Првото посериозно претставување на творештвото на сликарот Стојан Апчевски (1936-2012) во Офицерскиот дом во Битола е повод за една поширока анализа на третманот на творештвото на битолските ликовни уметници
Пишува: Владо Ѓорески, историчар на уметност
Битола, од крајот на четриесеттите до средината на деведесеттите години на минатиот век, доживува своевиден феномен во ликовното творештво, кое пред тоа, во минатото, не бил забележан, а најверојатно во блиска, но и подалечна иднина никогаш повеќе нема да се повтори. Наеднаш и речиси од никаде, без „поголема“ причина или „дијалектика“, во градот започнуваат да дејствуваат повеќемина ликовни уметници со различна естетика, различен ракурс на доживувањето и толкувањето на светот, со своевидни сосема равноправни корелации и комуникации на творечки план во однос на современиот израз во југословенското, па и во европското миље. Со различни стилови, позитивни влијанија, со авторски комуникации многу пошироки и подлабоки одколку доменот и капацитетот на самиот град. Повеќемина ликовни творци, кои тивко, непретенциозно и не арогантно, создадоа атмосфера на потполно, достоинствено, човечко, хумано толкување, претставување, живеење со креативноста и творештвото воопшто.
Еднаш треба да се расчисти со севкупно непотребната, оптоварувачка митологија на градот – „градот на конзулите“, „градот на клавирите“ итн. Живееме со таа приказна која нема, ниту ќе има врска со нас и со нашата евентуално можна иднина. Тие, сега веќе непотребни преповторувања, само ја задоволуваат нашата потполна малограѓанштина и провинцијализам, кои се целосно незаинтересирани за оние траги кои ги оставиле нашите современици, траги на длабоко размислување и толкување на светот, кои ги игнорираме, слепо минувајќи покрај нив, а постојано ја повторуваме потполната празнина и исцрпеност во нас или во лажниот историски контекст.
Не е чудо, овој половина век на вистинско ликовно творештво, е само фрагментарно забележан и архивиран во прашината – низ некои осврти, критики, каталози или малку поамбициозни монографии за поединци. Суштината, ние историчарите на уметноста и критичарите, ја пропуштивме, дефинитивно и неповратно. Не успеавме да напишеме или извлечеме синтетизирана, посеопфатна историја на современата ликовна уметност во Битола, не успеавме да создадеме галерија или музеј на современото ликовно творештво во Битола. И толку, сега ни остана едно големо ништо или сервилност со кој ќе го покриваме новото време во кое „ликовноста“, ќе биде третирана само во декоративни, снобовско престижни, најчесто сурогатни форми, во кој „ликовноста“ ќе биде сместена во материјалистичкиот, финансов нов берзански пазар, обездушена, потполно испразнета, безлична, кичерајска во духот на капиталистичката тотална стварност.
Додека и натаму ќе ги повторуваме конзулите и клавирите, уметноста и културата ќе ни се слизнат низ прстите како пустинска песок, оставајќи ја оваа мала средина, безначајна и никому непотребна, затоа што без вистинско творештво, култура, наука, филозофија, еден народ или една средина, пополека или многу побрзо се претвора во безлична и недефинирана маса.
Денес градот има една улица апсурдно наречена Широк сокак, лишена од секаква културна содржина, ‘рбет на градот исполнет исклучиво со угостителски објекти (или трговски дуќани), улица која наместо центар на збиднувања, на размена на размислувања, на комуникации, се претвори во своевидна арена на воајеризам, на оговарање, на потполно отсуство на етика за изградување на меѓучовечки односи и етика на достоинствено живеење.
Во средина како нашата, релативно мала, средината на битолското опкружување, местото, позицијата на авторот, на творецот, скоро без исклучок е во своевидна колизија, наспроти севкупните „норми“ на „градско“ живеење.
Ваквите средини, особеноа ако како битолската е заробена и со фиктивен историски традиционализам: клише, унифицираност, норми на однесување кои постојано се движат во рамките на толпата, на „целината“, на конформизмот, диктиран од севкупната популација, просечност, страв да се излезе од тие рамки, неможност да се раскршат бариерите на површноста, малограѓанството… Местото и улогата на творештвото е секогаш на маргините, безначајно, речиси непотребно. Во периодот на постоењето на еден друг систем и државна структура, нормите, творечките, културните кодекси беа речиси наметнувани, во позитивна смисла – Битола успеа да изгради своевидна база на културни институции во кои творештвото и севкупното творечко живеење си го најде својот вистински пристап до едно нормално, цивилизирано живеење.
