Сторијата „Пандемско профитерство: Другата страна на приказната за КОВИД-19“ на редакцијата на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) ја доби наградата за Најдобра истражувачка сторија на годинешниот конкурс за новинарските награди „Никола Младенов 2020“ кои ги доделува Македонскиот институт за медиуми (МИМ).
Од МИМ велат дека истражувањето на тимот на ИРЛ обелоденува скандал со лажно декларирани тестови за ковид-19 и несигурни заштитни маски, од кои профитираа приватните болници и веледрогериите, а за жал беа изгубени и човечки животи.
„Сознанијата на авторите откриваат дека државата, на почетокот на пандемијата минатата година, немаше воспоставено доволно ефикасен систем за контрола на квалитетот на лековите и медицинските средства што се увезуваа од странство. Истражувањето е темелно, сеопфатно, при што се употребени мноштво релевантни факти, докази и изјави од релевантни соговорници, а дополнително се презентирани и валидни документи кои ги поддржуваат сознанијата на авторите“, посочуваат од МИМ.
Покрај оваа награда денес беа доделени уште две други новинарски признанија. Наградата за Најиновативен новинарски производ ја доби новинарот Алексанар Манасиев за мултимедијалната сторија „Тивките балкански убијци“, објавена на интернет-платформата „Види Вака“, додека наградата на Најдобра репортерска фотографија ја доби фоторепортерката Арбнора Мемети, за фотографијата на тема „Две патки поминуваат на пешачки премин за време на полициски час“, објавена во дневниот весник „Слободен печат“.
Од МИМ соопштија дека на годинешниов конкурс пристигнале вкупно 39 апликации, од кои 19 биле во категоријата за најдобра истражувачка сторија.
Наградите за најдобра истражувачка сторија МИМ ги доделува традиционално од 2001 година, а од 2013 година, наградата го носи името на угледниот новинар и сопственик на неделникот „Фокус“, Никола Младенов.