Сè додека граѓаните сметаат дека само „нашите“ медиуми се во право, и дека само „нашите“ новинари се објективни а оние „другите“ се под влијание на политиката, дека се странски платеници, итн., нема да можат да го видат објективно проблемот со (не)слобода кај медиумите, ниту можат да бидат катализатори за негово решавање.
Во месец декември 2019 година, група од 19 интелектуалци, новинари и професионалци од медиумите испратија отворено писмо до јавниот радиодифузен сервис на Босна и Херцеговина (БХРТ) во кое го изразија своето незадоволство од пристрасното и непрофесионално известување од страна на јавниот сервис, како и за политичките притисоци врз вработените, за што јавноста во најголем дел не е запознаена, и тоа е така со години, и за што мошне малку се реагира. Ова писмо беше еден од ретките обиди да ѝ се укаже на јавноста на политичките и други притисоци врз медиумите и новинарите, на сè помалата слобода на медиумите и на сè поголемото стеснување на медиумскиот и јавен простор за алтернативни ставови и гласови на оние кои мислат поинаку.
Во однос на писмото, не беше даден никаков официјален од страна на оние на кои им беше упатени (Управниот одбор, Програмскиот совет и раководството на БХРТ) а и самата јавност релативно умерено реагираше на истото (ако ја исклучиме поддршката добиена од оние кои се потпишале на социјалните мрежи). Овој случај е можеби најдобриот показател за состојбата со (не)слободата на медиумите во БиХ и за општата апатија кај стручната и општата јавност во однос на таквата (не)слобода. Во државата која е заробена од военото минато, со нефункционална власт, со етнички и национални тензии кои се подгреваат со политички реторики и со манипулација од страна на партиите, очигледно дека и самите медиуми се заробени во неа, но исто така и јавноста.
Мешање на политиката во програмските содржини
За жал, јавниот систем на емитување во Босна и Херцеговина не е единствениот пример на директно мешање на политиката во програмските содржини, на директни притисоци врз новинарите и на непрофесионализмот кој е последица на таквите притисоци. Според „Репортери без граници“, Босна и Херцеговина се наоѓа на шеесет и третото место на Светскиот индекс на слободата (World Freedom Index), со образложените дека „поларизираната политичка клима која се карактеризира со постојани вербални напади и со националистичка реторика, создаде непријателско опкружување за слободата на медиумите“. „Репортери без граници“ укажуваат дека етничките поделби се рефлектираат во уредувачките политики и тоа дека говорот на омразата сè повеќе е присутен во јавниот простор. Има и некои други истражувања кои укажуваат на тоа дека медиумскиот простор во Босна и Херцеговина е поделен по етнички и територијални линии. Во пракса ова значи дека различните етнички групи и население во двата ентитети на Босна и Херцеговина (тоа е Федерацијата Босна и Херцеговина и Република Српска) имаат различни преференции кога станува збор за тоа кој медиум ќе го следат т.е. дека секој си ги избира оние медиуми со кои се согласува во однос на нивната уредувачка политика, со што се затвораат во етнонационални ехо комори во кои нема многу простор за наративи кои се граѓански по природа, над-национални, босанско-херцеговски и европски. Ова значи дека јавноста е дел од проблемот. Едно истражување од 2019 година покажува дека граѓаните мислат дека медиумите воопшто не се слободи, или дека се само делумно слободни.
Сепак, сè додека граѓаните сметаат дека само „нашите“ медиуми се во право, и дека само „нашите“ новинари се објективни а оние „другите“ се под влијание на политиката, дека се странски платеници, итн., нема да можат да го видат објективно проблемот со (не)слобода кај медиумите, ниту можат да бидат катализатори за негово решавање. Дополнителна причина за загриженост во овој контекст е и фактот дека 27% од граѓаните во Република Српска и 17 проценти од нив во Федерацијата БиХ опфатени со истражувањето изјавиле дека го оправдуваат насилството врз новинарите. Ова, за жал, не е изненадување, ако имаме предвид дека во Босна и Херцеговина се случија повеќе напади врз новинари во изминативе неколку години, од кои најекстремен беше нападот врз новинарот Владимир Ковачевиќ во Бања Лука во 2018 година. Во првите 10 месеци од 2019 година констатирани се 48 напади врз новинари а само 30% од истите се решени и процесуирани во полза на новинарите.
Нападите врз новинарите, било да се физички или (почесто) вербални, нивната дисскредитација (најчесто) од страна на политичарите, исклучително ниското ниво на новинарска солидарност и координираниот одговор на медиумската заедница и на самите новинари на овие напади доведоа до тоа јавноста не само да нема доверба во медиумите туку и да смета дека нападите врз новинарите се легитимни и оправдани. Ова е показател не само на ниското ниво на медиумска писменост кај јавноста туку и на фрустрациите и незадоволствата од општествениот, политички и медиумски систем во државата.
За каков медумски систем станува збор?
Како што веќе спомнавме, еден обичен и површен увид во тоа каква е состојбата на лице место ни дава доволно аргументи за тврдењето дека станува збор за заробен простор. Тој е заробен од политиката (поради врските помеѓу политичките структури и сопственичката структура на медиумите), од економијата (и тука политиката има значително влијание затоа што значителен дел од оние кои се рекламираат исто така се политички поврзани), заробен во непрофесионализам (често има говор на омраза), заробен во цензура и автоцензура и, како таков, просторот не е плурален и нема слобода. На прв поглед се чини дека постои плурализам во медиумите кој е обезбеден со постоењето на поголем број медиуми, но праксата и медумската стварност, за жал, го демантираат ова тврдење. Според податоците на Советот за медиуми во Босна и Херцеговина, кој е саморегулаторно тело за печатени и интернет медиуми, во Босна и Херцеговина во моментов излегуваат осум дневни весници, 106 списанија, осум верски списанија и повеќе други публикации.