По осамостојувањето, иако првичниот занес можеби донесе одредени еуфорични, недоволно дефинирани и јасни состојби на продолжување на овој начин на опстојување, во каква таква корелација со европските цивилизациски норми, постепено но сигурно, особено во последниве десетина години, настана речиси потполно одбивање и неприфаќање на какво било посериозно творештво. (Ако во предходниот период постоело одобрување или живеење со творештвото, тоа било благодарение на изградени институции и норми, сфаќања, однесувања сепак дојдени од една сериозна државна творба која исклучително добро знаела зошто и колку е потребно творештвото, културата, во последнава деценија настана своевидна деструкција, која имаше за цел најмногу да ги уништи токму тие кодекси на опстојување наспроти создавањето на потполна и непотребна, крајно агресивна и разорна супкултура…).
Пропуштајќи ја можноста во периодот на своевидниот процут на вистинското опстојување, ние, историчарите на уметноста, не успеавме да создадеме своевиден музеј на битолското современо сликарство, во кое ќе беа опфатени сите повоени генерации, кои се движеа по една дијалектика на оптимизмот и градација на возвишеното. Не успеавме да создадеме, своевидна, ликовно – критичко есеистичка мисла, со која ќе го запечатевме овој период, не успеавме да му дадеме историски легитимитет и да ја потврдиме со тоа неповторливоста на еден период кој најверојатно нема да се повтори – во креативна, прогресивна, инвентивна, човечка смисла. Не успеавме да ги забележиме основните контури за можноста на развивање и создавање на еден нов град кој во себе ќе ги обединуваше пред сè хуманистичките и вистинските креативни, творечки, интелектуални вредности. Денес, ни останаа, ситни фрагменти на таканаречена уметност, диктирана од кичерајската распојасаност на тајкунската разурнувачка цунамичност. Ни остана да ја „браниме“ бофол тезгарската „уметност“ која има само за цел да ги покрива празните sидови на и онака испразнетиот „градски“ живот.
Овој, краток извештај за сликарството, на еден автор има цел да ги собере малубројните трошки кои по некоја случајност останаа сè уште во оваа наша паланечка средина. Има за цел да ги собере ситните мозаични камчиња кои ги оставија бројните автори, автори кои си заминаа, и да состави фрагменти на некогашниот мозаик, мозаикот кој во тоа време се обидуваа да го создадат како некаква трајност, луѓето кои сонуваа и веруваа, наспроти сè и не ни претпоставувајќи дека иднината, особено творечката, ќе се одвива во празниот простор не само на нашата незаинтересираност и испразнетост, туку и во речиси дефинитивната раселеност која ќе трае се додека градот не се претвори во своевидна никому непотребна и заборавена галерија на сеништата и на потполната отсутност и раселеност. Во таа галерија, ни останува да ги собереме сите гласови, линии, зборови, бои и верби како своевидна виртуелна носталгија оставена на ветерот да си игра со неа како празните пустински топки на исушените корења.
Краток извештај за животописот
Стојан Апчевски, и уште неколкумина битолски автори се најдиректна жртва на неприфаќањето и потполното површно, клишеизирано, тотално малограѓанско сфаќање за личностите кои се појавуваат по некоја несреќна случајност, различни во сè, за да ѝ остават нешто, дела, мисла, позиција на гледање на работите барем за малку повисоко од секојдневието – повторувано до хипнотичка убиствена непотребност.
Бил роден во 1936 година во Баница, Леринско. Доаѓа рано во Битола, односно изгонет е, со потполно уништено, убивано, раселено семесјство. Пораснат по прифатни домови. И покрај сè успева да заврши ликовен отсек на Педагошката академија во Скопје, а веднаш по завршувањето се враќа во Битола и почнува да реализира, да создава сликарство, кое подоцна ќе го презентира покрај на бројните самостојни изложби во Битола, во Скопје, а понатаму во Нови Сад, Крагуевац… учествувал на бројни групни изложби, учествувал во институционалното изградување на ликовниот живот, особено на Ликовната галерија, како и обединување на авторите во ликовното друштво. Изработил монументална фреска во Демир Хисар. Организирал повеќе изложби во сопствената галерија „Трон арт“ и повеќе градови низ републиката посветени на холокаустот на Евреите. Добитник е на многу награди и признанија. Добитник е и на наградата за идејно решение на амблемот на град Битола. Бил редовен член на ДНУ од 1987 година.
А еве што е напишано за неговото творештво: Во почетокот неговото творештво го карактеризираат елементи на лирска апстракција: светол колорит, енергични централни композиции, хармонија на тоналитети. Подоцнежните остварувања задржуваат извесни познати елементи, но добиваат апстрактно-асоцијативен призвук, за на крај да остане доследен на драматичниот експресионизам… Таксативно, паушално и толку. Зарем толку се зборовите кои одредуваат еден животен творечки век!?
Тоа е сè што е останато, за неговиот повеќедецениски творечки пат. Неговото авторство сериозно не е обработено, систематизирано, собрано, разгледувано.
