Стојановска и Лукаш ќе ја промовираат сликовницата „Потрага по храброст“ во КСП Центар „Јадро“

Промоција на сликовницата „Потрага по храброст“ од авторката Биљана Стојановска со илустрации на уметникот Владимир Лукаш, ќе се одржи в недела (27 април) во КСП Центар „Јадро“ со почеток во 12:30 часот.

Промотор ќе биде Билјана Црвенковска, а извадоци ќе читаат младите читатели Давид Ангелкоски (10) и Исак Стојановски (6).

Промоцијата ќе се заокружи со музички настап на ВИС „Тркалезна маса“: Ана Голејшка Џикова, Ѓоко Здравески, Васко Марковски, Перица Сарџоски, Владимир Мартиновски, Владимир Лукаш и Биљана Стојановска.

Сликовницата е во издание на „Чудна шума“.

„’Потрага по храброст“ е сликовница која зборува за потрагата по храброст и самодоверба, наменета за најмалите читатели. Малата ластовичка Верка е последна од ластовичките во гнездото што сѐ уште не научила да лета. Откако мајка ѝ ќе ѝ каже дека треба да ја пронајде храброста за да полета, Верка поаѓа во потрага. Потрага по храброст“, велат од „Чудна шума“.

Биљана Стојановска е родена 1984 година. Има дипломирано на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, на отсекот за македонска книжевност и јужнословенски книжевности.

Во 2015 година ја објави нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“ во издание на „Антолог“.

Добитник е на книжевната награда „Тодор Чаловски“ за 2017 година за книгата „Стан што се распаѓа“ (2018, „Галикул“). Tретата поетска книга ,,Додека спиеш” е објавена во 2024 година во издание на ,,Чудна шума”.

Нејзината поезија е преведена на англиски, германски, кинески, српски, полски, словенечки јазик, а застапена е и во повеќе списанија за литература и антологии.

Владимир Лукаш е музичар, визуелен уметник, поет, прозаист. Активно работи во сите сфери на уметноста.