Текстот е одговор на блогот „Обединување околу „историски вистини“ или околу различности?“ од Огнен Вангелов и Љупчо Ристески, објавен на 15 април, 2021 година на блогот Республика.
Европската идеја се заснова врз надминување на спротивставувањата од минатото, врз нагласување на заедничкото и обединувачкото. Никој денес нема ексклузивитет над државата на кнезот Борис Крстител и св. Климент Охридски, на цар Симеон и св. Наум Охридски, на цар Самоил и Јован Дебарски, за нејзините традиции, делумно зачувани од самиот византиски император Василиј Втори.
Членовите на Заедничката комисија за историски и образовни прашања од Република Северна Македонија Огнен Вангелов и Љупчо Ристески, во текстот „Обединување околу „историски вистини“ или околу различности?“, се обидуваат да дадат одговор на мојот претходно објавен блог „За обединувањето околу нашата заедничка историја – цар Самоил erga omnes“.
Во својот прв текст дадов бројни примери дека, покрај изворите, современата авторитетна византологија во Велика Британија и САД, како и на Балканот – Хрватска, Србија, Албанија, Косово, вклучително и на албански историчари од Северна Македонија, државата на царот Самоил се разгледува на сличен начин: како Бугарско царство. Исто така, наведов дека многу пати ги замоливме колегите од Скопје да цитираат барем еден извор што докажува дека Самоил е некаков небугарски „словенски“ или „македонски“ цар, но немаше одговор. О. Вангелов и Љ. Ристески имаа можност да одговорат јавно во својот текст, како и на 13. состанок на Заедничката историска комисија, што го имавме на 22 и 23 април 2021 година. Тие повторно не го сторија тоа. Ова не е за изненадување, бидејќи не постојат познати историски извори во науката за поддршка на нивните две тези.
За бугарската народност во времето на Самоил
Двајцата коавтори, наместо тоа, прибегнуваат кон друг метод – да дискутираат за непостоечка теза во мојот текст: „десетвековната етничка хомогеност“ на Бугарите во Македонија. Во нашите разговори во Комисијата посочивме многу докази дека средновековната словенска бугарска нација всушност била создадена и развиена по IX-X век на териториите на Бугарското царство, вклучително и на голем дел од денешната географска територија на Македонија (иако никогаш не спомнавме „десетвековна хомогенизација“), но ова не е темата на мојот напис. Тука ќе се ограничам на давање кратко објаснување и претпоставувам, доколку е потребно, колегите специјалисти за Средновековието ќе понудат уште подетални информации за оваа тема.
Двајцата коавтори не се историчари – едниот е политиколог, а другиот антрополог, и тоа се гледа од нивниот објавен блог. На пример, тие ги нарекуваат книгите што проф. Момчил Методиев им ги дал на членовите на Комисијата „извори“ (историски докази напишани или изведени од предметната епоха, во случајот X до XII век), но всушност станува збор за секундарни историски истражувања (secondary works, подоцнежни, во овој случај современи научни студии што ги користат и ги анализираат изворите; без извори, историските истражувања и науката за историјата не можат да постојат), како што се споменатите монографии во првиот текст на Пол Стивенсон, Кетрин Холмс, Ентони Калделис и други. Тие самоуверено изјавуваат: „Ниту една од библиографските единици содржани во листата на г. Методиев нема такви категорични тврдења, ниту пак тие извори се занимаваат со такви прашања. Токму фактот дека тие извори НЕ се занимаваат со прашања на „трајна етничка хомогенизација“ на еден бугарски народ на просторите на денешни Бугарија и Македонија е сржта на несогласувањето меѓу македонскиот и бугарскиот дел на Комисијата.“
Доволно е да ја отвориме „The Cambridge History of the Byzantine Empire” што ни ја даде проф. Методиев и ќе видиме дека напротив, постоењето на средновековната словенска бугарска етничка група во широки географски области на Балканот е општоприфатено од светската византистика – терминот „Бугари“ се користи десетици пати, како на пример да се разјасни дека Византијците во првата третина од Х ги сметале Бугарите за варвари (стр. 508). Истиот етноним го наоѓаме во анализата на состојбата на владетелот што е предмет на нашиот интерес, како на пример во следниот пасус: „Самоил можеше да се надева дека со такви империјални мерки [пренесување на моштите на Св. Ахил од Лариса во Преспа] ќе добие прифаќање, па дури и посветеност меѓу неговите поданици со различен состав: Бугари, Власи, Албанци, Ерменци и Грци“ (стр. 526).
