Без оглед кој е мотивот за некој да излезе во јавноста со чувствителни информации и со тоа да „дувне во свирчето“, ако на овој начин се остварува јавен интерес, односно ако укажува на кршење на законот, корумпирани практики и други социјални аномалии, неопходно е на тоа лице да му се обезбеди правна заштита од одмазда и да добие поширока јавна поддршка. Само на тој начин можеме да развиеме култура на побуна, што укажувањето (наречено и „свиркање“) на некој начин и претставува.
Изминативе неколку дена ја читам книгата на Едвард Сноуден, „Трајно досие“, која е комбинација на автобиографија, исповед и опис на работата во американската разузнавачка заедница. Книгата ме инспирираше многу и ме натера да размислувам за улогата на укажувачите, односно луѓето кои ја предупредуваат јавноста за скриени злоупотреби во системите од кои се дел, обично како вработени.
Сноуден може да се смета за еден од најпознатите укажувачи, но тој пред сè е специфичен по тоа што е меѓу првите од генерацијата „дигитални домородци“. Мојата генерација, порасна кон крајот на 20 век во свет кој сè уште беше прилично аналоген, но беше опкружена со конзоли за игри, компјутери кои имаа влезови за флопи дискети и мобилни телефони малку помали од цигли. Немаше подобра личност да укаже на глобалниот надзор на сите електронски комуникации на буквално секој кој некогаш користел мобилен телефон или пристапил на Интернет. Кога ги откри најголемите злоупотреби во историјата на американските разузнавачки служби, Сноуден требаше да наполни 30 години, а неговата судбина во голема мерка беше извесна – апсење, судење, повеќедецениска казна затвор со етикетата „предавник“ или доживотен прогон и постојано живеење на штрек.
Откривање системски злоупотреби
Укажувачите често ги ризикуваат своите животи и добросостојбата на семејствата за да обелоденат системско кршење закони, малверзации, судири на интереси, далекусежна корупција и други општествени аномалии. Иако сите овие аномалии отсекогаш постоеле и ќе постојат, би рекол дека во денешно време, дури и со постоење на какви-такви контролни механизми, многу е тешко да се докажат системски или длабински злоупотреби без некој „однатре“, кој може да обезбеди непобитни докази. Без разлика дали зборуваме за владини институции или корпоративни актери, „хакирањето“ и „заобиколувањето“ на системот е толку усовршено, што, без сериозно и долготрајно „копање“ или храбри луѓе како укажувачите, практично е невозможно да се донесат пред правдата архитектите на злоупотребите и непосредните извршители.
Општествената важност на улогата на „оние кои ќе свирнат со свирчето“ се потврдува со воведување механизми за нивна институционална заштита, како што е Директивата на ЕУ за заштита на лица кои пријавуваат повреди на правната рамка на Унијата или на Законот за заштита на укажувачи во Србија. Студијата направена за Европската комисија во 2017 година изнесува проценка дека, поради недостаток на единствена законска рамка за заштита на укажувачите на ниво на ЕУ, помеѓу 6 и 10 милијарди евра годишно се губат само во јавните набавки.
САД веројатно имаат најдолга традиција на формална заштита од укажувачи, која влече корени од самите почетоци на независноста од британското колонијално владеење. Имено, Конгресот уште во 1778 година донел одлука за обезбедување заштита за укажувачи, поттикнат од случајот на припадниците на морнарицата, кои пријавиле дека комодорот Есек Хопкинс ги мачел британските воени затвореници. Хопкинс им се одмаздил со тоа што ги тужел за клевета, но Конгресот сепак застанал на страната на морнарите. Федерален закон за заштита на укажувачите во државните органи е донесен во 1989 година, а десетина години подоцна заштитата е проширена и ја вклучува, како што можевме и да видиме, многу проблематичната разузнавачка заедница. Укажувачите во органите на федерална власт добија дополнителна заштита со донесување нов закон во 2012 година.
Меѓутоа, колку заштита може да очекува еден укажувач во праксата, и покрај сите формално-правни механизми за заштита? Иако нивната улога во укажувањето на аномалии во системот е важна, укажувачите и лицата поврзани со нив често се мета на одмазда. Да се потсетиме на македонската афера од 2015 година со прислушкувањето и „бомбите“ кои ги објави тогашниот лидер на опозицијата Зоран Заев, што дополнително го поттикна падот на режимот на Никола Груевски. Опозицијата тврдеше дека во Македонија биле прислушувани до 20.000 лица, а во случајот наречен „Пуч“, кој следуваше, Заев, поранешниот шеф на тајните служби Зоран Верушевски и неговата сопруга Соња, и уште двајца се обвинети за неовластено прислушување, шпионажа и насилство врз претставници на највисоки државни органи.