Неговиот животен пат завршува во 2012 година, веднаш по смртта не неговата сопруга и неколку години по смртта на неговиот син единец. Целиот негов живот е полн со загуби, смрт, исчезнување. Умира незабележливо, необележано, а денес, освен кај неколку семејства, градот на културата го има заборавено со невидена рамнодушност. Ова не се однесува само за него, ова се однесува речиси за сите автори кои работеле во Битола. За среќа, можеби голем број од делата, главно насликани во маслена техника на платно, се наоѓаат во сопственост на неговата внука, Паула Апчевска во Штип.
Изгубено творештво
Во списанието „Прилози“, број 17 и 18 на Македонското научно друштво од Битола, во делот In memoriam, за него кратко е забележано, при што стои:„ неговите дела се наоѓаат во музеи, приватни колекции и разни институции низ Македонија.“
Во 1982 година, одреден од Заводот и музеј во Битола, имав задача да одам низ сите институции, фирми, претпријатија во градот и да направам попис на уметничките дела кои се во нивна сопственост. Собрав податоци за околу 500 дела, од сите битолски, македонски па и југословенски автори. Денес, останат е само списокот, а делата залудно ќе ги пребарувате. Благодарение на споменатата институционална грижа, во поранешниот период постоеја посебни фондови за откуп на уметничките дела, така е настаната збирката на Уметничката галерија. За среќа, од тој период во посочената галерија се зачувани и неколку слики на Стојан Апчевски, благодарение на семејството Литовски. Зачувани се уште неколку, со некои ретки и непознати исклучоци. И, тоа е сè. Тоа е сè за едно творештво кое во континуитет неколку децении било презентирано на големи самостојни изложби, големи и по број на дела.
Ова не се однесува само на Апчевски, пред неколку месеци, потполно исчезна скоро севкупниот опус на Пецо Видимче, еден од основоположниците на современото битолско сликарство, автор со дела кои одамна ги имаа надминато овие простори… Конечно, ако не се наследниците на скоро сите автори од битолско потекло, кои ги чуваат делата во нивните домови, не верувам дека нешто досега ќе останело.
После третата генерација, убеден сум дека најголемиот дел на дела останати уште по нивните домови, целосно ќе ги снема, нема да постојат, ќе се изгубат. Доколку продолжи оваа состојба на целосна незаинтересираност и духовна пустош, по неколку години, во Битола освен во збирката на музејот (доколку како институција и тој ќе опстои и понатаму), останатото, што некогаш се нарекуваше ликовна уметност, ќе се претвори во магла, никому непотребна и потполно заборавена, целосно исчезната, а заменета со дела кои упорно ќе ги задоволуваат новите вкусови на обезличената публика, која ќе навлезе во најновата фаза на човековиот напредок – сопствена емотивна роботизираност, односно потполна емотивна, креативна и творечка парализираност.
Фрагменти
Опусот на Апчевски, се развивал, надополнувал по одредена траекторија во која е вградена сериозна коресподенција со современите ликовни изрази забележани по творечките центри на Југославија, а и пошироко. Неговите „почетоци“ се со темни бои, на границата од импресијата и внатрешниот песимизам. Тешки, загушливи, скоро безизлезни, фрагменти од улици, затемнети прозорци, некоја наталожена тегобност која се слева низ прозорците зад кое свети слабо светло, кое потсетува на осаменост, на живот затворен во својата болка и монолог, кој се смрзнува во ноќната обезмесечена зимска пустина. Тоа се мали ноктурна на човековата поразеност, на изгубеноста на светот кој не зборува туку пополека исчезнува во последната ноќ, во студенилото, кое никогаш нема да исчезне, затоа што одамна сонцето исчезнало и никогаш повеќе нема да изгрее. Таа фаза на рефлексивен, песимистички импресионизам ќе се појави кон шеесетите години, а од крајот на истите, ќе се случи чудна преобраза. Тоа не е естетска, ниту ликовна промена, тоа е метаморфоза на созревањето или дошепнувањето на некои нови пространства, лековити не кон песимизмот туку кон желбата да се дофати судбината, не со малечката светлина која едвај се назира од крајот на прозорците, туку да се дофати со еден силен, сигурен, јасен и многу прецизен потез сличен на светлосен и колористички блесок, со кои директно влегува во сериозна конфронтација со проклетството на судбината. Стојан Апчевски, со ова сериозна внатрешна борба, ќе го постави специфичниот македонски експрезионизам, пред Петар Мазев и Глигор Чемерски – можеби малку претенциозно звучи, но неговиот див, „неконтролиран “ експресионизам, густо нанесуван, жестоко соочуван со формите и композицијата е првиот и можеби единствен бунтовнички експресионизам, кој ќе ги раскрши сите пасторални илузии за разубавувачката улога на уметноста. Тоа е сликарство кое е во директна конфронтација со животот, не песимистички туку колористички и скоро звучно крикнати.
