[Став] За пошумувањето на Водно

Бојан Симовски

Токму во моментот кога разговараме на оваа тема, се наоѓам на северните падини на планината Водно, заедно со семејството. Нека не звучи случајно, бидејќи овде сме дојдени со намера да го ползуваме она што генерации пред нас го започнале,  генерации по нив го унапредувале и баш во овие години од синдинамскиот развој треба да претставува едно од најпосакуваните места за посета во Скопје – според сите аспекти на приградско заштитно зеленило, односно вистинска засадена шума! Непроценливо богатство за градот и граѓаните, кое мора да го чуваме и подобруваме…

Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг (поранешен Шумарски факултет) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во рамки на соработката со Градот Скопје, беше ангажиран да изготви мислење за озеленување на падините на планината Водно, од кое произлезе Елаборатот за приоритетно пошумување во парк-шумата „Водно“. Заедно со проф. д-р Иван Блинков од Катедрата за земјиште и вода, во одлична координација со дел од шумарските инженери задолжени од јавното градско претпријатие „Паркови и зеленило“, направивме соодветен избор на растителни видови за четири површини, чиешто пошумување, односно озеленување ќе овозможи, во најголема мера, ублажување и заштита од површинската и линиската ерозија. Притоа, запазени се и останатите аспекти на еден зелен простор, особено пејзажната вредност, којашто во овој есенски аспект е јасно видлива на постојните пошумени падини на Водно и допадливо забележлива од Скопската котлина.

Иако непосредно не бев вклучен од почетокот на целиот процес, со одговорните лица од Градот Скопје се разговараше за можноста за избор на локалитети и видови за многу повеќе површини за пошумување, меѓутоа за дел од нив се утврди дека не се во државна сопственост, а за дел дека се потребни сериозно поголеми капацитети од оние што се на располагање. Дополнително, во меѓувреме се во тек и некои други активности кои може да ги засегнат постојните граници на парк-шумата „Водно“, но притоа не смее да се заборави дека пошумувањето на северните падини на Водно (кои биле голина како актуелните јужни падини) првенствено е изведено поради противерозивна заштита на населбите и заштита на населението на Скопје! И покрај заедничката желба за целосна реализација, а пристапувајќи етапно и во рамки на расположливото време и моменталните можности, ги утврдивме како најсоодветни локациите Долг Рид (со две микролокации), под Маркова Крушка и месноста Овоштарник кај Теферич.

Долг рид (проектирана состојба), фото: Бојан Симовски

Локациите со локалитетите за приоритетно пошумување се направени врз основа на итната потреба од реакција за зачувување и унапредување на животната средина, особено шумите, како едни од најстабилните и најразновидните копнени екосистеми во околината на градот Скопје, којшто, пак, повеќе години покажува загрижувачки вредности на повеќе еколошки параметри.

Селекцијата на трите локации опфаќа слични сушни (термоксерофилни) месторастежни услови но со одредени специфики. Првата локација (со две микролокации „Долг Рид“) претставува голина со исклучително лоши орографски и едафски услови. Втората локација (локалитет под „Маркова Крушка“) претставува вистински предизвик за мини-парковско озеленување со овозможување соодветна заштита. Последната локација (локалитет „Теферич – Овоштарник“) е под сериозна закана од инвазија на супспонтана експанзија од интродуциран дрвен вид. На сите локации, повеќе или помалку изразени, присутни се јасно видливи ерозивни процеси. Изборот на локациите со локалитетите за приоритетно пошумување е направен, пред сѐ, за да се укаже на комплексноста на еколошките фактори од различна абиотска и биотска природа, вклучувајќи ги и последиците од човечкото (не)делување.