Тука ќе потсетам на нешто што е добро познато за професионалните историчари, но не е многу добро познато на пошироката јавност. Терминот „Македонци“ се користи само шест пати во Историјата на Кембриџ, затоа што во средниот век на Балканот со него се означувале во основа претставниците на византиската македонска династија (867 – 1056) и жителите на византиската тема (провинција) „Македонија“, од каде што тие потекнуваат. Оваа тема се наоѓала во денешна Тракија околу Едрене и западно од него. Мнозинството од овие Македонци, односно населението на темата Македонија, биле етнополитички Византијци (Ромеи) и зборувале грчки.
Георгиј Острогорски и неговиот авнојски компромис со цар Самоил
Наместо да наведат релевантен извор или денешна авторитетна студија, двајцата коавтори се повикуваат на Г. Острогорски (1902 – 1976) за да ја аргументираат својата теза дека „состојбата на изворите е таква што не дозволува конечни и цврсти заклучоци“ за средновековниот владетел. Тој е единствениот историчар цитиран од нив за прашањето за Самоил, за што се потребни кратки објаснувања.
Г. Острогорски има руско белоемигрантско потекло и е германски воспитаник, но како млад научник во 1933 година се преселил во Југославија и останал таму до крајот на својот живот во 1976 година. Тој наиде на добар прием, како во кралската така и во подоцнежната авнојска Титова Југославија, и стана професор по византиска историја на Универзитетот во Белград и доживотен директор на Византискиот институт при САНУ, којшто го основал самиот. Без оглед на потеклото и несомнените научни квалитети, проф. Острогорски е раководител на југословенската византистика, што влијае врз неговиот третман на државата на цар Самоил, која сама по себе е периферен проблем во неговите научни интереси. Сепак, во првото германско издание од 1940 година на неговата „Историја на византиската држава“, тој појаснува дека „државно и црковно тоа (царството на Самоил) се соединувало со царството на Симеон и Петар; како од своите создавачи така и од Византијците, тоа се прифаќало едноставно како Бугарско царство…“ (стр. 213). Ваквото коректно објаснување е зачувано и во следните изданија, независно од конјунктурата.
Двајцата коавтори ја цитираат руската верзија, која е превод на третото германско издание од 1962 година, допишано во времето во кое политички доминираат Јосип Броз Тито, Александар Ранковиќ и Лазар Колишевски. Имено, тогаш Г. Острогорски повторно го ревидира своето прво издание и го „дополнува“ со ново тврдење, дека станува збор за „македонска држава“, која се разликувала од претходната бугарска држава (стр. 378). Да резимираме: вртењето кон југословенската историографија за Македонија од педесеттите и од шеесеттите години на 20 век е патување во минатото кое може да доведе до тешки колизии не само со изворите, ами и со целата светска историографија.
Исто така, потребно е да се прецизира дека списокот даден од проф. Методиев намерно вклучува само странски автори чие истражување е објавено од авторитетни издавачи на англиски јазик во последните 30 години. Причината за ова беше тезата изнесена од некои колеги од Република Северна Македонија за „застарен“, па дури и „примордијален“ пристап на бугарските историчари кон темата на државата на цар Самоил. Затоа, списокот намерно не вклучува и бугарски автори и странски автори кои работеле во времето на Георгиј Острогорски или пред него. Особено силен впечаток остава тоа што во современата литература, идејата за Самоил како небугарски „словенски“ или „македонски“ цар дури не се отвора, што е показател за егзотичноста на оваа хипотеза, иако од дискусиите за етничкиот состав на државата се гледа дека таа се познава.
Има ли доволно извори за Самоил?
Двајцата коавтори сметаат дека за државата на Самоил немало доволно извори, а тоа го припишуваат на „речиси секоја“ од книгите, понудени од проф. Методиев. Всушност ниту еден од тие наслови не го посочува ова конкретно на цар Самоил. Некои од византолозите, како што е Ентони Калделис во цитираната книга Romanland: Ethnicity and Empire in Byzantium, го пишуваат спротивното – „проблемот на етничноста е обилно засведочен во првичните извори, но ретко се разгледува во науката за Византија“ (с. XI). Други истражувачи, како што е Кетрин Холмс, забележуваат дека проблемот со фрагментираната изворна база за Византија е карактеристичен за целата историја на Европа од раното средновековие (стр. 7).
