Секојдневно можат да се забележат бројни пропусти во употребата на македонскиот литературен јазик и неговото кирилско писмо. Последниве неколку години многу се зборува, но малку се прави за негова заштита, негување и подигање на јазичната култура кај граѓаните.
Македонските граѓани постојано се сведоци на правописни грешки, од типот на “сеуште” или “незнам”, користење дијалектни зборови и грешна интерпункција. Ова не е случај само на социјалните мрежи, туку и на места на кои употребата на литературниот јазик би требало да биде на највисоко ниво – како во учебници, медиуми, институции.
Истовремено, кај младите станува сè поактуелна употребата на странски зборови. Ако во минатото лексичкото влијание било од српскиот, сега на негово место е англискиот јазик. Тоа доведува до создавање на целосно нов начин на комуникација, и оддалечување од основните јазични правила.
Според доцент д-р Бобан Карапејовски од Филолошкиот факултет при УКИМ состојбата со македонскиот јазик не е многу различна од состојбата со сите други области во рамките на образованиот систем.
„Тоа значи дека ние сериозно, покрај развивање на свеста за значењето на изразувањето и на совладувањето на знаењата преку јазикот, воопшто, а на оние на кои им е мајчин македонскиот – со акцент на овој јазик, треба да размислиме за нови, поинакви, други начини на кои водењето сметка нема да го сведеме на санкции и учење на правилно и погрешно, туку работење на атрактивност и практична примена, функционална писменост на учениците”, вели тој.
„Јазичните девијации да се отстранат од официјалната комуникација“
Не постои прецизна статистика, но очигледно е дека голем број луѓе имаат проблем со правилната употреба на јазикот. Многу ретко може да се сретне текст без никаква правописна грешка, дури понекогаш се сретнуваат и зборови од различни дијалекти, или зборови од туѓо потекло, најчесто од англискиот јазик.
Според Карапејовски, сè ова не е страшно, бидејќи јазикот е динамичен систем. Сепак, тој подвлекува дека важна е свеста дека ваквите јазични девијации треба да се отстранат во официјална комуникација, како што се училиштата, медиумите или во јавните настапи.
„Се разбира, се појавуваат и поместувања на подлабоко системско рамниште, во синтаксата, т. е. во структурата на реченицата, во калкирања (буквални преводи), па сега веќе не се ‘заработуваат’, туку се ‘прават пари’. Сето тоа не е страшно, самото по себе, јазикот е динамичен систем. Просто, само треба да се работи на свеста и да се констатираат овие поместувања. Така, веројатно, и полесно ќе се направат корекции“, објаснува доцентот.
Според него, македонскиот јазик нема ексклузивни проблеми кои не се појавувале и во развојот на другите јазици. Како најголем проблем тој го издвојува немањето свест за значењето на јазикот – како алатка на писателите и на новинарите на пример, како средство за комуникација од сите луѓе и како естетски врв за филозофите, естетичарите и уметниците.
„Ако се поработи на кревањето на свеста, на афирмацијата и на давањето соодветно место во системот на образованието на јазикот, сите проблеми, со добра наука и јазично планирање, ќе се решат”, додава Карапејовски.
Проблемот ќе се решава преку закон
Владата пред еден месец го усвои Предлог-законот за употреба на македонскиот јазик, кој е влезен во собраниска процедура.
Од Министерството за култура, кои се предлагачи на овој законски текст, за Радио МОФ велат дека очекуваат и пратениците да го препознаат суштинскиот проблем со кој се соочува македонскиот јазик, а со тоа и потребата од носење на ваков закон за да се спречи „алармантната неправилна употреба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо, како и непочитувањето на законските мерки од постојниот Закон од 1998 година“.
Од Министерството фокусот го насочуваат кон повеќе проблеми и тоа на различни нивоа и сегменти, како што се: занемарување на правописните норми и нивно несоодветно користење кога се појавуваат нови јазични и лексички појави во јазикот, нелекторирање или нестручно лекторирање книги и текстови од кој било вид, нефункционалност на наставните планови и програми во реализацијата на наставата по македонски јазик на сите образовни степени, што придонесува за постигнување слаби резултати во изучувањето и во совладувањето на македонскиот јазик.