За изборот, пак, на видови соодветни за сушни (термо)ксерофилни месторастења, земени се предвид повеќе фактори: еколошките карактеристики на растението (сушоотпорност, еколошка скромност или широка еколошка валенца, релативно брзо воспоставување, силна способност за размножување, резистентност на аерозагадување), морфолошките карактеристики (декоративност, вообичаено отсуство на боцливи израстоци), други користи (јадливост, лековитост, медоносење, микрохабитати, вектори на опрашувачки агенти…), достапност на пазарот за семе и саден материјал (којшто, за разлика од пазарот специјализиран за хортикултурни видови е далеку посиромашен за избор), како и економската оправданост (растението да биде скромно во поглед на потребата од одгледување и нега, т. е. економично).

Дополнително, користени се претходни искуства за пошумување со исти или слични еколошки карактеристики, првенствено во скопскиот регион и разгледани се позитивни примери на Водно, особено во однос на успешноста од постојната и околната вегетација на (термо)ксерофилни месторастења. За разлика од вообичаените пошумувања, со потипичен избор на видови, овде и сега се пружа можност за поразличен пристап, не затоа што сме сега помудри или поспособни, туку затоа што, благодарение на нашите претходници кои ги извеле првите пошумувања и континуирано ја негувале дендрофлората во целокупниот озеленет простор, можеме да пристапиме кон дополнување на постојниот амбиент како дел од сукцесивните процеси, постигнувајќи различни ефекти со идентична суштина. Дел од предвидените видови за првпат ќе се употребат за пошумување во нашата земја, што претставува своевиден пионерски потфат со значаен научен придонес во македонското шумарство.

Долг рид (актуелна состојба); фото: Бојан Симовски

Се очекуваше дека кон крајот на минатата година ќе се осмисли проектот и започне со реализација на активностите, но од различни причини тоа не се случи. Сега, од оваа временска дистанца, можеби и подобро што не се започна, бидејќи минатогодишните ноември и декември беа невообичаено сушни за тој период од годината, со што успешноста, покрај влијанието на другите еколошки фактори, би била веројатно многу пониска од планираната. Според сите досегашни показатели, од средината до крајот на ноември е еден од најдобрите периоди (да не речам најдобар, бидејќи се случуваат исклучоци) за извршување на вакви активности – зголемена воздушна и акумулирана почвена влажност, можност за полесна подготовка на почвата, листопадната дендрофлора е во релативно мирување вон вегетацискиот период итн. Потоа, пак, напролет, започна пандемијата на новиот вирус корона „SARS-CoV-2“ и заразната болест КОВИД-19, а тоа што ни се случуваше и случува како човештво подлегнато под сериозна здравствена закана е неизбежен дел од застрашувачкото секојдневие веќе подолг временски период. И, конечно, на претходната седница на Советот на Град Скопје се најде и оваа точка на дневниот ред. Како стручно лице, но и како роден и израснат граѓанин на Скопје, искрено се надевам дека ќе се реализира осмисленото. Затоа што Водно е првото нешто кое сум го гледал, го гледам и сакам да го гледам кога ќе се разбудам секое утро – цветно напролет, разнолико зелено лете, шаренолико наесен и побелено зиме!

Под Маркова крушка (депонија) актуелна состојба; фото: Бојан Симовски

Верувам дека ова приоритетно пошумување е само почеток на процесот, онака како што е договорено со надлежните органи. Средствата за целокупното компензирање на работите со гасоводот на дел од трасата којашто минува низ Водно може да се доволни, а може и да не се, секако зависно од планираните активности за пошумување, односно противерозивно уредување од страна на Градот. Во корелација со девастацијата на просторот на едни од најубавите потези за пошумување на Водно, во периодот 2015 – 2017 година, со поддршка на Градот се изготвени две стратешки важни истражувања: Студијата за озеленување и пошумување на подрачјето на Град Скопје и Студијата за ерозија и акциски план за Градот Скопје. Во соработка со Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), се спроведува проектот „Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени“.

