Стотици илјади наставници од Јужна Кореја протестираат откако самоубиство на колега го отвори проблемот со притисоци од родителите

Стотици илјади наставници протестираа во Јужна Кореја по самоубиство на наставник за кое се сомнева дека било извршено поради силните притисоци кои ги имал во образовниот систем во земјата.

Бесните наставници велат дека се соочуваат со премногу остри барања, па дури и малтретирање од страна на родителите и бараат законски измени со кои би добиле поголема заштита како професија.

Во саботата на протестот учествувале околу 200.000 наставници, според проценките на Корејското здружение на наставници. Дополнително, вчера околу 50.000 наставници ја прекинале наставата и се собраа во главниот град Сеул со цел да му оддадат почит на починатиот колега, и покрај предупредувањата од властите дека штрајкот би се сметал за незаконски, пренесе Си-Ен-Ен.

Починатиот наставник предавал во основно училиште во Сеул и починал во училиштето на 18 јули, според соопштението на Министерството за образование на Јужна Кореја, кои спроведоа истрага за смртта. Два дена по смртта, претставникот на регионалната канцеларија на Министерството во Сеул, Чо Ге-јеон изјавил дека наставникот „за жал, се одлучил на екстремен чекор“, што во Јужна Кореја е честа фраза која се користи за самоубиство.

Тој информирал дека полицијата уште го истражува случајот, но посочил дека „законските образовни активности на наставниците не се заштитени“ и повикал на посебни мерки со кои наставниците би добиле поголема правна и институционална заштита.

По покренувањето на истрагата, образовните власти одговорија не некои од гласините кои кружеа по социјалните мрежи, вклучително и тоа дека расправија помеѓу два ученика била главната причина за смртта на наставникот.

„Родителите на двата ученика имале состанок со наставникот. Наставникот добил повеќе телефонски повици од еден од родителите и се чувствувал под стрес и некомотно околу тоа како родителот дошол до неговиот личен телефонски број“, изјави во август заменик министерот за образование.

Сепак, заменик министерот рекол дека дотогаш не било јасно дали наставникот се соочил со некакво вербално насилство од родителот.

„Според дневникот на наставникот и резултатот од интервјуата со неговите колеги, истрагата покажа дека наставникот имал проблематичен ученик и дека имал проблем да го води одделението и дека имал многу работа бидејќи било почетокот на полугодието“, додаде заменик министерот.

Властите сепак не споделуваа дополнителни детали околу причината за смртта на наставникот.

Овој случај ја прели чашата за многу наставници и вработени во образованието низ Јужна Кореа, кои долг период се жалат дека не можат да ги дисциплинираат учениците поради страв од одмазда. Неколку други извештаи на самоубиства на наставници исто така го подигнаа револтот и имаше повеќе протести пред штрајкот вчера.

Според податоците на Владата, околу 100 наставници од државните училишта во Јужна Кореја се самоубиле во периодот од јануари 2018 до јуни 2023 година. Податоците не покажуваат детали околу причините за самоубиствата и не е познато колку од овие самоубиства се поврзани со работата. Сепак, многумина од експертската јавност за ваквите бројки вината ја лоцираат во контроверзниот закон за злоупотреба на децата воведен во 2014 година.

Според овој закон, секој кој се сомнева дека некое дете е предмет на злоупотреба тоа може да го пријави до надлежните без да треба да обезбеди било каков доказ. Властите потоа може да го истражат тоа тврдење, вклучително и да дојдат на местото на злоупотребата – во овој случај училиштата – и да ги испитуваат сите вклучени страни.

Наставниците сметаат дека на нефер начин се мета на родителите кои мислат дека нивните деца биле навредени, некогаш и по цена на работните места. Во анкета на Синдикатот на наставници и просветни работници на Јужна Кореја, повеќе од 60% од наставниците рекле дека или тие лично, или знаат некој кој бил пријавен за злоупотреба на дете.

„Моменталниот закон за заштита од злоупотреба на децата ги ограничува наставниците во училницата. Секако, мнозинството наставници и родители се во ред, но некои родители го злоупотребуваат овој закон и ги тужат наставниците за злоупотреби на децата“, вели за Си-Ен-Ен наставничка во основно училиште, која била дел од вчерашниот штрајк.

„Има многу тешкотии при учењето на децата во училиштата, бидејќи на наставниците не им е даден авторитет. Иако законот беше донесен со добра намера, тој е предмет на многу чудни стандарди“, изјавила друга наставничка која сакала да остане анонимна.

Таа додала дека многу просветни работници се под голем стрес поради стравот дека можат да бидат пријавени од лути родители, дури и за некои мали дисциплински однесувања кон учениците во училиштата.

Чо Ге-јеон ги повика наставниците да не се вклучат на штрајкот за да се избегне хаос. Во соопштение објавено на интернет тој предложи да се основа консултативно тело кое би било вклучено во истрагата за смртта на наставникот.

Наставниците, сепак, велат дека нема да бидат задоволни доколку не се промени законот.

„Ќе ги заштитиме наставниците и ќе направиме промени со цел ниту еден наставник да не одлучи да си го одземе животот“, изјавија од организацијата „Сите како еден“ кои ги организираат протестите.