Како и сите историчари, и ние би сакале да имаме повеќе извори, но сепак има добро сочувани примарни извори за Самоил и за неговата држава. Без да навлегуваме во повеќе детали, ќе споменеме само неколку од нив – Битолската плоча на цар Јован Владислав од 1015 година, изложена во музејот во Битола, во која внукот на Самоил се нарекува „бугарски самодржец“ и „Бугарин родум“, кој ја обновил тврдината Битола „за скривалиште и за спасение и за животот на Бугарите“. Неговиот современик, арапскиот христијански историчар Јахија од Антиохија, детално ја опишува војната на византискиот император Василиј Втори со државата предводена од комитопулите: „Царот Василиј се сретна со Бугарите и ги натерал на бегство. Тој го заробил нивниот крал и го вратил во занданата од која избегал. Комитопулусот, командантот на неговата војска, избега и управуваше со бугарското царство“. Самиот император Василиј Втори, во својата повелба од околу 1019 година, со задоволство сведочи дека „римската држава се проширила и државата на Бугарите влегла во еден јарем со неа“. Постојат бројни такви сведоштва. Повеќето од нив беа собрани во посебен том од покојната проф. В. Т’пкова-Заимова, којшто неодамна беше преведен на англиски јазик.
Историчарите ги дефинираат цртите на Самоиловата држава не само врз основа на нејзиното име. Како што истакна нашиот колега Георги Николов, автор на книги за Самоил и претседател на Македонскиот научен институт, византиските извори сведочат за „кавханите“ Дометијан и Теодор при синот на Самуил, цар Гаврил Радомир, а таква титула и должност на Балканот имало само во првата бугарска средновековна држава.
Така, ако за О. Вангелов и Л. Ристески бугарскиот карактер на државата на цар Самоил и на неговите наследници се „готови тези, кои во поголема или помала мерка се контроверзни“, тогаш поради постоењето на многубројни пронајдени докази ова е општоприфатено доминантно стојалиште на целата современа светска медиевистика.
За прецизното користење на поимите од методиката на наставата по историја
Двајцата коавтори продолжуваат да ја истакнуваат „мултиперспективноста“, која тие не ја дефинираат ами произволно ја замислуваат, како вклучување на денешните државно-политички перспективи кон минатото, особено за царот Самуил, камуфлирани зад заедничките желби за „вклучување на сите позначајни теориски ставови во историографиите во светски рамки“ (притоа се заборава дека теоретските светски историографски пристапи тешко се предаваат на универзитетите, а што останува за средното училиште).
Мултиперспективниот пристап во никој случај не е претставување на дадената појава од различни денешни историографски политички гледни точки. Тој е дел од методиката на наставата по историја. Според веќе цитираната дефиниција, тој е „форма во која историскиот факт е претставен од најмалку две различни перспективи на учесници или на вклучени современици кои имаат различни социјални позиции и интереси“. Перспективите се токму на агентите, на оние кои се вклучени во историските процеси од тоа време, а не на денешните историчари и држави. Затоа, сите методолошки материјали за мултиперспективност во наставата по историја сугерираат дека таа првенствено треба да вклучува релевантни извори.
Наспроти произволните обвинувања на двајцата коавтори, ние го охрабруваме критичкото размислување на учениците и разновидната перцепција на историјата, поради што предлагаме да се вклучат извори, доколку е можно во оригинал, во наставните материјали. Така, можеме да се обидеме да ја достигнеме гледната точка на некои различни општествени чинители од времето на Самоил. Работата со извори им помага во фантазијата и во критичкото размислување на учениците и е далеку од опишаниот „авторитативен“ и „ригиден“ процес.
За жал, спротивставувајќи се на достигнувањата на светската историска наука, вклучително и на сите современи историографии во нашиот регион и на албанските историчари од државата, пристапот на двајцата колеги од Северна Македонија се обидува да ги потенцира разликите, да повлече граници и поделби, како што беше направено во целиот период по 1945 година, во едно веќе друго време. Напротив, европската идеја се засновува врз надминување на спротивставувањата од минатото, врз нагласување на заедничкото и обединувачкото. Никој денес нема ексклузивитет над државата на кнезот Борис Крстител и св. Климент Охридски, на цар Симеон и св. Наум Охридски, на цар Самоил и Јован Дебарски, над нејзините традиции, делумно зачувани од самиот византиски император Василиј Втори.
Објективното обединување околу нашата заедничка историја од времето на Самоил и подоцна не само што ќе придонесе за исполнување на Договорот за пријателство и добрососедство – тоа ќе ни помогне да решиме многу од современите проблеми што нè спречуваат да станеме побогати, поповрзани и поевропски.
*Доцент Наум Кајчев предава нова и современа балканска историја на Софискиот универзитет „Св. Климент Охридски “. Тој е автор на книгите Македонија, посакувана: армијата, училиштето и изградбата на нацијата во Србија и Бугарија (1878-1912) и Илирија од Варна до Вилах: хрватската национална преродба, Србите и Бугарите (до 1848 година). Тој е и заменик претседател на заедничката комисија за историски и образовни прашања меѓу Бугарија и Северна Македонија.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.