Очигледно е дека во десницата во Западна Европа, жените се користат како симболичен центар на нацијата од една страна, а од друга страна, како доказ за прогресивност.
Последниве неколку години претставуваат пресвртница во застапеноста на жените на високите позиции во европската политика. Урсула фон дер Лајен во 2019 година беше избрана за прва жена претседателка на Европската комисија, а Роберта Мецола во јануари 2022 е избрана за претседателка на Европскиот парламент.
Во меѓувреме, Кристин Лагард во 2019 година станува претседателка на Европската централна банка, додека Џорџа Мелони, станува премиерка на Италија.
Принципите на ЕУ се воспоставени од татковците-основачи на ЕУ, но очигледно е дека „стаклениот плафон” е скршен и клучните европски позиции и институции се во рацете на жените.
Десницата – заедничка за сите жени на врвот на политиката
Заедничко за гореспоменатите е што сите доаѓаат на лидерски позиции по претходно, долгогодишно искуство во националната политика во матичните земји. Но, клучно е што нивните матични партии се од умерената десница, односно од семејството на Европската народна партија. Доколку од европско ниво одиме чекор подолу, на национално ниво, ќе забележиме ист тренд на позиционирање на жените од десницата на високите места.
Мелони, која идеолошки припаѓа на екстремната десница стана премиерка на Италија. Марин Ле Пен, веќе десетина години е на чело на радикална десничарска партија и трипати се обидуваше да застане на чело на Франција.
Доминантноста на жените од десницата во високата политика не е ништо ново, претходно беше видлива преку 15-годишното владеење на Ангела Меркел. „Стаклениот плафон“ за жените во политиката секако го скрши Маргарет Тачер, лидерка на Конзервативната партија и премиерка на Обединетото Кралство.
Како што се забележува, матичните држави на овие политичарки се сконцентрирани во Западна Европа. Очигледно е дека Западна Европа не заостанува многу зад Источна и Централна Европа и „учи” од нив. Политиката во Источна и Централна Европа, беше богата со жени како Беата Шидло од Право и Правда, неколкуте жени лидерки од десницата во источниот дел на Германија. Во Унгарија, Кристина Морваи беше поранешна членка на ЕП избрана на листата на радикалната десна партија Јобик. Новоизбраната претседателка на Унгарија (2022) Каталин Новак доаѓа од десната популистичка партија Фидеш. На Балканот, поранешната хрватска претседателка Колинда Грабар Китаровиќ, исто така, доаѓаше од десницата.
Со цел да извојуваат победа, како рационални актери, партиите од десницата се свртеа кон придобивање на жените преку ставање на жени на високи позиции.
Андреа Дворкин во својата книга Right wing women потенцира дека од жените се очекува да бидат социјално, политички, економски и сексуално конзервативни. Бидејќи статус кво состојбата, каква и да е, е побезбедна од промената, без оглед каква е промената. Со користење на стереотипи, тие создаваат позиција на моќ од која ги дисциплинираат и жените и мажите.
Одредени анализи покажуваат и уште еден заеднички именител за дел од нив, а тоа е образованието. Најголем дел од нив имаат образование во т.н. СТЕМ и/или природни науки, но и претходни позиции во ресорите одбрана и финансии. Овие позиции со години наназад се сметаат за доминантно „машки” полиња и/или т.н. „машки” професии и „машки” сектори.
За дел од нив е заедничко и мајчинството преку многудетно семејство. Фон дер Лајен е мајка на седум, а Мецола мајка на четири деца. Со промовирањето на мајчинската улога не се излегува од рамката за традиционалната улога на жената како мајка, но истовремено, се вкрстуваат идентитетите со т.н. „машки професии и сектори.”
Извор: nationalreview.com
Зошто десницата стана атрактивна за жените?
Претходни анализи укажуваа дека бројот на жени во партиите со десничарска идеологија e помал од бројот на жените во партиите со лева идеологија. Примерите на Мелони, Ле Пен, Шидло, укажуваат дека веќе не само што не е спорно учеството, туку не е спорно ни присуството на жените од десницата на високите позиции.
Што десницата им нуди на жените во самите партии и на жените потенцијални гласачи и ги прави атрактивни? Десницата им нуди фиксен социјален и биолошки поредок, засолниште, дом и место во него, безбедност и правила. Десницата на жените во партијата и на жените гласачи во Европа им нуди исполнување на конкретните практични родови потреби. Тоа се приходи во домаќинството, па макар добиени по основа на трето или четврто дете, зголемување на останатите семејни бенефиции и поволности при згрижување на децата.
