Протестен марш за правда за 22-годишната Фросина Кулакова е најавен во сабота во Неготино. Протестот ќе започне во 14 часот на улицата Маршал Тито, кај семафорите.
„Време е да ја подигнеме свеста за трагедиите што секојдневно се случуваат на нашите улици! Маршираме за да испратиме силна порака: Доста е со жртви на улиците. Овој протест е за Фросина, за Викторија, за сите жртви на сообраќајното насилство и за сите чии животи се изгубени поради немарни возачи и неефикасни институции. Секој од нас е изложен на опасности во сообраќајот. Никој не е заштитен од трагедија. Не смееме да дозволиме оваа серија загуби да продолжи“, се посочува во најавата за протестот која се шири на социјалните мрежи.
Барањата од протестот, како што се наведува се безбедни улици за сите, односно почитување на пешачките премини, ограничувањата на брзината и правата на сите учесници во сообраќајот, како и поголема свест за опасностите, односно строга контрола за возење под дејство на алкохол и наркотични супстанци.
„Најстроги казни за сообраќајните насилници – без толеранција за оние што возат без дозвола, без соодветна обука или намерно ги загрозуваат животите на другите. Одговорност од институциите – крај на заташкувањето на сообраќајните злосторства и правна правда за жртвите“, се додава во барањата.
„Фросина заслужува правда! Викторија заслужува правда! Сите жртви на сообраќајното насилство заслужуваат правда“, порачуваат организаторите.
Ова е втор протест во Неготино на кој ќе се побара правда за Фросина. Претходно двапати се маршираше во Скопје, а протест се одржа и во Кавадарци.