За сите оние кои имаат месечна претплата на Netflix, најголемата светска стриминг платформа, сигурно во топ препораки за гледање им се нашла серијата Stranger Things, еден своевиден светски поп феномен на серија чија популарност само се зголемува со секоја помината сезона. Оваа година излезе најновата, четврта сезона, со тоа што последните две епизоди на сезонава ќе бидат емитувани на први јули, па затоа ова е одлична можност да посветам малку време на првата сезона.
Stranger Things е чедото на браќата Дафер, односно Мет и Рос Дафер, кои како дел од генерацијата која израснала во осумдесеттите години на 20-от век имале идеја да направат серија во духот на хорор мистериите од тој период, со внимателно ставени референци во различни епизоди како придонес за влијанијата кои ги стекнале во своето детство. Првата замисла била Stranger Things да биде антологиска серија, а со тоа првата сезона да биде комплетна приказна, па во случај на втора сезона дејствието да се случува во друг временски период, на друга локација со други протагонисти. Сепак првата сезона се покажа како голем хит па браќата Дафер се решија на планот Б: да ја продолжат приказната со оригиналната екипа, создавајќи различни, интересни и комплексни приказни со секоја нова сезона.
Годината е 1983. Хокинс е мало градче во американската сојузна држава Индијана, каде повеќето жители се познаваат меѓусебно и за кое важи репутацијата дека е претежно мирно, досадно, без вревата на големите градови. Една саботна вечер, Мајк, Лукас, Вил и Дастин одржуваат сесија на друштвената игра Dungeons and Dragons. По завршувањето на сесијата, секое дете се враќа дома, но Вил исчезнува. Никој во градот нема одговор за неговото исчезнување. Додека шерифот Хопер верува дека Вил залутал, Џојс, мајката на Вил смета дека има нешто повеќе во целава приказна. Иако локалните авторитети не и веруваат, мајчинскиот инстинкт е во голем дел во право, бидејќи во овој случај е испреплетена и кризата на околниот државен научен институт во Хокинс во која центарот на вниманието го има девојчето кое се нарекува Единаесет, поседувајќи страшни натприродни моќи.
Stranger Things е љубовно писмо од поп културата на осумдесеттите. Не би рекол дека првата сезона е реклама или референца шоу за тој период, туку дека серијата си има цврсто заснована приказна која е сместена во тој период, а каде референците се поставени како позадина која не е нападна во конкретните сцени. На пример, ако се појави лик кој ќе спомне дека одредена сцена го потсетува на „она суштество“ од роман на Ствен Кинг (Kujo), тоа би било логично бидејќи во осумдесеттите токму Стивен Кинг стекнува фама со својата хорор проза. Во една сцена Џонатан, постариот брат на Вил се потсетува на времето кога заедно ја слушаат „Should I Stay or Should I go“ на The Clash, момент во кој е претставено колку браќата си значат еден на друг. Таа сцена не е за промоција на The Clash и да се даде на значење колку песната е добра (реално, многу е добра), но во преден план е претставена блискоста на браќата Бајерс.
На техничко ниво првата сезона е одлична, каде се се поклопува како што треба – од камера до звук, од мирните до тензичните моменти. Транзицијата од сцена во сцена е посебно важна бидејќи Stranger Things е исполнета со многу ликови и приказната е поделена на неколку делови, па затоа кога ќе почнете со првата епизода ќе приметите нешто необично – нема замор, и покрај големиот кастинг кој произведува своја магија на сцената за ниту еден момент да биде досаден.
Актерската постава е поделена на три тима, па следствено на тоа паралелно следиме три дејствија во првата сезона. Првиот тим го сочинуваат децата: Мајк (Фин Волфхард), Дастин (Гатен Матарацо), Лукас (Калеб Меклохлин), Единаесет (Мили Боби Браун) и Вил (Ноа Шнап). Вториот тим го претставуваат повозрасните тинејџери: Стив (Џо Киири), Ненси (Наталија Даер) и Џонатан (Чарли Хитон). Третиот тим го сочинуваат повозрасните: Џојс Бајерс (Винона Рајдер) и Џим Хопер (Дејвид Харбор).
