Стоп за фабриката Железара – нема да дозволиме некој да се богати преку нашето здравје

По втор пат за еден месец откако Владата ја одложи примената на еколошките стандарди за повеќе индустриски капацитети, се најавува голем граѓански протест пред влезот на индустрискиот комплекс „Железарница“ во Автокоманда. Кристијан Узунов, еден од организаторите на овој протест за Радио МОФ објаснува кои се барањата на граѓаните, раскажува за борбата со загадениот воздух на жителите од населбите Железара, Чаир, Бутел, Аеродром, но и за потребата од вистински граѓански активизам во земјава.

Стоп за фабриката Железара - нема да дозволиме некој да се богати преку нашето здравје

Кој стои зад организацијата на протестот „Стоп за фабриката Железара“?

Протестот е организиран од засегнати граѓани од населбите околу фабриката Железара. Секој ден се пријавуваат повеќе граѓани за да помогнат на било кој начин.

Кои се вашите барања?

Барањето е едно и единствено ,а тоа е во најбрз можен рок да бидат запазени мерките за заштита на околината и здравјето на граѓаните со поставување на тие толку посакувани филтри. Роковите во никој случај да не се пролонгираат како што беше до сега.

Дали досега сте имале контакт со раководните лица во округот Железарница, пред се со Макстил кој е најголемиот загадувач, како и со надлежните државни органи во сферата на екологијата?

Лично ние досега не сме имале контакт со раководни лица ниту на фабриката, ниту со некој надлежен од било кое министерство, тоа ке го побараме на утрешниот протест. Во минатото се собираа потписи, петиции, многу граѓани поднесуваа тужби до министерство за екологија, но позитивен резултат како што може да се види нема.

Стоп за фабриката Железара - нема да дозволиме некој да се богати преку нашето здравје

Најзагрозени од загадувањето се жителите на Чаир, Бутел, Аеродром и Железара. Како е да се живее со фабрика која топи метали „во дворот“?

Чувството да се живее во населбите околу фабриката е страшно,секоја ноќ знаеме што следува,секое утро гледаме црнила околу нас,прашина, канцерогени облаци над глава и сонце што се труди да се пробие низ нив. Кога мене би ме прашале како е во пеколот,сликата на Железара ми дава интересна представа во глава. И не е само во околните населби, ова го трпи цело Скопје,само ние сме приморани да го гледаме тоа од балкон.

Има ли развиена граѓанска свест во Скопје, ако се земе во предвид дека на Фејсбук сите се гласни, а на протест ретко кој излегува?

Граѓанската свест е на катастрофално ниво ,толку незаинтересираност за решавање на проблем од овие размери јас неможам да разберам. Како ли луѓето можат до толку да не се грижат за себе, за здравјето на нивните деца, мајки, баби, внуци…кај мене во населба секој ден е преполно со деца кој трчаат низ паркчињата, а над нив демне тој убиствен облак. Се надевам дека ке успееме да смениме нешто бидејќи без колективна свест, ние како поединци тешко ќе успееме да го победиме ова лудило.

А постои ли можеби страв кај жителите на Скопје да излезат на протест и да кажат „Стоп за фабриката Железара“ ?

Навистина незнам од што би се плашеле граѓаните да излезат да побараат чист воздух, нешто без што не се живее.Кој има право да ни го одземе воздухот, зашто би му дозволил јас како граѓанин на оваа земја на некој да се богати преку моето здравје. Имаме секакво право да бараме се бориме и за помали работи, а не пак за сопствениот живот. Незнам дали на луѓето им е влезено во глава она „кај што има пари нема правдина”. За мене тие се виновни, тие што ќутат, трпат и викаат добро ми е, може и полошо. Ние не бараме да се затвори фабриката, не бараме да останат луѓе на улица, бараме тоа што е задолжително да го исполнат, а тоа се еколошките стандарди.

Стоп за фабриката Железара - нема да дозволиме некој да се богати преку нашето здравје

Кои се вашите очекувања и планови – што по овој протест?

Очекувањата се да успееме да го кренеме народот пред се да знаат сите дека вака неможе и дека некој свесно не убива без око да му трепне. Да успееме да се избориме во најбрз можен рок да се запазат еколошките стандарди. Еден од многуте начини е овој, преку мирни протести со блокирање на влезови, раскрсници. Е сега за понатака не знаеме ништо, колку ке бидеме игнорирани, како ке се одвиваат работите, можеби и ке примениме и некој други методи на протест. Останува да се бориме до крај. Јас сум спремен на тоа, а се надевам и останатите мои свесни сограѓани,колку и да се!

Ј.Ј.