Што да се направи кога факултетот не ги известува студентите за промена времето за полагање испити, зошто се даваат пари за физичко, а не се користи ниту сала, ниту пак базен, како да се постапи кога професотор бара да се купи неговата книга. Ова се само дел од прашањата што денеска му беа поставени на инспекторот Ѓорѓе Илиевски од Државниот просветен инспекторат.
Целта на средбата меѓу студентите со инспекторот пред платото на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“, организирана од Младинскиот образовен форум беше студентите да се запознаат со своите права , но и да се охрабат да пријавуваат проблеми.
Како што истакна инспекторот Илиевски, студентите мора да бидат поактивни и да се интересираат за можностите за пријавување на студентските проблеми. Сепак смета тој, за подобрување на состојбите треба многу да се работи и со студентските правобранители кои се линк меѓу Инспекторатот и студентот.
„Морам да кажам дека на ниво на Република Македонија Студентскиот парламент слабо делува. Студентските правобранители и замениците треба да бидат на страната на студентите и да ги заштитуваат нивните интереси“, изјави Илиевски кој ги охрабри студентите да пријавуваат кога имаат проблем или со име и презиме, но и анонимно.
Од Младинскиот образовен форум Младинскиот образовен форум истакнуваат дека токму стравот и неинформираноста и пасивноста се главните причини поради кои студентите не се борат за остварување на своите права.
„Најчесто сметаат дека ќе подлежат на некакви санкции, дека нема да можат да поминат година, дека ќе имаат проблем со професорот кој што ќе го пријават. Тоа е првиот фактор, стравот. Вториот фактор пак е што не се запознаени со институциите што ги штитат нивните права, а кои ги има кај нас, од Државниот просветен инспекторат, па се до Студентскиот правобранител“, вели Александра Живковиќ од МОФ.
Како што истакнуваат од Инспекторатот, најчести пријави до нив стигнуваат за принудување на купување книги, недоаѓање на професори на предавања, за односот на професорот кон студентот, но и за временскиот рок за полагање.
За време на денешниот настанот, студентите освен што се информираа за правата содржани во правните документи на Универзитетот, можеа на лице местои и да пријават случај.