Притоа, се маргинализираат стратешките родови потреби на жените, поврзани со репродуктивните права, право на имот и наследство, право на еднаква плата, право на ненасилство. Жените на европско ниво работат на пониско платени работни места, повеќе се изложени на феноменот феминизација на сиромаштијата и јазот меѓу платите е висок. Сето ова, придружено со останати фактори како страв од насилство од дојденците, придонесува за приклонување кон десницата.
Десницатa истовремено нуди „привилегии” за мајчинство, доколку се прифати традиционалната родова улога на мајка и домаќинка. Политиката на мајчинството во одредени делови на Европа, игра голема улога во привлекувањето на нови жени, но и во зацврстувањето на позицијата на жените лидерки меѓу женското гласачко тело.
Од друга страна, номинирањето и доминирањето на жени на лидерските позиции е исто така и начин за привлекување на млади жени гласачи и на гласачи кои гласаат прв пат. Предизборните постери се користат за привлекување нови гласачи бидејќи визуелизацијата влијае врз изборот од страна на гласачкото тело. Партијата за слободата во Холандија на предизборните плакати ги користеше жените како декор сакајќи на тој начин да прикажат дека младите жени се тие кои треба да донесат новини и промени во политиката.
Очигледно е дека во десницата во Западна Европа, жените се користат како симболичен центар на нацијата од една страна, а од друга страна, како доказ за прогресивност. Поставувањето на жените на видливите и високите позиции помага и во нормализирање на сликата за екстремната десница.
Дали жените на високи позиции во десницата промовираат родова еднаквост?
Доколку се вратиме години наназад во време на Маргарет Тачер, таа преку неолиберализмот кој промовираше приватизација, намалување на јавни расходи за социјални услуги – не беше омилена кај феминистките. Кон ова придонесе и нагласувањето на традиционалната улога на жените. Нејзината моќ беше толкувана како лична моќ без посебени залагања за жените.
Наративот во Европа на национално ниво каде доминираат жените е насочен кон зачувување на традиционалните семејни прашања, мерки за зголемување на наталитетот и забрана за абортусот. Она што овие жени лидерки го промовираат е враќање кон традиционалните родови улоги, иако дел од нив се далеку од поимот за традиционална женска фигура за која се залагаат.
Дел од нив, го одбиваат терминот феминизам но ги прифаќаат женските права како дел од агендата за социјалните политики или како противтежа на „опасноста” која доаѓа од мигрантите. Тоа пред сѐ е поврзано со опасност од различните видови насилство врз жените за која наративот на десницата е дека доаѓа доминантно од мигрантите.
Во исто време, градат еден нов „феминизам” базиран на традиција, познат како феминизам на папата Јован Павле Втори и врамување на феминизмот во една традиционална рамка.
Со доаѓањето на високите позиции во структурите на ЕУ, Фон дер Лајен и Роберта Мецола покажуваат извесно отклонување од првичниот наратив. Тие бргу се прилагодија на барањата на ЕУ предвидени во стратешките документи: родова еднаквост во сите сфери, вклучително и почитување на сексуалните и репродуктивните права кои отсекогаш биле спорни.
Мецола, позната по своите ставови против абортусот откако стапна на позицијата ги смени ставовите, нагласувајќи дека ќе ги брани ставовите на ЕП за безбедниот абортус како човеково право. Фон дер Лајен ја стави родовата еднаквост како значајна во својата агенда и формираше речиси избалансиран состав на ЕК.
Од последните промени во високата политика во Европа може да се заклучи дека жените од десницата доминираат на врвот. Но, дека и покрај ставовите на партиите по одделни прашања, сепак има жени од десницата кои го присвојуваат дискурсот за родова еднаквост и имаат некаква феминистичка агенда.
*Даниела Антоновска е магистер по родови студии со 20-годишно работно искуство во домашни и меѓународна невладини организации. Беше членка на Одборот на Европското женско лоби во три последователни мандати. Алумни е на родовите и феминистичките студии на Евро-Балкан институтот, алумни на Школата за јавни политики „Мајка Тереза“ и на Школата за жени, мир и безбедност на италијанската Агенција за градење на мир. Авторка е на две книги, поголем број истражувања, анализи, текстови и колумни на македонски и англиски јазик.
***Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ТУКА.