Независниот лабел „Стотројка“, кој произлегува од култното радио „Канал 103“, го објави изданието „Resonances“ на Марек Јежина алијас Club Alpino, музички продуцент од Полска.
Страствен за етнологијата, тој ја истражува врската помеѓу органскиот свет и животот во консумеристичката сфера, полна со „играчки и забава“.
Изданието што се наоѓа на Бендкемп-от на „Стротројка“ е мешавина од електроника, мрачен амбиент и индустријал звук, особено погоден за оние музички истражувачи кои сакаат експериментална ноќна музика.
Всушност се работи за сесија во живо, која требаше да биде резултат на неговата резиденција во Скопје во април 2020. Но, како што вели и самиот – тогаш фати пандимијата.
„Бидејќи физичкото патување беше невозможно, користев замислени патеки: Заклучен во моето домашно студио во Вроцлав со лаптоп, синтисајзер Роланд и касетофон Јамаха, мојата изведба беше рефлексија на сеќавањата и чувствата од моите претходни посети на Скопје и е-мејловите што ги разменував со Ѓорѓи Јаневски низ годините“, посочува Јежина.
Музиката првично е емитувана на 26 април 2020 година на радио емисијата „A Colder Consciousness“, водена од Флора Питроло.
Фотографијата и коверот на изданието е на Јелена Белиќ.