Освен тоа има и седум новински агенции. Веб поратлите, кои стануваат сè попопуларни медиуми, исто така се во надлежност за Советот за медиуми, но со оглед на тоа дека не се обврзани претходно да се регистрираат, не се знае нивниот број. На страницата на Советот се наведени 101 интернет портал, но тоа не е конечна бројка. Освен тоа, според податоците на Регулаторната агенција за комуникации, регистрирани се 150 радио станици (од кои 3 радио станици се од јавниот сервис, 64 се јавни радио станици, 80 се приватни и 3 се непрофитни радио станици), потоа 107 телевизиски станици (од кои 3 се дел од јавниот сервис, 19 се јавни телевизиски станици а 85 се приватни). Регулаторната агенција за комуникации исто така има регистрирано и 11 даватели на аудиовизуелни медиумски услуги на барање. Освен овие емитувачи кои се регистрирани во БиХ, граѓаните имаат пристап и до голем број на телевизиски и радио станици од странство. Според податоците на Регулаторната агенција за комуникации на БиХ, во моментов во државата има 35 дистрибутери на кабелски, IPTV и DTH аудио-визуелни медиумски содржини.
Вкупниот број на претплатници е околу 800.000 а во својата понуда дистрибутерите во просек нудат повеќе од сто станици. Ова е исклучително голем број на медиуми во споредба со бројот на население во БиХ, но тој сам по себе не е гаранција за медумски плурализам ниту за плурализам на мислење и квалитетна дебата во јавниот простор. Досегашните истражувања укажуваат на некои клучни карактеристики на медиумската сцена кои го попречуваат тој плурализам т.е. покажуваат некои од причините за ниското ниво на медиумски слободи во Босна и Херцеговина:
- медиумскиот пазар е исклучително сложен и фрагментиран;
- иако постои добра законска рамка за медиумите, нејзиното спроведување не е на задоволително ниво;
- сопственоста на медиумите не е транспарентна;
- бројот на медиуми е исклучително голем, но бројот на медиуми кои реално можат да влијаат на политиката и општеството е мал;
- условите за работа на новинарите и медиумите во Босна и Херцеговина се исклучително тешки затоа што се под притисок на политичките и економски моќници, а голем е бројот на новинари кои се под притисок на сопственикот и на оние кои се рекламираат во нив;
- јавниот сервис се наоѓа во исклучително тешка позиција, не само од аспект на финансирање така и од аспект на политизирање на програмата и на функционирањето во рамките на јавниот радио-телевизиски систем;
- медиумската солидарност е на ниско ниво а новинарите се во лоша општествена-економска положба;
- се забележува пад на етичките стандарди во новинарството како последица на сè поголемата комерцијализација и тривијализација, но и поради политичките и економски притисоци;
- се забележува директна пристрасност на медиумите и традиција на заговарачко наместо професионално и објективно известување.
Слика за медиумите во БиХ
Можеби најдобра „слика“ за медиумите во БиХ и за нивната (не)слобода е содржана во анализата на еден од водечките новинари во БиХ, Сенад Авдиќ, во која се вели следново:
„Поранешните државни медиуми, кои по завршувањето на војната беа претворени во јавни сервиси под меѓународен надзор, беа заменети со режимски медиуми кои во најголем дел го пополнуваат информативно-политичкиот сегмент онака како што им одговара на барањата и интересите на политичката или партиска каста на власт… Ваквото новинарство, од една страна, им служи како украс на своите сопственици во нивната мегаломанска алчност, а од друга страна тие сопственици на медиуми сакаат да имаат влијание на политичките и економски процеси поврзани со владеачките националистички олигархии, па како последица од тоа медиумската индустрија не извршува некои од нејзините основни задачи и карактеристики: ангажирање, професионална љубопитност, посветеност и амбициозност, слободно и истражувачко истражување на широк спектар на општествени и политички појави… Тука е и автоцензурата која е еден вид на „духовна корупција“ и која стана најбенигна и најсуштествена форма на корупција во поредокот и во општеството во кое сè, па и медиумската дејност, е импрегнирано со реална, разорна и немилосрдна корупциска арматура.”
Како да се промени ваквата состојба т.е. каде е решението за проблемите поврзани со политички и економски притисоци, зависност на медиумите и немањето етика, новинарската заробеност и поробеност? Пред сè, тоа е враќање на свеста кај медиумската заедница за нивната општествена важност и одговорност. Враќање на професијата во служба на јавноста и функција на коректор на реалноста. Враќање на стандардите и принципите на новинарската деонтологија. Тоа е она што самите медиуми т.е. новинари треба да го направат (секако дека некои од нив тоа и го прават во сегашните речиси невозможни услови за работа, но бројот на тие медиуми е сè помал а тие, изгледа, се исклучок кој го потврдува правилото): Но, ние поаѓаме токму од нив, и тоа не без причина.
Имено, ако и кога ќе се вратат на наведените принципи, дури тогаш медиумите и новинарите ќе почнат да се ослободуваат од надворешни влијанија и притисоци и ќе почнат да ја враќаат довербата во јавноста и да бидат сојузник со неа. Додека тоа не го направат, тие, за жал, останува да бидат во служба на погрешен владетел (политиката и етно-национализмот) и со тоа остануваат во трајно заробеништво.
проф. д-р. Лејла Турчило
*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.