„Посебно се забележуваат неправилности во говорниот израз, особено во медиумите. Ние и во овој момент имаме Закон кој нуди многубројни решенија и механизими за градење соодветна јазична политика. Но, потребно е тие да се прошират за да одговорат на предизвиците на новото време, на новите јазични форми, на странските зборови кои преку интернетот се одомаќени како ‘диво месо’. Новите медиуми, за жал, со години во нашето секојдневие накалемуваат некој новоговор и, за жал, покрај другите негативности, нè соочија со поразителниот факт дека и во 21 век нашата помлада популација обесписменува во сите фонтови. Затоа и годинашното мото за 5 Мај, Денот на македонскиот јазик, беше ‘Пишувај на кирилица’, за да не го заборавиме нашето преубаво и посебно кирилско писмо“, велат од Министерството за култура.
„Имаме зборови, македонски зборови за сè. Би сакале младите да објавуваат, да пишуваат на македонски со македонското кирилиско писмо и самите да ги осознаат убавината и богатството на сопствениот јазик. Зашто јазикот е последната одбрана од заборавот. Имаме соодветен убав збор за секое ‘гуглање’, ‘стримање’, ‘форвардирање’, ‘гејмирање’…“. А за содржината на напишаното, преполна со неубави зборови, вината не е во јазикот”, додаваат оттаму.
Задолжително лекторирање, национална стратегија и стипендирање кадри
Предлог-законот предвидува проширување на областите во кои задолжително се употребува македонскиот стандарден јазик, како и опсегот на задолжително лекторирање текстови и службени документи што се објавуваат од законодавната, извршната, судската и локалната власт, но и од јавните установи и институции од областа на културата, образованието и науката.
Се предвидува и носење Национална стратегија за македонски јазик, а треба да биде формиран и Инспекторат за употреба на македонскиот стандарден јазик, кој ќе врши надзор врз примената на новиот закон. Дополнително, Министерството би објавувало конкурси за стипендирање кадри за изучување на македонскиот јазик.
Иако Карапејовски се залага за кревање на свеста, сепак тој вели дека додека не се дојде до тоа рамниште потребна е и законска регулација.
„Овој закон предвидува некои работи што се сообразени со времето, со оглед на тоа што претходниот датираше од пред две и пол децении. Главно, добро е што се проширува сферата на задолжителност на употреба на јазикот и јазична редакција на текстовите во јавниот дискурс. За жал, државата нема друг начин за регулација, освен преку инспекторати и казни, па и тоа е составен дел на законите. Веројатно не е лошо да се предвидат и фондови и средства за промоција на македонскиот јазик надвор од Македонија, но и за подлабинско проучување дома. Државата мора да се грижи за нашите лекторати во странство, кои ја вршат улогата и на амбасади на земјава на соодветните универзитети. Нам ни требаат проекти, студии, книги, но и дигитални алатки и ресурси, со кои ќе го етаблираме, или барем ќе го означиме, македонскиот јазик на картата на јазиците во Европа и во светот”, смета Карапејовски.
Јасно е дека Законот не е магично стапче за од корен да ги реши проблемите или да ја подигне свеста дека треба да се користи македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Дел од одредбите кои се предвидени во новиот Предлог-закон веќе постоеја и во актуелниот Закон, но тие не се почитуваа.
Но, носењето на овој закон, барем според надежите на власта, би требало да ја зајакне афирмацијата на македонскиот јазик и неговите особености и да воведе некаков ред во тоа каков официјален текст може да оди во јавност. Доколку на тој начин се избегне да се провлекуваат јазични и правописни грешки во официјалната комуникација на јавните институции, во документите и учебниците од кои учат младите, тоа дефинитивно ќе претставува голем чекор во правилна насока.
Сара Танаскоска
*Овој производ е изработен во рамки на програмата за менторирање на млади новинари, како дел од проектот Fostering Youth activism through online media.