[Став] За моето искуство со Агенција за млади и спорт

Јас сум Мери Чкрипеска, активен спортист и претседател на Ориентациониот клуб „Златоврв“ од Прилеп. Истовремено сум и селектор на македонскиот репрезентативен  тим и претседател на натпреварувачката комисија.

Соработката со Агенција за млади и спорт е неопходна како за нас, така и за сите останати спортски клубови и спортски федерации. Досегашното искуство се одликува и со пријатни и со непријатни моменти.

Имало години кога сме добивале финансиска поддршка од Агенцијата, но тие средства не биле доволни за да се задоволат нашите потреби (помош при реализација на натпревари од лигата, организирање тренинг-кампови, учество на натпревари со репрезентативен карактер). Финансиите биле доволни за цртање на една мапа и за учество на 1-2 меѓународни натпревари со екипа од 1-6 члена. Членовите на репрезентација не може да станат врвни спортисти со учество на еден меѓународен натпревар или без организирање  тренинг-кампови. Во спортот нема годишни времиња, нема застој. Потребна е континуирана поддршка. Имало и години кога воопшто не сме добиле финансиска поддршка. Неколку години со ред добивавме финансиска поддршка за најдобрите млади спортисти. Оваа година за жал, и покрај една од најдобрите сезони за нас (2017), ниту еден ориентирец не доби финансиска поддршка за млад спортист. Тоа во голема мера ги демотивираше младите членови кои непрекинато тренираат во природа, 6 дена во неделата, на екстремен студ или горештина.  Во почетокот на 2018 год. бевме позитивно изненадени кога на клубот му беа доделени 90.000 денари, како најдобар клуб за сезоната 2017. Често пати сме биле изоставени од Агенцијата на разни приеми и не сме биле препознаени како федерација и покрај тоа што сме официјална федерација.

Сметам дека Агенцијата за млади и спорт треба да биде повеќе на терен. Со свои очи да гледа каде и на што се троши финансиската поддршка што ја обезбедува.

Доделувањето на годишните средства на федерациите треба да биде реализирано што побрзо во претстојната година. Секоја година сме лишени од учество на Медитеранското првенство во ориентација, што се одржува во февруари. Никој не може да ни каже дали и колку финансии би добиле. Од самиот старт на сезоната сме поназад од другите. Овој проблем треба да се реши ИТНО!

Дефинитивно промена на политиката! Треба да престане потценувањето на индивидуалните спортови наспроти тимиските! Да не се скратува слободата на младите сами да го изберат спортот со кој ќе се занимаваат, т.е. да не се форсираат да се насочуваат само кон тимските спортови! Индивидуалните спортови се исто толку вредни колку тимските! И заслужуваат иста финансиска поддршка!

Отворање на хоризонтите! Во денешно време може сè да се „изгугла“. Многу спортови во Македонија не се ценети, а се популарни на други делови на планетата. И имаат голем потенцијал! Да не бидеме скептични. Слепи и глуви. Срамота е младите да мислат дека во спорт спаѓаат само: кошарката, фудбалот и ракометот. Тоа би значело Агенцијата да обезбеди поголема поддршка за спортовите во развој и помош при нивната промоција!

И можеби најважното… Сакам да се јавам во Агенцијата за млади и спорт и да можам да закажам состанок без да чекам неколку месеци и без да биде потребно да се јавам кај 10 други лица кои ќе ми помогнат да остварам контакт со надлежните лица. Сакам да им ги обезбедам на младите, условите кои ги заслужуваат. Младите се нашата иднина! Спортот е важен фактор не само за физичкиот, туку и за менталниот развој.

Агенција за млади и спорт, те предизвикувам на ФЕР соработка!

Тогаш ќе бидеме сите победници!

И ВИЕ и НИЕ!

Мери ЧкрипескаОриентационен клуб „Златоврв“