Страницата „Најди ме“ ќе помага во пронаоѓање исчезнати деца

Македонија од денеска, 18 декември, е дел од меѓународниот систем за рано предупредување на исчезнати деца, Амбер алерт, кој во земјава ќе биде познат како „Најди ме“.

Иницијативата е на невладината организација „Новинари за човекови права“, која скоро три години работи на негова имплементација и јакнење на капацитетите на сите чинители кои се грижат на заштита и правата на децата. Македонскиот Амбер алерт е правен по теркот на австрискиот.

„Системот за рано предупредување во форма на веб страница https://najdime.org.mk/ функционира на три јазици, македонски, албански и ромски, и помага во споделување на информации за исчезнати лица, но нуди и информации за најблиските, како да се однесуваат, како да постапат, што да направат следно, како да се справат со ситуацијата“, соопштуваат од „Новинари за човекови права“.

Од таму објаснуваат дека информациите ќе се споделуваат преку дигиталните платформи на различни бизниси, како банките, кои ќе објавуваат на банкоматите. Такси превозниците ќе добиваат информација преку каналите на интерно комуницирање, може тоа да е преку смс порака.

„Здружението на хотелиери и ресторани ќе добиваат информација, која вработените ќе ја добиваат на својот работен пулт и со тоа ќе можат да препознаат доколку некое лице кое е пријавено за исчезнато и се појави во некој од објектите. Јавниот градски превоз ќе може да ја сподели информацијата на своите дигитални дисплеи во автобусите и на дигитални слајдови ќе се споделуваат информациите“, посочуваат од организацијата.

Системот дополнително ќе се развива, со вклучување и на други субјекти.

Во последната година поточно од 1 јануари 2023 заклучно со 13 декември 2023 година вкупно пријавени за исчезнати се 69 лица. Четири од нив се деца. Поголем дел се веќе пронајдени или сами се вратиле, а потрагата трае по 22 лица, од кои 2 се деца.

„МВР постапува до пронаоѓање на исчезнатите лица, а причините за исчезнување најчесто се несогласување на родител/старател, деца од дисфункционално семејство итн“, велат од Министерството за внатрешни работи.