Ако нашата држава сака да биде членка на ЕУ, ќе мора да ги усогласиме нашите со регулативите на ЕУ, вклучувајќи го и законот за АИ. Сепак, бидејќи имаме далеку помалку ресурси, имплементацијата на овие регулативи може да биде предизвик.
Пратениците во Европскиот Парламент во февруари 2024 година го ратификуваа предлог договорот за значајните правила за вештачка интелигенција (скратено закон за АИ). Договорот треба да биде изгласан на законодавното собрание во април 2024 и ќе биде прв закон во светот кој се однесува на технологијата за вештачка интелигенција (АИ).
Ова означува значаен чекор во глобалната регулатива за АИ, чија цел е да се воспостават правила за заштита на демократијата и поединците од потенцијални штети на вештачката интелигенција. Сепак, опстојува загриженоста за нејзината сложеност и влијание врз бизнисите, додека земјите кои се стремат кон членство во ЕУ се соочуваат со предизвици. Почитувањето на стандардите на ЕУ може да ја доближи нашата земја до унијата, или едноставно, поради ограничените ресурси, уште повеќе да го зголеми јазот помеѓу развиените и тие во развој.
Најголемото прашање, сепак, е дали ваков закон е воопшто возможен за спроведување.
Што содржи законот за АИ?
Предметот и опсегот на Законот за вештачка интелигенција се фокусира на заштита на демократијата и владеењето на правото. Целта, на кратко, е етичка АИ. Со овој закон луѓето се заштитуваат од штетните ефекти на АИ во ЕУ.
Законот ги групира АИ апликациите во четири категории на ризик. „Неприфатлив ризик“, како социјално оценување и биометрика, кои се забранети. „Висок ризик“, како закана за безбедноста или основните права; „Ограничен ризик“, како откривање емоции и чет-ботови, кои треба да бидат транспарентни и „Минимален ризик“, за кои важат доброволни мерки.
Освен тоа, се подразбираат и стратегии како политика за одговорност за справување со предизвиците на АИ и поврзаното законодавство фокусирано на податоци, пазарни структури и онлајн платформи.
Законот изнесува усогласени правила за пласирање на пазарот и употреба на АИ во ЕУ. Забрани за манипулација, експлоатација на ранливи категории граѓани, биометриска категоризација, социјално бодување, биометриска идентификација во реално време; проценка на криминален ризик со профилирање; креирање на бази на податоци за препознавање лица; препознавање емоции на работното место, училиштата и слично.
Постојат и специфични барања за системи на АИ во правдата, вработувањето, здравството, социјалното осигурување, законот, миграцијата и слично. Уште некои значајни правила се оние за пласирање, следење, надзор, управување и спроведување на пазарот.
Заштита на луѓето, но што е со бизнисите и иновациите?
Овие регулативи ќе ги заштитат луѓето од физички штети (пр. несреќи со автомобили со АИ), помалку видливи штети (пр. предрасуди), штети од злоупотреба (пр. deepfake) и други. Но, што е со бизнисите?
Законот предвидува мерки за поддршка на иновациите, со посебен фокус на почетни, мали и средни претпријатија. Тој се однесува на даватели на услуги, увозници и дистрибутери на системи или модели за АИ. Законот не се однесува на системите за АИ кои се користат за воена одбрана или национална безбедност!
Сепак, постојат многу исклучоци за основан сомнеж при кривично гонење, тероризам и слично, при што можат да се користат ризичните системи. Како една од мерките за заштита од злоупотреба е член 10 од Директивата (ЕУ) 2016/680, со што се обезбедува дека обработката е строго неопходна и предмет на соодветни заштитни мерки и овластувања од Унијата.
Дали е ова прв ваков закон?
Ова е прв закон во светот од овој тип, но не е прв обид за „контрола“ на АИ. Кина, за разлика од ЕУ, не се оптеретува со широки и комплексни закони. Таа се фокусира на ограничување и контрола на конкретни алгоритми, кои се во согласност со нивните веќе 30 години стари регулации на интернетот. И како второ, во САД постои многу полабав однос кон АИ, односно ако таа е добра за бизнисите, добра е и за луѓето. Постои нешто што се нарекува Нацрт-план за закон за АИ, но се работи само за збир од предлози.
Истражувачите го нарекуваат хоризонтален пристапот на ЕУ, додека кинескиот вертикален. Критичарите тврдат дека широкиот пристап на ЕУ ќе ги задуши иновациите, а дека насочените регулативи на Кина ќе се користат за контрола на информациите. Освен тоа, постои сериозен (и можеби оправдан сомнеж) дека пристапот на ЕУ ќе може да постави специфични барања за сите АИ апликации.
