Со новиот Закон за употребата на македонскиот јазик се предвидува формирање на Инспекторат за македонски јазик, Национална стратегија и објавување конкурси за стипендирање на студенти кои ќе одлучат да го изучуваат македонскиот јазик.
Овие новини беа кажани на денешната јавна дебата што ја организираше Министерството за култура по повод новата верзија на Предлог-законот за употребата на македонскиот јазик.
Инспекторатот за македонски јазик се предвидува како орган во состав на Министерството за култура со својство на правно лице, чија цел, според Законот ќе биде дејствување на терен и подигнување на свеста за важноста од правилната употреба на македонскиот јазик.
Предлог-законот го Министерството во соработка со Советот за македонски јазик. Проф.д-р. Елизабета Бандиловска, член на Советот денес истакна дека потребата од ваков Закон доаѓа од сè почестото непочитување на законските мерки и негрижата за македонскиот јазик во различни сегменти од општествениот живот.
„Водејќи се од потребата за подигање на јазичната култура, негувањето и заштитата на македонскиот стандарден јазик и неговото кирилско писмо, како и афирмирање на потребата од зголемена општествена и индивидуална грижа за правилната употреба на македонскиот јазик во јавната комуникација се предлага донесување нов Закон на употребата на македонскиот јазик со кој ќе се прошират областите во кој задолжително се употребува македонскиот стандарден јазик“, посочи Бандиловска.
Согласно Предлог-законот, Министерството за образование и наука треба во текот на академската година да објавува конкурс стипендирање студенти за изучување на македонскиот јазик во сите три циклуси на високото образование.
Предлог-законот е јавно достапен на Електронскиот национален регистар на прописи на Република Северна Македонија.