[Став] Зошто да бидете филозофи?!

Досега секој кон секого се обраќаше, препукуваше, аргументираше за најавените реформи во гимназиско образование, па така нема да ве тормозам околу нивната дрска и нестручна подготовка. Само ќе речам дека не постои гимназија на светов која не ги изучува филозофските предмети.

Зошто? Во речиси сите култури ова е незамисливо прашање и немаат одговор,  затоа што возрасните од деца ги учат на филозофија. Младите едноставно мораат да знаат за основите на правилното размислување, учат како првилно да ги бранат своите ставови и со претпазлива критика да расудуваат за туѓите, учат за човечките вредности и што се случува кога ќе ги закопаме.

Лице в лице се запознаат со доброто и убавото, за праведното и возвишеното, за злото и грдото, за случајното и за нужното, за минливото и за вечното. Учат да прашуваат „зошто воопшто нешто, а не ништо?“, и постојано да прашуваат „зошто?“

Во денешното забрзано општество, како да живееме на „автопилот“, без да се запрашаме зошто правиме одредени работи или какви се последиците од нашите одлуки. Филозофското размислување нè поттикнува да бидеме свесни, да ја истражиме нашата улога во светот и да живееме со поголема цел.

Низ својата долга историја, филозофијата безброј пати била прогласувана за непотребна, неприменлива, застарена, едностано мртва. Колку пати ја „закопувале“ поединци или времиња на кои не им требала… Сепак, повторно филозофијата воскреснува.

Како  јунакот Прометеј што го донесе огнот на човештвото, така и љубовта кон мудроста се вжари во човештвото. Неопходна за правилен и добро проживеан живот…

Оспорувана поради својата магливост и „неплодна теоретизација“, филозофијата мораше повторно и повторно да ја докажува својата важност и можноста за примена во секојдневието.

Да се биде  филозоф, пред сè, значи да се промислува. Постојано да се преиспитуваме и себеси и овој технократски свет во кој живееме, сите тие можности и тешкотии, сите оние процеси на општо отуѓување и гниење на духовноста во кои на овој или оној начин сме вклучени и кои не засегаат… иако мислиме дека се далеку од нашиот личен свет.

Во светот на брзи информации и површни мислења, филозофскиот пристап нè потсетува на важноста на критичкото размислување и самосвест. Секој од нас може да биде филозоф – доволно е да се запрашаме: „Зошто?“, „Како?“ и „Што значи сè ова?“.

Не плашете се да бидете свои, излезете од калапот, надвор од својата  удобност, просечност и привидна еднаквост во која упорно сме калапени, не молчете, не тргнувајте го погледот од сè почестите нуспојави и духовни отстапувања на општеството, поставувајте прашања.

Да се ​​биде филозоф значи и да се биде во постојан судир со неправдата, невистината, сеприсутниот примитивизам кој ни се нуди на најпонижувачки можен начин во медиумите, на социјалните мрежи, во филмовите, на секој чекор.

Филозофијата е бунт против површноста. Таа нè потсетува дека сме способни за повеќе од пасивно скролување и следење на туѓи мислења. Секој од нас, од ученик до пензионер, од работник до уметник, може да размислува филозофски. Прашањето е: дали сме подготвени да го направиме тоа? Да ја доведеме во прашање секоја лажна сигурност, да се соочиме со неудобните вистини и да ги ископаме корените на нашите верувања.

Несомнено, да се биде љубител на филозофските дисциплини значи критичко размислување за стварноста. Филозофијата не е само за оние кои ја изучуваат на академијата или ги пишуваат книгите. Таа е начин на живот, повик кон длабинско размислување и преиспитување на она што го знаеме и веруваме. Да бидеш филозоф значи да поставуваш прашања, да бараш смисла и да не прифаќаш површни одговори.

Ова не е повик кон елитизмот, туку кон свеста. Филозофијата не е забранета за никого – таа е за секој кој сака да живее потполно и свесно. Во свет каде што многумина живеат на автопилот, да размислуваш филозофски значи да се осмелиш да бидеш човек. Со еден збор, да се биде филозоф значи да се биде слободен, бидејќи почетокот и крајот на секоја филозофија е Слободата!

Радован М. Спиридонов,
политиколог и следбеник на Сократ при Институт за филозофија на УКИМ