Откако Евгениј Пригожин и неговата група „Вагнер“ го прекинаа својот поход кон Москва, војната во Украина навлезе во нова опасна фаза. Крајот на она што се случува е блиску, а што и да се случи на бојното поле исто така ќе ја одреди и иднината на внатрешната политика на Русија.
Бесмислената војна на Русија во Украина беснее скоро една и пол година, а суштинската природа на ова што се случува останува променета. Се работи за тоа дека голема нуклеарна сила сака да му го ускрати на својот сосед (инаку „братски народ“) претходно признаеното право да постои. Рускиот претседател Владимир Путин избра војна на освојување како средство за остварување на намерата. Ако го постигне посакуваниот крај, Украина ќе биде инкорпорирана во Русија и ќе исчезне како независна суверена држава.
Сепак, со секоја измината недела, сè поголем е бројот на докази кои упатуваат на тоа дека Путин се пресметал. Не само што не се случи брза победа, туку „специјалната воена операција“ на Путин се претвори во крвава војна која Русија би можела да ја изгуби. Иако таа доведе до многу жртви на страната на Украина, таа исто така доведе и до тоа обичните Руси да ја плаќаат цената на она што се случува.
Сериозноста на нередот што си го создаде Кремљ стана вистински сериозен кон крајот на јуни, кога Евгениј Пригожин и неговите платеници од групата „Вагнер“ директно го предизвикаа врвното раководство на државата. Обидот за државен удар на Пригожин се одвиваше повеќе часови, и притоа целиот свет ги следеше случувања, а неговите сили од „Вагнер“ го освоија дури и рускиот град Ростов на Дон, инаку седиште на јужниот воен округ на руската армија. Оттаму, неговите вооружени сили, кои вклучуваа и тенкови, започнаа поход кон Москва, приближувајќи се на околу 200 километри од главниот град.
Зачудените набљудувачи ширум светот имаа многу прашања. Каде беа безбедносните и тајните служби на Русија? Како може режимот на Путин да дозволи такво дрско предизвикување на неговиот авторитет?
Во обраќањето на нацијата во времето кога започна походот на Пригожин, Путин ги потсети сите на хаосот од 1917 година и предупреди на можноста од граѓанска војна. Оттогаш, Путин ниту беше виден, ниту за него се слушна. Дали и понатаму беше во Кремљ во тие драматични часови или побегна во Санкт Петербург, како што имаше некои шпекулации? Нема потреба да се кажува моќен диктатор кој ќе ја заврти опашката и почнува да бега повеќе не е силен диктатор, особено кога прави така поради тоа што е предизвикан од неговиот круг на соработници.
Како да го толкуваме тврдењето на Кремљ дека ќор-сокакот бил решен со посредство на белорускиот претседател Александар Лукашенко, инаку помлад вазал на Русија кој понекогаш е користен од Путин но кој ретко е сфатен сериозно? Дури и ако ова беше вистина, тоа сепак ќе предизвика сериозни сомнежи за моќта на Путин.
Во институционална смисла, Руската Федерација сега е исклучително слаб субјект. Групата „Вагнер“ ги стресе сите делови на државата, бидејќи државата целосно се заснова на волјата на еден човек чиј авторитет беше оспорен со одредени акции. Доколку деспотот падне, ќе се сруши и сè друго заедно со него. Во критичните часови на бунтот на Пригожин, путиновата Русија се покажа дека е токму она што долго време го тврдеа нејзините критичари: мафијашка држава на која ѝ недостасуваат сеопфатни институции – меѓутоа, за жал, таа е една од државите со најголем нуклеарен арсенал во светот.
Тоа беше момент на вистината, а алузијата на Путин на 1917 година и падот на царот беше, всушност, сосема соодветна аналогија. Сегашните случувања навистина потсетуваат на таа година, во која се случија не една туку две револуции – најпрвин Февруарската а потоа и Октомвриската.
Обидот за државен удар на Пригожин беше тесно поврзан со неуспешната војна за освојување во Украина. Изгледите за катастрофален руски пораз се зголемуваат, што дополнително ги доведува во прашање мудроста, компетентноста и силата на лидерот. Со оглед на тоа дека се наближува воен пораз, Путин мора внимателно да размисли за својата иднина. Колку моќ му останува? Дали е доволно да се заврши војната со болен компромис или тоа би било знак за слабост и би довело до нов предизвик во однос на неговото владеење?
Во секој случај, маршот на Пригожин кон Москва значи дека војната навлезе во нова опасна фаза. Крајот на она што се случува се приближува, а што и да се случи на бојното поле исто така ќе ја одреди и иднината на внатрешната политика на Русија. Сега знаеме дека завршувањето на војната ќе биде поризично и потешко отколку што претходно се претпоставуваше, бидејќи секоја перцепција за пораз ќе се смета за неприфатлива за одредени елементи на рускиот апарат на власт. Пригожин беше само еден дел од таа структура.
Колку повеќе се доближуваме до крајот на играта, толку е поголем ризикот Кремљ да прибегне кон некаков ирационален чин како, на пример, да нареди употреба на нуклеарно оружје. Бунтот на Пригожин ни дава увид во хаосот што нè очекува. Сега на маса се речиси сите карти – од распад на Руската Федерација до подем на уште еден ултра-националистички режим кој има нео-царистички соништа за обновување на империјата.
Путиновата Русија ќе остане затворена во минатото, далеку од каква било перспектива за општествена, политичка или економска модернизација. Тоа би претставувало постојана закана за источното крило на Европа и за глобалната стабилност во поширока смисла. Ќе треба да се вооружиме против сето тоа, а нашите внуци и правнуци најверојатно ќе треба да го направат истото.
*Јошка Фишер е поранешен германски министер за надворешни работи и заменик канцелар од 1998-2005 година, период обележан со силната поддршка на Германија за интервенцијата на НАТО на Косово во 1999 година, проследена со спротивставување на војната во Ирак. Фишер влезе во политика откако учествуваше во анти-естаблишмент протести во 1960-тите и 1970-тите и имаше клучна улога во основањето на Германската партија на Зелените, која ја водеше речиси две децении.
**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.