Најголемото изненадување за мене е детската екипа. Постои неверојатно добра хемија помеѓу децата за што во целиот тек забораваме дека овие деца се актери, а токму најтешкиот аспект за кастинг паѓа на наоѓање на идеални деца за нивните улоги. Немам никаква замерка, децата во серијава си се едноставно – деца, кои се собираат после школските часови за да играат DnD, кои собираат сила и храброст да го најдат Вил на своја рака (најголема инспирација за детската дружина произлегува од романот IT на Стивен Кинг, каде исто така група на деца се обидува да го спаси своето градче од натприродно зло), кои и покрај се, не се имуни на меѓусебни кавги во ситуации кога групата е на раб на распад. Во првата сезона најголем спотлајт имаат Фин Волфхард и Дастин Матарацо и уверен сум дека во блиска иднина, после завршувањето на Stranger Things ќе добиваат понуди за нови филмски проекти.
Тинејџерскиот тим е интересен од поинаков аспект, каде браќата Дафер кршат едно клише кое беше стандард во голем број на тинејџерски драми и комедии од осумдесеттите. Не сите, но многу тинејџерски филмови беа проследени со срамежливиот и повлечен протагонист средношколец кој на крајот станува херој и ја добива девојката на своите соништа, додека на другата страна е успешниот, но лош и арогантен jock (успешни и надежни млади спортисти) кој на крајот добива заслужен ќотек и се повлекува со подвиткана опашка. И овде имаме ситуација на jock (Стив) и loser (Џонатан), но тоа така изгледа само на прв поглед, бидејќи браќата Дафер ја додаваат комплексноста на ликовите која е повеќе од неопходна во ваква серија за кршење на стереотипите и клишеата во вакви сетинзи. За фалење е промената и созревањето на Стив Харингтон кој е одлично толкуван од Џо Киири, и затоа не е чудно што Стив е еден од најомилените ликови на публиката.
Сепак, третиот тим, односно повозрасните ликови повеќе се истакнуваат. Оваа серија е значајна и за Винона Рајдер и за Дејвид Харбор. Винона Рајдер беше дел од успешната млада холивудска генерација на актерки каде она направи голем пробив со хит филмовите на Тим Бартон – Beetlejuice и Edward Scissorhands, каде претежно ја памтиме како интересен и по малку ексцентричен лик кој зрачи со своја автентична енергија. 30 години подоцна ја гледаме еволуцијата на Винона Рајдер која покажува, пред се, кон Холивуд, за релевантноста на постарите актери и актерки кои се поретко добиваат шанси за улоги во градот на соништата, но затоа стриминг платформите ја искористуваат можноста да им дадат релевантни улоги во големи проекти наменети за самите платформи. Лута, загрижена, ранлива, борбена, упорна, Винона Рајдер се истакнува во секоја секунда во која се појавува. Од друга страна го имаме Дејвид Харбор, актер во сенка според малите улоги кои ги имал до пред Stranger Things. Иако има учествувано во реномирани филмови како Brokeback Mountain и Quantum of Solace, Харбор има речиси незначително присуство. Тоа се менува со неговото прво појавување како шерифот Џим Хопер, каде следиме еден навидум незаинтересиран полицаец кој рутински и објаснува на Џојс Бајерс дека син и можеби заскитал во шумата кој, со секоја помината сцена ни дава слика на длабоко комплексна личност, трауматизирана од маките на еден пропаднат брак. Токму случајот на исчезнувањето на Вил ќе го поттикне локалниот шериф да ја остави чашката виски (барем на одредено време) за да може да добие нова шанса да ги поправи работите кои претходно не можел да ги надмине.
Првата сезона на Stranger Things е вреден вовед во универзумот на браќата Дафер кој треба да биде крунисан со финалната, петта сезона, за која се уште немаме информации кога би се прикажала на Netflix. Во меѓувреме, ни остануваат четири сезони кои ќе се комплетираат на овој први јули. Доколку не сте ја погледнале, гледајте ја. Ако немате Netflix, сигурно имате Stremio, а доколку веќе сте ја погледнале, репризирајте ја.
Марјан Болтевски
Марјан Болтевски е долгогодишен водител на „Поларис“, емисија за научна фантастика, фантазија и хорор која оди во етерот на Радио МОФ. Оваа емисија стана негова традиција од 2014 година, со нови содржини и за наредниот период, како и проширување на активностите во областа на пишаниот збор со рецензии, осврти и ретроспективи. А, покрај вообичаените „осомничени“, тој ќе се труди да развие и навика на правење утрински склекови.