Апчевски низ сиот свој период нема да се откаже од овој избор на соочување со светот и опстојувањето. Внатрешно, низ годините што следат, можно е да се разоткрива своевидна внатрешна преобразба, повторно не предизвикана од естетски или теоретски премиси, а уште помалку од некаков дијалог или влијанија од другите автори. Тоа е творештво кое пополека, но снажно ќе ја регистрира бунтовноста, силно, чисто, апсолутно сликарски изразена.
Творештво, кое ќе го следи дневнично неговиот емотивен и мисловен стадиум, често изразуван слично на битовата генерација, исфрлен, неизбалансиран, некомпромисен, далеку од додворувањето кон публиката или институциите. Безобзирен, без задршка, апсолутно слеан во изразот и директноста. Ова е во потполна корелација со најактуелните ликовни движења во југословенските сликарски центри.
Неговата творечка линија нема цврстина на авторска непроменливост и задоволство, туку линија која од бунтовноста, темпераментноста, силината, пополека, но сигурно ќе навлегува во црни траги и флеки, песимистички и уште побунтовнички, кои сè повеќе се израз на неговата вечна внатрешна борба која ќе завршува пополека со неговиот потполн, целосен пораз на бесмисленоста да се создава во средина која не знае да распознае крик, од уште поголем крик.
Често, делата, ќе ги „покрива“ со наслови кои носат одредена поетичност, настојувајќи да нè оддалечи од суштината на неговиот вистински пат. Создава брзо, енергично, со потези кои не познаваат никакво досликување, педантност или фино, нежно китење. Директно соочен пред платното, создава една галерија на човечката трагедија, покриена со условна апстракција, зад која се нанесени сите наслаги на болката, до густина која ја надминува и најголемата тежина.
Тоа се спомени, белешки, регистрирани, дофатени со исклучителна брзина, постапка која не е во контекст да не биде заборавена или намален интезитетот на мислата, туку да отвора брз пат на следните „белешки“ кои се со богато мемориско и мисловно постоење. Колористичката гама исто така е далеку од компромисност. Таа не се занимава со нијанси или колористички варијации. Таа е директна, вклучувајќи ги елементарните бои како алфа и омега на изразот.
Во цртежите, навидум е малку посмирен, особено во почетокот, иако и тука покажува одредена нетрпеливост кон реалното, движејќи се кон брзо и директно прикажување на мотивот без претензии да разубавува или дотерува – непосреден, директен, па макар и на своја штета во одредени сегменти.
Во графиката има две насоки. Едната е ситопечатите, доста педантно и чисто поставени, енергичната линија ја спитомува во своевиден триптихтен универзум, исполнет со разработки кои се скоро до звучност во чест на линијата. Другиот сегмент се линорезите или дрворезите, потполно слободно поставени, грубо, без пресметливост, често потполно оддадени на случајноста, на препушеноста кон самостојноста и непредвидливоста на отпечатокот. Своевидно акционо графичко исполнување, покарактеристично за сликарството. Сепак, акционо и неоптоварено во позитивна смисла.
Севкупното творештво на Стојан Апчевски, гледано во целина, е своевиден храбар, бескомпромисен, неконвенционален, оригинален, творечки темпераментен и силен крик, поставен наспроти сите дилеми, трагедии, пустоши на животот. Неговиот опус граден повеќе од четириесет години, потребно е да се среди, да се открие, колку што може и да се вгради во сигурните, значајни достигања на сликарството во Битола.
Нека биде овој краток осврт, вовед во отварањето на синтезата за половина вековното ликовно творештво на Битола, таа сликарска трубадурска антологија која можеби ќе нè потсетува за вредноста на животот, но и за борбата со севкупните проклетства во патот кон идниот„свет“. Ако не за нас, за генерациите што би требало да дојдат ако остане нешто од оваа носталгија и од овој стогодишен проект на осаменоста создаден од Маркесовите пророштва, во кој сите Мелкијадеси, сите волшебници се веќе зад нас. Дали повторно, некогаш, некаде, ќе имаат желба да се појават со нова папка на линиски белешки, донесени од Новиот свет???
Резиме
Битола од крајот на четириесеттите до средината на деведсеттите годони од минатиот век, оствари богат, современ и актуелен ликовен творечки амбиент, кој што често беше на рамниште на поважните ликовни случувања во југословенските простори. Делото на сликарот Стојан Апчевски иако е дел од тоа севкупно достоинствено, важно и значајно ликовно милје, остана недоистражено, неархивирано, без посериозни толкувања и размислувања. Ова е прв обид да се рехабилитира еден значаен опус кој е дел од тоа неповторливо европско творечко и културно живеење на Битола.
Текстот е објавен во Зборник на трудови бр.19 на Заводот и музеј од Битола, а потоа е преземен од Умно.мк.