Дали сте знаеле дека во Македонија плаќаме данок на донации на храна – колку е чудно тоа?!
Ситуацијата е небулозна поради административно- оптоварувачкиот и комплициран Закон за донации и спонзорства, кој не одговара на потребите за донирање на вишоци храна, за кои се бара брза реакција. Државата сакајќи да спречи злоупотреби, ги спречува одговорните и добронамерни донатори на храна.
Дел од фирмите поради тешката процедура не сакаат да ги променат своите практики, па наместо да почнат да ја донираат храната, продолжуваат да ја фрлаат. Пионерите и одговорните компании кои изминатиот период донираат за само 3 месеци, над 10 тона храна, повеќето од нив платија давачки на тие количини. Но, со тоа тие ја покажуваат својата големина и уште една потврда од каде е нивниот успех и можат да гледаат пред своето време.
Законот за донации и спонзорства стапува на сила 2006 година и влијае повеќе како пречка, отколку стимулатор на донирањето во Македонија. Во поразвиените земји освен класичните даночни ослободувања, дел предвидуваат и даночен кредит, преку кој државата го ослободува и од други даноци компании кои донираат со цел да ја стимулира оваа активност.
Ние не знаеме колку пари наплаќа државата со овој данок. Но знаеме дека илјадници тони храна наместо да се стимулираат бизнисите да ги насочат во хуманитарни цели, тие се стимулираат да ги насочуваат кон депониите. На овој начин, се казнува хуманоста, а се поттикнува неодговорното фрлање на храна.
Повеќе од една година трае дијалогот помеѓу коалицијата на граѓански организации кои бараат измени на постоечките законски нормативи и институциите. Во тој период се формираше работна група, која излезе со препораки до Владата и имавме состанок со претседателот на Владата, г-дин Заев. По, тој состанок на кои добивме позитивно мислење нема конкретни чекори за решавање на ова прашање. Последната активност беше на Комисијата за човекови права при Собранието на Р.М., каде што ова прашање се разгледуваше како остварување на основно човеково право. Очекуваме Комисијата да излезе со препораки за измена на законите поврзани со оваа сфера за да се поттикне донирање на вишок храна.
Блаже Јосифовски, Ајде Македонија