„Стоп за насилство во училиштата“ – протести на наставниците и затворени училишта низ Србија

Во 47 градови и општини во Србија се одржува протест на наставниците со едно единствено барање – да се запре секој вид насилство во училиштата и просветарите да добијат статус на службено лице.

Поводот за протестот беше ученичко насилство врз професорка по англиски јазик од Техничкото училиште во Трстеник.

„Поддршката за колешката не се доведува во прашање, но овде се работи за сите нас и нашата положба во општеството, за тоа како општеството не` доживува. А како не` доживува општеството, така не доживуваат и децата“, порача за Н1 ТВ наставничката по српски јазик Јелена Аранѓеловиќ од Трстеник.

Според неа положбата на просветните работници е таква што многу од нив се обидуваат да најдат други професии, бидејќи станало неиздржливо да продолжат да работат како наставници. Таа додава дека насилството е нешто што започнало уште многу поодамна, но, според неа, порано авторитетот на професорот не се доведувал во прашање.

Во Белград, протестот започна на Плоштадот „Никола Пашиќ“, а стотиците наставници носат транспаренти со името на училиштето каде работат. Предвидено е нивниот протестен марш да се движи до Министерството за образование, каде ќе ги искажат нивните барања.

Училиштата низ земјата останаа затворени за учениците на барање на Сојузот на синдикатите на просветните работници на Србија, кои се организатори на протестот.

Снежана Романдиќ, од Сојузот на синдикатите вели дека знаат дека станува збор за незаконски вид на штрајк и дека се свесни и подготвени за последиците кои можат да следуваат. Таа напоменува дека досега повеќе пати испраќале апели до Министерството за образование, во надеж дека ќе се најдат модели кои ќе бидат функционални.

„Додека ние гледаме во хартијата, децата вршат насилство, прво врсничко, а потоа напаѓаат и наставници. Не следиме што се случува со тие деца кога одат во средно училиште. Во средните стручни училишта ситуацијата е уште полоша кога се во прашање наставниците кои трпат насилство“, вели Романдиќ.

На почетокот на минатиот месец во јавноста излезе видео снимка на која се гледа како неколку ученици за време на школски час вербално  малтретираат и исмеваат професорка од Техничкото училиште во Трстеник, а потоа ѝ ја тргаат столицата на која седи, по што професорката паѓа на подот додека сето тоа го снимаат со мобилен телефон. Учениците вчера беа испишани од училиштето со одлука на наставничкиот совет.