Огромни маси демонстранти, кои бројат стотици илјади, втор ден по ред се судираат со полицијата во поширокото централно подрачје на Истанбул, во продолжение на протестот во кој вчера беа повредени над 1000 луѓе. Изливот на гнев кај граѓаните поради намерата на властите да дозволат изградба на трговски центар на местото каде досега имало парк, се претвори во масовни демонстрации против политиките на актуелната влада на Реџеп Таип Ердоган. Многумина од демонстрантите го обвинуваат турскиот премиер дека се обидува да воведе авторитарен режим во земјата.
Низа меѓународни организации за заштита на човековите права утврдиле употреба на прекумерна сила од страна на полицијата, која со солзавец и водени топови се обидува да ги растера демонстрантите. Активистите веќе прогласија дека во земјата се случува „Турска пролет“, слично како во арапските земји9 пред неколку години. Тие се жалат дека провладините и мејнстрим-медиумите во земјата се обидуваат да го стават протестот во втор план и веќе пет дена не известуваат за големите демонстрации.
Бранот на незадоволство се шири и во другите турски градови. Во престолнината Анкара, илјадници луѓе се собрале во парк, каде демонстративно пиеле алкохол, во знак на протест против владините рестрикции и забрани за продажба и рекламирање на алкохолот.