Менторската мрежа „Стела“ објави видео со кое информира за штетните последици од дигиталното родово-базирано насилство од кое најпогодени се жените и младите девојки.
„Од онлајн вознемирување и сајбер-демнење до манијачки фотки, дипфејк и неконсензуално споделување на интимни фотографии и видеа, овие дела не само што ја нарушуваат , безбедноста, приватноста и достоинството на секој поединец, туку ги засилуваат и родовите стереотипи, а особено погодени од дигиталното родово базирано насилство се жените и младите девојки. Од клучно значење е да се располага со вистински информации и да се препознае дека дигиталните простори не се ослободени од последиците во реалниот свет. Како заедница, мора да застанеме заедно против насилството. Посилната правна и системска заштита како и подигнувањето на јавната свест, градењето безбедни заедници и негувањето култура на почит и согласност и онлајн и офлајн, се особени важни во борбата против родово базираното насилство“, велат од „Стела“.
Видео: Владислав Гавриловски
Актерка: Стефанија Митовска
Видеото е дел од иницијативата „Кога дигиталното родово-базирано насилство излегува надвор од екранот“. Проектот е финансиран од страна на Швајцарската амбасада во Скопје, а целта е секој поединец да знае како да се заштити себеси како и своите блиски од сајбер насилството.