На 58. издание на Македонскиот театарски фестивал (МТФ) „Војдан Чернодрински“ кој оваа година се одржува од 7 до 14 јуни во Прилеп ќе се изиграат единаесет претстави во продукција на националните театри и шест претстави во придружната програма.
Една од претставите која синоќа се играше пред прилепската публика беше претставата „Ало! Ало!“ на Театар „Комедија“ во режија на Синиша Евтимов.
Додека фестивалот се приближува кон крајот, Радио МОФ имаше можност да направи кратко интервју со еден од актерите кои се дел од тимот токму од оваа претстава – Стефан Николовски.
Низ разговор, младиот актер кој на публиката, покрај по театарските претстави и е познат и по имитациите на политичари и јавни личности, ни откри зошто се одлучил да биде актер, зошто го избрал театарот но и за тоа како е задоволен од годинашниот фестивал.
Од кога почна да развиваш љубов кон глумата?
Па започнав да развивам љубов кон глумата уште пред да сфатам дека тоа е всушност професија. На мои 5 години од прилика почнав да имитирам и правам „шоу“ на фамилијарни собирања и ми се допаѓаше тоа кога луѓето се смеат и се забавуваат. Се навлеков на тоа чувство да предизвикам било каква емоција кај оние што ме гледаат и еве ме држи до ден денес.
Во кој момент сфати дека дека театарот е тоа што те привлекува?
Кога прв пат застанав на театарска сцена, а тоа е на мои 9 години. Тогаш веќе бев дефинитивно сигурен дека сакам до правам ова што денес го правам.
Дали може во два збора да ни кажеш што за тебе е театарот?
Љубов и најтешка зависност.
Веќе некое време си дипломиран актер, заврши на Факултетот за драмски уметности во Скопје, што ти беше најголем предизвик како студент на ФДУ?
Најголем предизвик уште како студент, па и денес ми е да променам некои работи на македонската актерска сцена.
Покрај театарските претстави на публиката и си познат и по имитациите на политичари, јавни личности но и стендап. Колку време ти е потребно да се подготвиш за имитација а колку време за стендап?
Па временски мислам дека не можеме да му ставиме рамка. Комичарите работат во секој момент. Материјал за стенд ап излегува од секоја ситуација, така што сетилата ни се вклучени постојано и кога ќе наидеме на инспирација веднаш запишуваме.
Што повеќе те привлекува театар, стендап или имитација?
Ако треба да ги наредам по ред би оделе 1. Театар 2. Стенд ап 3. Имитации
Кога највеќе си имал трема?
Уф на мојот прв стенд ап… Беше на отворено пред 3.000 луѓе. Никогаш нема да го заборавам тоа чувство на огромен страв.
Омилен актер или актерка?
Роуан Аткинсон.
Дали некогаш би глумел во филм?
Филмот е исто така моја голема љубов и да едвај чекам да се појавам и на филмско платно.
Во рамки на фестивалот „Војдан Чернодрински“ беше дел од екипата што ја игра претставата „Ало! Ало!“, како помина изведбата и како си задоволен од фестивалот?
Претставата помина одлично. Се изненадив од многубројната публика. Досега сум играл неколку пати на „Чернодрински“ и атмосферата е секогаш прекрасна. Чест ми е што и оваа година сум дел од програмата. Ја обожавам прилепската публика и огромна благодарност до организацискиот тим што стои позади фестивалот.
Според тебе, колку ваквите фестивали се важни за младите актери и дали мислиш дека треба да ги има повеќе?
Ваквите фестивали се од исклучителна важност и дефинитивно треба да има повеќе простор за младите да се промовираат додека прогресираат во сѐ подобри актери.
Твоја порака до идните актери и актерки?
Да не се плашат од стравот и да ја превземаат работата во свои раце.
Симона Паскоска