Отворена е манифестацијата „Стипендии ЕКСПО 2013” во организација на Образовниот информативен центар од Скопје, која се одржува по четврти пат, а под покровителство на Амбасадата на Канада.
На настанот претставници на 26 универзитети од 16 земји, на амбасади и странски културни центри во Македонија, имаат штандови со информативен материјал во НУБ „Св. Климент Охридски“. Целта е младите да се запознаат со начините за добивање стипендии за студирање на странските универзитети.
Според претставниците на Образовниот информативен центар (ОИЦ) од Скопје, стипендиите покриваат од 50 до 70 отсто од трошоците, а акцентот е ставен на стипендирање постдипломски студии зашто траат пократко од додипломските.
„Соработуваме со универзитети кои даваат финансиска поддршка за нашите граѓани и бројот на студенти кои се поддржани е во нагорна линија. Минатата година од околу 90 апликанти, педесетина се финансиски поддржани од странски институции“, изјави Маја Петрушева, претседател на ОИЦ.
За министерот за образование и наука Спиро Ристовски, овој настан е важен за интернационализација на високото образование и поврзување на македонските со универзитетите од светот. Тој соопшти дека преку МОН се достапни над 40 различни видови стипендии и други форми на финансиска поддршка.
„Ако минатата година говоревме за 23 стипендисти на дипломски, последипломски и докторски студии, оваа година може да кажеме дека е за повеќе од 100 проценти зголемен бројот на македонски студенти што се запишале на овие универзитети и добија стипендии од државата. Заклучно со завршувањето на рокот за апликации и пријавување на матичните универзитети, 51 македонски студенти веќе студираат на 100-те најдобри универзитети во светот, односно 200-те од техничките струки“, рече Ристовски и појасни дека тие студенти имаат обврска по дипломирањето двократен период да работат во својата татковина.