Од сите документи произлегува дека значителни делови околу градот се делинеирани како подрачја загрозени од ерозија или како ерозивни подрачја. Подрачјата каде може на мал дел да има видливи процеси на ерозија, но кадешто со промена на покровноста може да настанат силни процеси на ерозија, нудат можност за релативно „пониско“ побарување средства за соодветен избор на видови за реализација на озеленувања со овозможување противерозивна заштита. Меѓутоа, доколку треба да се преземат и сериозни биотехнички и геотехнички мерки за стабилизирање на земјиштето и заштита на ерозивните подрачја, какви што се утврдени и на Водно и може да претставуваат закана за здравјето и животот на граѓаните при поројни појави, секако дека не се доволни. И тоа се нешта кои се решаваат во сеопфатна и длабока анализа на повисоко рамниште. Доколку, пак, Градот во своите програми предвидува активности кои се од интерес за посетителите на парк-шумата, во склад со постојните вредности, со претходно постигната согласност од сите засегнати чинители и неопходна потреба за унапредување на просторот, секако дека има простор за размислување. Но, тоа треба да е плански оправдано и без значително нарушување на доделените наменски средства, односно издвојување посебни средства или брзо надополнување на „позајмените“ средства, ако за тоа се јави издржана моментална потреба.

Покрај стручната јавност и надлежните институции, според досегашното искуство со граѓанските организации заинтересирани за Водно, секогаш кога биле вклучени, пружале искрен и значаен придонес за носење соодветни одлуки поврзани со идните активности на парк-шумата. Впрочем, граѓаните се тие кои катадневно ги ползуваат благодатите на оваа „засадена шума“ и во нивен/наш најголем интерес е сето тоа да се унапредува стратешки и стручно, т. е. долгорочно и постепено.

Лево: Теферич – Овоштарник, актуелна состојба (кози), десно: Теферич – Овоштарник, актуелна состојба (инвазија од смрдливо дрво); фото: Бојан Симовски

А кога сме кај потребата за стратегиски пристап за озеленување/пошумување со автохтони видови на сушни месторастења во период на климатски нарушувања, таа сѐ повеќе се нагласува и станува неизбежна. Имено, зачестеното присуство на екстремни климатски појави, долготрајните ерозивни процеси, интензивното човечко влијание и други фактори од различна природа нужно ја наметнуваат потребата од избор на растителност соодветна односно прилагодена на постојните суви и сушни месторастежни услови, притоа внимавајќи на автохтоната биолошка разновидност и со тоа давајќи придонес кон зачувување и унапредување на севкупниот биодиверзитет.

За таа цел, наместо изборот на видови да се ограничува на моментално малиот меѓународен пазар на семе и саден материјал со видови кои потекнуваат од провениенции во нашата земја или од викарни заедници (слични еколошки услови на различни/далечни географски области) или, уште повеќе, на речиси непостојниот избор на автохтони видови за ксерофилни месторастења на домашниот пазар, може да се создаде планско домашно производство исклучиво наменето за ваков тип озеленувања. На тој начин, не само што ќе се поттикне домашното производство и ќе се зголемат економските придобивки, туку ќе се зачува локалниот растителен генофонд којшто за некои растенија е ранлив (поради интродукција на видови што се подложни на интравидово и интервидово вкрстување од субспонтана природа).

Конечно, изборот на растителен материјал за озеленување/пошумување од локалните провениенции претставува еден од најсилните аргументи за висок процент на успешност при пошумувачките активности поради историската приспособливост на растителната единка да вирее на (термо)ксерофилни еколошки услови. Доколку кон тоа се додадат стратешките цели на Градот Скопје за преземање активности и мерки за подобрување на квалитетот на водите, почвите и воздухот (подрачјата на Водно, Скопска Црна Гора, непосредното опкружување на тврдината Кале), сега е вистинскиот миг за покренување ваква иницијатива.

вонр. проф. д-р Бојан Симовски, универзитетски професор за урбана дендрологија