Која е улогата на ЕУ во развојот на АИ?
Општата регулатива за заштита на податоци (GDPR) и претстојниот закон прикажуваат модел на регулација заснован на ризик што го покажува патот за глобалните стандарди за дигитална политика.
Стратегијата на ЕУ е заштита на своите граѓани во дигиталниот простор, но и подобрување на конкурентноста на европските компании против големите американски технолошки фирми. ЕУ инвестира многу во истражувања и иновации за вештачка интелигенција преку програми како Хоризонт Европа и Европскиот совет за иновации.
Сепак, важно е да се признаат ограничувањата. Напорите за истражување и развој сè уште се донекаде фрагментирани низ земјите-членки. ЕУ се соочува со силна конкуренција од други големи играчи како САД и Кина. Некои тврдат дека предложениот Закон може да создаде прекумерни оптоварувања за бизнисите.
Критики на законот
Обидот на ЕУ да создаде технички стандарди за АИ веројатно ќе биде голем предизвик – но можеби ќе биде едноставно невозможно!
Најбитно прашање е како ќе се направат АИ системи кои сигурно ќе се придржуваат до овие принципи и како ќе се тестираат? Овие системи се многу недоверливи бидејќи можат да учат од податоците на неинтуитивен и неочекуван начин. Системот може да биде неризичен, но да произведе ризични резултати, на што се свесни и самите законодавци.
Директорите на големите технолошки компании на пратениците им порачуваат дека предложениот закон за АИ е премногу нејасен и скап. OpenAI во јуни 2023 дури се обиде и да влијае на креаторите на законот да го омекнат, тврдејќи дека GPT-3 не е систем со висок ризик. Одговорот од ЕУ беше дека тој систем сепак поседува способности на употреба со висок ризик.
Други се сомневаат дека регулирањето на вештачката интелигенција ќе ги попречи иновациите. Експертите веруваат дека новата регулатива ќе биде невозможно да се усогласи со бизнисите, а некои тврдат дека може и да го задуши растот на технологијата во ЕУ.
Што значи овој закон за нашата земја?
Ако нашата држава сака да биде членка на ЕУ, ќе мора да ги усогласиме нашите со регулативите на ЕУ, вклучувајќи го и законот за АИ. Сепак, бидејќи имаме далеку помалку ресурси, имплементацијата на овие регулативи може да биде предизвик. Треба да се инвестира во инфраструктура и да се организираат обуки. Овие регулации нудат и можности за раст преку поттикнување иновации, подобрување на заштитата на податоците и обезбедување на етичка употреба на АИ. Почитувањето на стандардите на ЕУ може да ја подобри конкурентноста и атрактивноста на нашата земја за странските инвеститори, помагајќи ја нејзината интеграција на пазарот на ЕУ.
Сепак, додека не станеме членка на ЕУ и не се интегрираме на вистински начин, и додека не добиеме пристап до фондовите на ЕУ, ова е тешко да се случи. Така што, на некој начин (впрочем како и секогаш) сме заглавени во она што се очекува од нас и реалните можности.
Се чини дека ЕУ сака да ги заштити граѓаните од дистопија од типот на „1984“ на Џорџ Орвел, заборавајќи дека во 2024 година ако не си на страната на АИ, тогаш си во минатото. Законот е премногу комплексен и тежок за разбирање, но и за спроведување. Пејзажот на АИ се менува секојдневно, а со него ќе мора да се менува и законот. Дали е тоа воопшто возможно?
Промените, како и имплементацијата подразбираат толку многу комплексни варијабли што никој, па ни самата вештачка интелигенција, не би можел да ги предвиди.
*Текстот е дел од серијалот објави посветени на вештачката интелигенција во пресрет на меѓународниот симпозиум „Медиумската писменост во доба на вештачката интелигенција: Проширување на границите на возможното“ кој ќе се одржи на 29 февруари (четврток) во Хотел Лимак, Скопје.
**Бранко Прља е член на ДПМ (Друштво на писатели на Македонија) и на ЗНМ (Здружение на новинарите на Македонија). Дипломирал на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет. Како писател има објавено повеќе од 15 дела, а пишува и под псевдонимот Берт Стајн. Основач е на порталот arno.mk, како и на групите „Дај, не фрлај“ и „Не фрлај, не загадувај“ преку кои работи на ширењето на свеста за рециклирањето, реупотребата и намалената употреба со цел зачувување на околината.
***Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.
****Мислењата изнесени во рубриката „Став“ се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на Радио МОФ.