Во Србија, во последните неколку месеци, во фокусот на вниманието на јавноста е Александар Обрадовиќ, укажувач од државната фабрика за оружје „Крушик“. Обрадовиќ на новинарите им укажа на повластената позиција на приватните фирми за трговија со оружје и поврзаноста на таткото на српскиот министер за внатрешни работи со фирмата ГИМ, која повеќекратно заработувала од извозот на оружје, преку набавка на оружје од „Крушик“ по повластени цени. Александар првично бил испратен во притворско одделение на затвор, а потоа во куќен притвор и на крајот е пуштен да се брани од слобода. Етикетата дека е „шпион“ и оспорувањето на статусот укажувач станаа секојдневна појава за него. Постапката за кривично гонење на Обрадовиќ, обвинет за оддавање трговски тајни, ќе ја следат и меѓународни набљудувачи.
Позитивни примери на заштита
Сепак, постојат и позитивни примери за односот на системот со укажувачи – Антоан Делтур, кој откри меѓународна афера за корпоративно затајување данок, позната како „Lux Leaks“, беше ослободен во 2018 година од сите обвиненија со одлука на Апелациониот суд во Луксембург.
На сите им требаат сојузници во општеството, особено на укажувачите. Нивните најприродни сојузници можеби се новинарите, делумно затоа што тие исто така се честа мета на моќни актери. Приказните за корупциски афери, злоупотреба на јавни средства или скриени механизми за систематско заобиколување на законот не можат да добијат масовно внимание без детална проверка на информациите, обезбедување поширока перспектива, толкување на социјалниот контекст и сè друго што спаѓа во новинарски активности.
Укажувачите, освен ако и самите не се новинари, обично не ги поседуваат овие вештини, туку стануваат извори за новинари кои можат да извлечат многу поголем потенцијал од информациите што би ги добиле од укажувачите и да ги поврзат со подлабоки, системски проблеми. Платформите како што е SecureDrop им овозможуваат на новинарите безбедно доставување информации, но од друга страна, постои проблем на резервираност заради недоверба во технологијата, која секако не е сребрен куршум или волшебно стапче. Ако самите излезат во јавноста, укажувачите ризикуваат никој да не ги забележи да не ги сфати сериозно, со што нивната жртва практично би била залудна. И Сноуден се плашел од тоа да не се изгуби во морето на разни теоретичари на заговор кои на секои пет минути на човештвото преку интернет му откриваат „длабоко скриени тајни“.
Побуна против неправда
Граѓаните и општата јавност исто така се важен штит за укажувачите, што се виде со примерот на Сноуден, Челзи Менинг, па дури и Александар Обрадовиќ. Граѓаните организираа протест во Ваљево, родниот град на Александар и потпишуваа петиција за негово пуштање на слобода. Поддршката од јавноста исто така е позитивна во контекст на потенцијалните укажувачи, бидејќи може да охрабри некој друг да преземе таков смел и ризичен чекор.
Денес, бизнисот, комуникациите и другите аспекти на нашиот општествен живот се глобални, па истото важи и за криминалот, корупцијата и другите злоупотреби. Настаните во една земја, особено ако е моќна и влијателна, несомнено влијаат на голем број процеси на другиот крај на светот. Од друга страна, постојат огромни разлики во демократијата и почитувањето на човековите права, па дури и во начинот на кој општествата ги третираат укажувачите, и тука постојат различни перспективи. За оние чии тајни ги дознала јавноста, укажувачите се кодоши, шпиони, предавници, трговци со деловни тајни, незадоволни и осветољубиви поранешни соработници и слично, додека за делот од обичниот народ, односно за граѓаните кои не потпаѓаат лесно на негативна пропаганда и на кампањи на оцрнување, тие се херои и патриоти од највисок ред.
Без оглед на мотивот за некој да излезе во јавноста со чувствителни информации и со тоа да „дувне во свирчето“, ако на овој начин се остварува јавен интерес, односно ако укажува на кршење на законот, корумпирани практики и други социјални аномалии, неопходно е на тоа лице да му се обезбеди правна заштита од одмазда и поширока јавна поддршка. Само на тој начин можеме да развиеме култура на побуна, што укажувањето на некој начин и претставува, а без побуна против неправдите не можеме да се надеваме на развој и зачувување на демократските вредности.
Текстот би го завршил со цитат од книгата на Сноуден: „Работев за државата, а сега работам за јавноста“.
*Блогот е објавен во рамки на Иницијативата за дигитално граѓанство ResPublica и е преземен од www.respublica.edu.mk. Оригиналната објава можете да ја прочитате ОВДЕ.