за прекинување на овој затворен круг, инспирирано од референдумското искуство – радикална трансформација на институциите и ставање на крај на професионалното занимавање со политика. Накратко, решението е директна демократија. Предлогот на Хениг за нејзина примена во масовно општество е таканаречена “сортиција” – влечење на граѓани по случаен избор, кои би биле огледало на нивните сограѓани од демографски аспект, и каде по принцип на судска порота, секој граѓанин е потенцијален легислатор.
На овој начин, не само што се обезбедува континуирана партиципација и инпут од граѓаните, туку и услови за нивна еманципација. Кога демократијата е сфатена како хоризонтален процес, идеалот за информирано граѓанство како sine qua non станува остварлив. Во актуелниот систем, во кој информациите се сервираат одозгора, конструирани од машинеријата на моќните, граѓанинот не е информиран, туку манипулиран. Во директна демократија со делиберативен елемент, информациите активно се разменуваат, толкуваат и ажурираат преку непосредна интеракција меѓу граѓаните. Истражувањата покажуваат дека на овој начин се култивира не само компетентноста на граѓаните, туку и нивното чувство на корисност и ефикасност, и со тоа задоволството да се биде дел од политичката заедница.
Практичен пример за овој концепт се граѓанските форуми на Г1000 во Холандија, кои функционираат на едноставен начин: случајно избраните граѓани (како демографско огледало на градот) се распоредуваат во кругови од 8-10 луѓе, заедно со модератори, кои се истовремено и експерти на темите за кои се дискутира во природен амбиент. Задачата на модераторите е да ја насочуваат меѓусебната дискусија, но и кај граѓаните да гарантираат етичко резонирање, водење од најдобриот можен исход за заедницата (а не само за индивидуата), и разбирање на сопствената одговорност како дискутанти и носачи на одлуки во име на нивните сограѓани. Консензусот и најбитните заклучоци на одредена тема од секој круг потоа се објавуваат пред целиот форум, по што следи уште една пократка рунда на дебата, и конечно гласање.
Директната демократија почнува на локално ниво
Делиберативната, партиципативна, директна демократија е модел на емпатија, рефлективност и консензус, спротивен на сегашниот модел на интереси, пазарење и конфликт. Во неа, наместо пасивен набљудувач, граѓанинот е активен учесник. Преку неа се остварува визијата за политика на блискост, на местото на сегашната политика на исклучување. Таа преставува вовед во нова политичка пракса, нови институционални механизми и нова генерација на политички актери произлезени директно од народот, кои ќе ги исфрлат од употреба партиите во нивната сегашна паразитска форма.
Како можни слабости на ваквиот модел на демократија, научниците ги наведуваат компетентноста на граѓаните, инклузивноста, трошоците и слухот на постоечките институции. Делиберативниот пристап и присуството на експерти како советодавен “втор дом” ќе го елиминира проблемот на компетентноста. Решение за инклузивноста е научниот пристап на стратифициран примерок и оверсемплинг, преку кој регрутните институции ќе обезбедат присуство и на маргинализираните граѓани со помалку ресурси. Трошоците не можат да бидат поголеми од сегашниот систем во кој парите ги голта црна дупка на корупција и неефикасност, а целото општество стагнира.
Што се однесува до слухот на институциите, целта на директната демократија преку сортиција и делиберација е на долг рок токму нив да ги замени, не да соработува со нив. Овој процес почнува со подривање на тие институции, истовремено менувајќи ја агендата од далечните “национални” прашања, кон егзистенцијалните проблеми на обичниот граѓанин, како животната средина, образованието и здравствените услуги. Затоа и зачетокот на сонот за вистинска демократија е на локално ниво, како инструмент на муниципалистичкото движење, водено од тенденцијата за урбана автономија и локален граѓански идентитет.
Од радикална демократска иновација до политичка револуција
Многумина ќе го сметаат овој аргумент за утопизам. Но историјата е полна со такви примери кои подоцна станале реалност. Токму сегашната форма на претставничка демократија е етаблирана во 19-от век, преку отфрлување на благородничката наследна доминација, и издејствување на универзално право на глас. Но ова никогаш не требало да биде нејзината конечна форма, затоа што општественото уредување никогаш не е совршено. Во 21-от век, со сите придобивки на модерната ера, не смееме да се задоволиме со инфериорни демократски механизми.
Општествената авангарда ќе продолжи да експериментира со граѓански форуми, сортиција и други методи за артикулирање на колективната интелигенција. Прогресивниот сегмент од популацијата мора да ја зграпчи можноста да биде дел од овие експерименти на радикална демократска иновација.
Иво Босилков
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.