Столе Попов добитник на наградата „Живојин Жика Павловиќ“ за промоција на балканската кинематографија во светот

Македонскиот режисер Столе Попов ја доби наградата „Живојин Жика Павловиќ“ за промоција на балканската кинематографија во светот на манифестацијата „Годишни награди за режисерите“ во Нови Сад.

„Навистина е голема чест да се добие награда која го носи името на Живојин Павловиќ. Голем уметник, голем човек, фантастичен пријател и човек кој имаше големо разбирање за младите луѓе и кој беше една од најзначајните и најавтентичните личности не само на југословенскиот и балканскиот, туку и на европскиот филм. Неговите ставови и поимањето на естетиката на филмот беа блиски на моето убедување и токму тоа толку многу не зближи. Ова е навистина големо признание кое мене ми е подраго од сите награди што сум ги добил досега“, рече Попов во своето обраќање.

Наградата му ја врачи актерот Предраг Мики Манојловиќ кој посочи дека имал среќа да соработува и со Павловиќ и со Попов, се запознал со нивните семејства и смета дека врската меѓу нив двајца е природна, а филмскиот ракопис и израз им е сличен.

Во рамките на манифестацијата „Годишни награди за режисерите“ се одржа конференција на Организацијата за заштита на авторските права и серии панели на Асоцијацијата на режисери од Балканот, на кои со останатите колеги од Балканот учествуваше Игор Иванов Изи, претседател на Друштвото на филмски работници на Македонија.

Мисијата на оваа манифестација, како што пишува во соопштението, е на професијата режисер да и го врати интегритетот и независноста на авторските идеи и да се избори за професионални услови за работа и промоција на нивните дела.