[Став] Зошто Русија, Кина и Турција имаат интерес за Црна Гора?

Jovana Marovic 200x250

Пишува: Јована Маровиќ

Во последните неколку години Црна Гора стана местото на влијание и интерес на голем број не-западни актери, пред се Русија, Кина и Турција. Како по правило, странските инвестиции се придружени со контроверзии, што укажува на незадоволителната состојба на владеењето на правото во земјата, и покрај фактот дека реформите во рамките на преговорите за пристапување на земјата конЕУ траатвеќе осум години.

Русија

Набудувајќи го трендот на странски директни инвестиции во последните три години, нема траен интерес од страна на инвеститорите, ниту стабилен образец кога станува збор за земјите од кои доаѓаат инвестициите. Во текот на првите шест месеци од 2019 година Азербејџан беше на првото место во однос на директните странски инвестиции, Унгарија беше на второто место со инвестирани 51,7 милиони евра во црногорските банки и компании. На третото место беа инвеститори од Русија со 34,8 милиони евра. Затоа, Русија е сè уште на самиот врв на државите кои инвестираат во Црна Гора, и покрај напнатите тензични односи меѓу земјите во текот на подолг временски период, кои се манифестираа со серија на санкции и мерки од обете страни.

Инвестициите од Русија стагнираа за време на распадот на дипломатските односи што започна во 2014 година, со воведувањето на санкции против Русија поради кризата во Крим, но, економски гледано, Русија повторно се рангираше исклучително високо во Црна Гора во текот на 2018 и 2019 година. Најголем дел од руските инвестиции сè уште се насочени кон недвижнините:во првите седум месеци од 2019 година, руските граѓани купиле имот во Црна Гора во вредност од 22,73 милиони евра, додека директните инвестиции во црногорските компании изнесувале само 722.533 евра. Постојаното присуство во земјата и обновениот интерес, исто така, може да се толкуваат како имот кој веќе е во сопственост на Русите, особено на црногорското приморје. Голем број руски државјани исто така добија долгорочни дозволи за престој во Црна Гора. Иако владата сака да се дистанцира од Русија, тоа не е случај со руските пари, бидејќи тие отсекогаш биле добредојдени од купувањето на Комбинатот со алуминиум (КАП) уште во 2005 година од контроверзниот бизнисмен Олег Дерипаска.

Влошувањето на односите меѓу Црна Гора и Русија започна во декември 2015 година, кога Црна Гора доби покана за влез во НАТО, кулминирајќи со настаните околу парламентарните избори во октомври 2016 година. Имено, во текот на денот на изборите, Владата објави дека го спречила обидот за пуч од страна на терористичка група во која беа вклучени двајца руски државјани, а чија цел беше насилна промена на власта во земјата и спречување на Црна Гора да влезе во НАТО. Настанот во 2016 година резултираше со тоа што руски државјани, наводно поврзани со ГРУ (руската воена разузнавачка служба),беа осудени со првостепена пресуда, но и покрај пресудата, мнозинството црногорски граѓани сè уште го перцепираат пучот како наводен. Една година по првостепената пресуда, Апелациониот суд продолжува да ја одложува конечната пресуда. Иако улогата на официјална Москва во овој случај е сè уште нејасна, јасно е дека стравот од руско политичко влијание го забрза ратификувањето на протоколот за пристапување на Црна Гора во НАТО.

Влијанието на Москва врз Подгорица слабее откако Црна Гора влезе во НАТО во јуни 2017 година, но тие ги имаат и неодамнешните протести предизвикани од контроверзните решенија според Законот за слобода религија и убедувања и правниот статус на верските заедници донесен и усвоен во декември 2019 година со што повторно ја отворија вратата за вакви вмешувања. Поточно, тоа е сликата што владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) сака да ја испрати на светот, но потенцијалната улога на Русија сè уште не е јасна ниту докажана.

Кина

Кина во моментов и воглавно е присутна во Црна Гора преку изградбата на автопатот што го поврзува пристаништето Бар со главниот град на Србија, Белград. Црногорската влада честопати ги исполнува желбите на инвеститорите и дава значителни придобивки, како што се отпишувања на долгови или даночни ослободувања, што негативно влијае на спроведувањето на проектите. Големите инфраструктурни проекти, чија економска изводливост е често сомнителна, честопати се начин на власта да обезбеди брзи политички поени, особено за време на предизборните кампањи. Не постои посебна разлика помеѓу инвестициите кои доаѓаат од Западна Европа или земјите кои не се класифицирани како западни.

Покрај тоа, некои од најголемите скандали, како што се приватизацијата на „Телеком“, во овој случај се поврзани со земјите од Европската унија, а тоа во овој случај е Унгарија. Не е лесно да се следи протокот на пари, бидејќи тие често доаѓаат во Црна Гора преку оф-шор компании, што е една од главните начини да се „привлечат“ контроверзните инвеститори. Накратко, иако Црна Гора сега има поповолно опкружување и околина за деловни активности и инвестиции отколку пред 10 години, клучните проблеми се поврзани со градењето на институциите и отстранувањето на непотребното политичко влијание. Неможноста да се повлече јасна линија помеѓу партијата и државата, распространетоста на клиентелизмот и фаворизирањето на лични врски при донесувањето одлуки се некои од ограничувањата што го отежнуваат реализирањето на целосниот потенцијал на бројни инвестиции.

