Пишува: Џулиа Ебнер за Гардијан
Организираните мрежи на теории на заговори покренаа отворена информациска војна низ Европа. Во центарот на ова се наоѓа движењето „КуАнон“ (QAnon – крајно десничарска теорија на заговор која тврди дека има таен план од наводната „длабока држава“ против американскиот претседател Доналд Трамп и неговите поддржувачи – н.з.). Се прошири од САД до Европа и Велика Британија со огромна брзина, преземајќи ги политичките дебати на социјалните медиуми и предизвикувајќи масовни протести на улиците последниве месеци.
Нашата нова анализа во Институтот за стратешки дијалог (ИСД) покажува дека теоретичарите на заговори од Европа водат засилена софистицирана кампања околу критичните крстосници во националната, регионалната и глобалната политика. Тие дури изведувале операции на социјалните медиуми за влијание врз гласачите на германските регионални избори, меѓу кои и изборите во 2018 година во Баварија.
Заедницата „КуАнон“, која почна на интернет-форумот 4chan, силно се совпаѓа со мрежите на поддршка на крајно десничарските движења како ЕДЛ и Пегида. Најскоро, се совпадна со демонстрациите на „Жолтите елеци“ и ги засилува тврдокорните кампањи за Брегзит и протестите на Томи Робинсон. Преку вметнување на конспиративни наративи во овие движења, нивните членови ги поместуваат постоечките мрежи и ги менуваат во нивна политичка насока. Често употребувана тактика е да се комбинираат конспиративни хаштази со оние од виралните кампањи и темите кои се во тренд. Размерот кој ова го генерира е доволно диспропорционален за да ја искриви јавната перцепција. Во 2018 година, ИСД идентификува блиску до 30 милиони употреби на зборот „КуАнон“ на Твитер, Јутјуб и форумите како Reddit и 4chan.
Пред изборите за Европскиот Парламент овој мај, виралноста на теориите на заговор околу Европската Унија и политичкиот естаблишмент обезбедува плодна почва за популистичките партии. Групите како „Ку Европа“, „Ку Британија“ и „Ку Германија“ веќе се спремаат да влијаат на ставовите на избирачите во клучните избори кои ќе ја одредат иднината на европскиот проект.
Следбениците на „КуАнон“ се организираат преку енкриптирани апликации како Дискорд или Телеграм, поврзувајќи ги американските фокусирани теории на заговор со локален контекст. Емоционално манипулативните и цврсто организираните кампањи им дозволија да соберат десетици илјади приврзаници низ Европа. Тие прават видеа, бази на податоци со дезинформации и прават тренинзи за правење мемиња и психолошки војни. „КуАнон“ дури има и сопствена валута, наречена „Иницијатива Ку“, која нејзините креатори сакаат да ја претворат во „следниот Биткоин“.
Низ Европа теориите на заговор кои ги мешаат старите антисемитски групи со новите кои ги демонизираат мигрантите и муслиманите добија огромно внимание по бегалската криза во 2015 година. Нова студија покажа неверојатна бројка, дека 60% од Британците веруваат во најмалку една теорија на заговор. Идеите дека тајна група од глобалната елита го контролира светот, дека постои заговор да се заменат англиските белци староседелци со муслимански мигранти, или дека властите ги кријат бројките на имигранти се меѓу теориите во кои најчесто веруваат.
На форумите на „КуАнон“ тешко е да не се забележи големата каша од логички грешки и контрадикции. Нивните следбеници ги поврзуваат МИ6, Фејсбук и Ротшилд со Ватикан, Холивуд, нацистите, илуминатите и вонземјаните во контекст на објаснувањето дека климатските промени се лага, дека Холокаустот никогаш не се случи, дека светот го водат педофили, сатанисти и канибали и дека британската кралица е директен потомок на пророкот Мухамед. Па, сепак, овој виртуелен космос на апсурдни стории можат да инспирираат инциденти во реалниот живот. Само претходниов месец, приврзаник на „КуАнон“ го убил својот брат, за кој мислел дека е „рептил“. Друг приврзаник во приватна порака во шифри прашува дали може да ги окупира канцелариите на британските тајни служби.
Зад нападите на замислените непријатели, ширењето на теории на заговор, долгорочно, може да предизвика општествени поделби и да ја наруши довербата во демократските процеси, институции и претставници. Во време кога недовербата во политичката бирократија е исклучително висока, лесно е да се влијае на сомнежите кои постојат и да се пополнат информациските јазови со измислени вести и искривени статистики.
Архитектурата на платформите на социјалните медиуми се идеални за крајно-ектремните групи да ги турнат корисниците кон сензационалистички содржини. Бизнис моделите на технолошките компании и алгоритмите се направени за да го максимизираат времето кое корисниците ко поминуваат на нивните платформи. Владите и големите технолошки компании полека почнуваат да се борат против систематското ширење на дезинформации. Минатиот месец Јутјуб соопшти дека ќе ги менува своите алгоритми за да се спречат препораките на огромен број видеа со теории на заговор. Во меѓувреме невладината „OpenAI“ одлучи дека нема да го пушти во употреба нивниот софтвер за автоматско довршување текст поради страв од злоупотреби. А објавувањето, овој понеделник, на извештајот на британскиот парламентарен комитет за Медиуми, дигитално општество, култура и спорт, покажува само колку сериозно е сфатен проблемот.
Но, решенијата за овие проблеми мора да се идентификуваат. Политиките треба да бараат поголема транспарентност на алгоритмите и одговорност од технолошките компании за да се заштитат идните избори. Наместо фокусирање само на отстранување на екстремни содржини и профили, ќе биде потребно регулација против штетните инфраструктури или злонамерните однесувања. Во спротивно, екстремистите ќе продолжат да ги искористуваат последните иновации во сајбер-просторот.
*Џулиа Ебнер е новинарка од Австрија и истражувач во Институтот за стратешки дијалог со седиште во Лондон.