„Стоп за неказнивоста за убијците со возила“ – протестен марш во сабота во Битола

Со почеток од 12 часот во сабота (21 мај) на плоштадот Магнолија во Битола, кај споменикот Филип Втори ќе започне протестот насловен „Стоп за неказнивоста за убијците со возила“.

Најавата за настанот е објавена на Фејсбук, а доаѓа по пресудата од 18 месеци затвор по сообраќајка во која загина 26-годишно момче на електричен тротинет на 29 јули 2020 година

„Да побараме правда за Оли, но да побараме правда и за сите убиени во сообраќајки, бидејќи сведоци сме дека во последните неколку години, убијците во возила, згаснувајќи многу животи со своето бесно возење, поминуваат неказнето, или со прениски казни, изречени од страна на корумпираната судска власт во ‘нашата држава’. Да кажеме стоп за неказнивоста за убијците со возила“, се посочува во најавата за настанот.

Протестниот марш е најавено дека ќе се упати кон Основниот суд во Битола.