Токму најголемиот кинески инфраструктурен проект во земјата, автопатот Бар-Бjаре, кој го гради кинеската корпорација за патишта и мостови (CRBC), пример за лошо планирање. Владата избра инвеститор без одржување на јавен повик, додека поради двата претходни неуспешни тендери беше принудена да понуди бенефиции (ослободувања од даноци на плати, материјали и сл.) што, на пример, некои земји во регионот не беа подготвени да ги обезбедат. И покрај советите на експертите, Владата одлучи да започне со изградба на автопатот со најсложениот дел од делницата, што се одрази на профитабилноста на целата инвестиција.

Иако се подготвени три физибилити студии на изводливост, Владата не беше во можност прецизно да ги дефинира обврските на инвеститорот. За време на изградбата, се покажа дека кинеската компанија не е обврзана да гради важен дел од автопатот, што дополнително негативно влијаеше на јавните финансии. Поради обврската на Владата да го врати и отплати заемот, јавниот долг сега изнесува околу 80 проценти од БДП, што претставува пораст од 18 проценти во однос на 2012 година. Граѓаните на Црна Гора различно ја перцепираат изградбата на автопатот и неговата одржливост. Над 70% од нив ги гледаат придобивките од изградбата на автопатот, додека мислењата се поделени за неговата финансиска одржливост, покажува истражувањето на јавното мислење кое е спроведено за потребите на мрежата Политикон во март 2020 година.

Иако политичкото влијание сè уште не е видливо, постои неизвесност за натамошниот развој на односите меѓу Црна Гора и Кина. Секое непочитување на рокот за отплата на заемот може да има последици. Бидејќи договорот со CRCB не е јавно достапен, постојат наводи дека една од одредбите предвидува дека доколку Владата не е во состојба редовно да го отплаќа заемот на Кинезите, компанијата може да искористи дел од ресурсите на Црна Гора. Досегашните примери, особено оној во Шри Ланка, покажуваат дека кинеската страна ги искористува слабостите на земјите кои имаат проблеми како што се клиентелизмот и елементи на заробени држави и оние што не се во состојба да ги исполнат своите обврски. Поточно во случајот со Шри Ланка, кинеската компанија стана мнозински сопственик на пристаништето во оваа земја.

Турција

Економската соработка помеѓу Црна Гора и Турција треба значително да се подобри во наредните години. По посетата на турскиот министер за надворешни работи кон почетокот на оваа година, беше објавено дека трговијата скоро ќе се удвои, а во моментов изнесува 140 милиони евра. Најавено е и отворање на конзулати во Истанбул и во северниот дел од Црна Гора. Интересно е да се напомене дека бројот на регистрирани турски компании, во моментов изнесува над 2000, кои работат во Црна Гора и се поголеми од пр. бројот на српски или руски компании кои веќе подолго време се на врвот.

Овој тренд најчесто се објаснува со зголемената безбедност на турските инвеститори по пристапувањето на Црна Гора во НАТО и заради потпишаните формални договори за подобрување на соработката. Засега нема индикации дека зголеменото економско присуство на Турција ќе се прелее во политичката зона на влијание. Една од причините е што политичкото влијание на Турција се канализира преку Бошњачката партија (БС) во Црна Гора, која е член на владејачката коалиција. Оваа партија ја поддржува политиката на Владата преку застапувањето за демократизација на земјата во рамките на ЕУ.

Перспектива на влијанието на незападните актери

Имајќи предвид дека незападните актери во моментов не нудат рамка за демократизација, не придонесуваат за реформите во земјата и немаат долгорочна агенда, тие не се компатибилен партнер во пристапувањето на Црна Гора во ЕУ, ниту пак се привлечни за владејачката партија и повеќето опозиции. Сепак, заради споменатите трендови, посветеноста на ЕУ кон Западен Балкан преку развивањето на методологијата претставена во февруари 2020 година и постепеното интегрирање на земјите од регионот во политиките на ЕУ е од големо значење.

Економскиот интерес и кредитите што Кина му ги нуди на Западен Балкан може да биде основа за посилно политичко влијание во овој дел од Европа доколку ЕУ не биде доволно ангажирана. Во Црна Гора ситуацијата е уште покомплицирана ако се земе во предвид неповолната финансиска рамка за изградбата на автопатот, која доколку државата не биде во можност да го врати заемот, може да се прелее во политичката сфера на односите.

Со оглед на тоа дека централниот проблем на реализирање на целосниот потенцијал на зголемениот интерес за инвеститорите е слабата состојба на владеење на правото во земјата, обезбедувањето на мерливи резултати во борбата против корупцијата останува клучна задача и предизвик за црногорската Влада. Ова е токму она што е клучно за градење на имиџ на безбедна дестинација. Зајакнувањето на мерките за интегритет и нивното непристрасно спроведување, заедно со градење на култура на владеење на правото, е единствениот начин за демократска и економска консолидација и за потенцијално членство во ЕУ. Соочувањето со големи корупциски скандали би било првиот знак на таква владина посветеност и определување.

*Јована Маровиќ е извршен директор на мрежата „Политикон, независен истражувачки центар од Подгорица, член на BiEPAG и работната група за Поглавје 23 во преговорите за пристапување на Црна Гора во Европската Унија. Докторирала на Факултетот за политички науки во Белград. Областите на нејзинитеистражувачки интереси го вклучуваат владеењето на правото, демократијата, федерализмот, Балканот, политичкиот систем на ЕУ и политиката на проширување.

**Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.