Оваа сабота, 1-ви август, ќе се случи долго очекуваниот концерт на Стефан Миленковиќ и Танго Компас на јубилејното 55-то Охридско Лето. На Античкиот Театар во Охрид со почеток во 21 часот, проектот Танго Компас ќе се претстави пред македонската публика со маестрално танго доживување.
Стефан Миленковиќ на виолина, Марко Хатлак на хармоника, Марко Чрнчец на пијано, Лука Херман Гајзер на контрабас и специјалната гостинка Ана Безјак како вокал, се повеќе од подготвени да ги опијат посетителите со супериорна танго изведба.
На програмата се дела од Астор Пијацола, Ричард Галијано, Матос Родригез, Франсиско Канаро, Хуан Карлос Касерес, а за целосно доживување на огнената танго магија, на сцената ќе се појави и професионална танцова двојка.
Предводен од еден од најголемите виолинисти на денешницата, Стефан Миленковиќ, Танго Компас нуди неповторлива интерпретација на тангото. Генијалниот Хатлак на хармониката, како и другите брилијантни музичари во составот комплетираат возбудлив омаж на немирната душа на тангото, притоа држејќи се до највисоките изведувачки стандарди.
Миленковиќ, „чудото од дете” и еден од најголемите репрезентативци на некогашната Југославија импресионира со она што го има како своја биографија, но имајќи ги предвид неговите години (42), беспрекорната амбиција и енергија, пред него стојат безброј нови успеси и достигнувања.
Дел од тие воодушевувачки проекти на Стефан Миленковиќ е и Танго Компас. Точката плени со умешност, љубов и страст. Вешто е смислена, а нејзината реализација не може да се пренесе со зборови ами треба да се почувтсвува.
Оваа 1-во августовска ноќ и Античкиот театар во Охрид се идеална консталација за пречек на виртуозните музичари.
Цените на билетите се 400, 600 и 800 денари и можат да се набават онлајн на следниот линк и во продажната мрежа на МК Тикетс.